Како СССР и САД се обидуваа да се спријателат (ФОТОГРАФИИ)

Getty Images; Legion media
Во текот на седумдесеттите години од минатиот век направени се многу обиди да се подобрат односите на капиталистичкиот и на социјалистичкиот блок. Сè падна во вода кога Советите влегоа во Авганистан.

Нобелова награда за Александар Солженицин

Александар Солженицин на гости на банкет кај шведскиот крал Карл Густав, приреден во чест на добитникот на Нобеловата награда. Стокхолм, Шведска, 10 декември 1974 година.

Познатиот критичар на Советскиот Сојуз и на комунизмот, Александар Солженицин, на 8 октомври 1970 година ја доби Нобеловата награда „за онаа морална сила со која непоколебливо се држи традицијата на руската литература“. Потоа во Советскиот Сојуз беше започната голема пропагандна кампања против Солженицин. КГБ формираше специјална група која се занимаваше исклучиво со овој писател. По четири години Солженицин беше протеран од земјата.

Првиот лунарен ровер

Лунарниот ровер „Луноход 1“

СССР не успеа да го испрати првиот човек на Месечината, но затоа испрати робот. Имено, на 17 ноември 1970 година советскиот ровер „Луноход 1“ на далечинско управување се спушти на површината на Месечината. Тоа беше првиот ровер кој слободно се движеше на површината на небесното тело надвор од Земјата, и воедно првата машина на тркала на друго небесно тело.

Суперсерија „Канада-СССР“

Суперсерија „Канада-СССР“

Суперсеријата „Канада-СССР“ беше првиот натпревар, односно хокеарски меч помеѓу репрезентациите на СССР и на Канада во историјата на хокејот. Големо изненадување за целиот свет беше победата на Советскиот Сојуз (7:3) во првиот меч во Монтреал. Беа одиграни вкупно 8 мечеви. Канада однесе четири, а Советскиот Сојуз три победи. Еден меч беше нерешен,

SALT и ABMT

Леонид Брежнев и Ричард Никсон

Двете суперсили на 26 мај 1972 година се обидоа да ја зауздаат трката во вооружувањето и да ја спасат земјината топка од можната нуклеарна апокалипса. Преговорите поврзани за ограничување на стратешкото вооружување (SALT) и Договорот за антибалистички проектили (ABMT) имаа за цел да го замрзнат количеството стратешко нуклеарно оружје на тогашното ниво и да спречат негов понатамошен развој и поставување. Ова беа клучни моменти во периодот на попуштањето на тензиите во текот на Студената војна помеѓу САД и СССР.

5. Изградба на БАМ

Изградба на последната делница од Бајкалско-амурската магистрала.

Бајкалско-амурската магистрала (БАМ) е една од најдолгите пруги на светот. Започната е во 1938 година, но обемните работи се започнати дури во 1974 година. Целата земја работеше на овој „проект на столетието“. Денес БАМ е долга 4.324 километри и го спојува Сибир со рускиот Далечен Исток.

„Сојуз-Аполо“

„Аполо“ во последната фаза на спојувањето

Првото спојување на американски и советски вселенски брод се случи на 15 јули 1975 година. Овој настан е познат како тест-проект „Сојуз-Аполо“ или „ракување во вселената“. Заедничката мисија на американскиот модул „Аполо“ и на советската капсула „Сојуз-19“ беше организирана во научни цели, но имаше и пропагандна мисија, со оглед на тоа дека стана главен симбол на попуштањето на политичките тензии.

Завршниот акт на Советот за безбедност и соработка во Европа од Хелсинки

Хелсинки. Генералниот секретар на ЦК КПСС Леонид Брежнев (десно) и претседателот на САД Џ. Форд пред почетокот на советувањето за безбедност и соработка во Европа.

Први август 1975 година 35 земји, меѓу кои и САД и СССР, ја потпишаа декларацијата за обид за подобрување на односите помеѓу комунистичкиот и капиталистичкиот свет. Договорот ја потврди неповредливоста на границите во Европа по Втората светска војна и ги задолжи 35 потписнички да ги почитуваат човековите права и елементарната слобода, и да соработуваат во економска, научна, хуманитарна и во други сфери.

Побуна на бродот „Сторожевој“

Валериј Сабљин, капетан од трета класа

Капетанот од трета класа Валериј Сабљин на 9 ноември 1975 година ја запоседна фрегатата „Сторожевој“ на Балтичката флота и прогласи почеток на нова револуција. Тој изјави дека советското раководство повеќе не се придржува до доктрините на Владимир Ленин и дека на земјата ѝ се крајно неопходни радикални промени. Поголемиот дел од екипажот не го поддржа Сабљин. Тој е уапсен и погубен следната година.

Култните филмови на Андреј Тарковски

Валериј Сабљин, капетан од трета класа

Тарковски беше исклучително плоден режисер во текот на седумдесеттите години од минатиот век. Во таа деценија се појавија три негови филма: Соларис (1972), Огледало (1975) и Сталкер (1979). Рускиот режисер во 1980 година замина во Италија и повеќе никогаш не се врати во Советскиот Сојуз.

Први експлозии во московското метро

Вагон на московското метро по терористички напад (1977)

Првиот терористички напад во московското метро е извршен во 1977 година. Во три експлозии загинаа 7 лица, а 37 беа ранети. За нападот се осудени и погубени три члена на ерменската национална организација „Национална обединета партија“.

Судир во воздухот на Днепроѕержинск

Судир на авиони над Днепроѕержинск, опашката на еден авион

На 11 септември 1979 година два авиони се судрија во воздухот над градот Днепроѕержинск во Советска Украина. Тоа беше една од најсмртоносните катастрофи во историјата на цивилното воздухопловство. Трагедијата ја предизвикаа неискусните контролори на летот кои по грешка ги насочија авионите Ту-134 еден на друг. Загинаа 178 патници и членови на екипажите.

Советската интервенција во Авганистан.

Гардиски тенковски полк во Авганистан.

На почетокот советското раководство не планираше да учествува во граѓанскиот конфликт помеѓу владата на Демократска Република Авганистан и побунетите муџахедини. Ограничениот контингент советски единици во Авганистан ги обезбедување стратешките објекти и важните сообраќајници. Но, од пролетта 1980 година Советскиот Сојуз беше вовлечен во интензивни вооружени борби. Со советското учество во авганистанската војна завршен е периодот на попуштање на тензиите во американско-советските односи и е започната нова фаза во Студената војна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња