Прва „кредитна организација“ во Русија била Православната црква. Манастирите и храмовите на Стара Русија не ги пљачкосувале ниту разбојниците и крадците, монголските ханови им гарантирале безбедност, а камените сводови можеле за ги заштитат парите и накитот во случај на чести пожари.
Соловецкиот Спасо-преображенски машки манастир на Соловецките острови во Белото море (основан 1420-1430). Соловецки државен историско-архитектонски и природен локален музеј
Сергеј Шимански/SputnikРусите од сите сталежи во 16 и во 17 век во поголем дел биле сиромашни. Понекогаш се обраќале до манастирите со молба да заложат имот и да добијат заем. Некои манастири тоа им го овозможувале на молителите и покрај забраната на црковните собори и на царот.
Должниците главнината и каматата ги враќале или со служење во армијата, или со работа, или давале во залог земја, злато, оружје, стока и скапоцена облека. Каматата изнесувала дури 20% годишно. Во Светото Писмо пишува „ни останувајте никому должни“ (Рим 3, 18) и затоа селаните верувале дека со невратениот долг нема да влезат во Царството Небесно. Доколку должникот долго време не ги враќал парите, му се заканувале вечни маки во пеколот огнен.
Внатрешност на локална канцеларија со орман за чување документи
kraeved1147.ruИсто така се верувало дека прилог за храмот или за манастирот ќе покрие многу гревови. Затоа најимашните луѓе давале дел од својот имот како прилог за Црквата. Така кон крајот на 17 век Руската православна црква поседувала речиси една третина од сета обработлива земја во Русија. На државата тоа не ѝ одговарало, зашто во истото столетие е воведена задолжителната воена обврска, а спахиите немале доволно селани за регрутација. Затоа царот формирал редовна гарда и ја зголемил квотата на регрутирани селани за спахиите. Петар Први го укинал патријарштвото и ја конфискувал црковната земја во корист на државата.
Кога станува збор за царот, тој позајмувал пари во Европа, на пример од семејството Медичи. Останатите земале пари од лихвари. Со лихварство се занимавале и големите земјопоседници и аристократите. Еден од нив бил царевиот соборец Александар Меншиков, најбогатиот Русин во тоа време.
Царицата Ана Ивановна во 1733 година ѝ наредила на Монетарната канцеларија да дава заеми со разумна камата од 8%, но тој заем можеле да го добијат само аристократите со силни врски. Трговците си позајмувале еден на друг, додека селаните практично не учествувале на „кредитниот пазар“ сè до 1882 година.
Санктпетербуршката ковачница за пари во Петропавловската тврдина
Archive photoПресметано е дека на едно селско семејство во 18 век му биле потребни најмалку 26.5 рубли годишно за гол живот, а еден министер само за џепарлак трошел триесеттина рубли месечно, додека на карти губел најмалку 500 рубли годишно.
Првите банки во Русија биле основани во 1754 година. Благородничката банка давала кредити со камата од 6% со заложување на имотот, а Трговската со заложување стока. Благородничката банка е основана со цел да се спаси благородништвото од сиромаштија, зашто обезбедувало кадри за служба во армија и во државните институции.
Благородничка кредитна банка
Archive photoМногумина задолжени благородници сметале дека не должат пари на државата, ами лично на царот кому му служеле. Тоа значело дека долгот не мора да се врати зашто благородникот секако останува на државна служба.
Московска Трговска банка 1903 година
Archive photoНајвисоките аристократи никој не можел ни да ги натера да ги платат долговите. Миленикот на императорката Екатерина Втора Григориј Орлов секоја недела од неа барала 5.000-10.000 рубли, а дворците ги градел на државен трошок. Дури и Григориј Потемкин, најбогатиот човек во империјата (исто така миленик на Екатерина Втора) позајмувал пари и не ги враќал. Тој понекогаш ѝ должел на државата и по 3.5 милиони рубли! Банкарот Сутерланд, од кого Потемкин зел 700.000 рубли и не му ги вратил, извршил самоубиство.
Банкнота од сто рубли со ликот на Екатерина Велика
Archive photoНа почетокот на 19 век благородничката служба во армијата не била евтина. Благородник кој сакал да служи во императорската гарда морал да купи позлатен гардиски мундир, барем два добри коња и комплетно оружје, а морал да има и добра кочија. Офицер кој не бил доволно репрезентативен или немал фини манири можел поради тоа да добие прекор, па дури и да биде исфрлен од полкот.
Благородниците биле големи расипници. На пример, можеле да дадат во мираз и по 10.000 или 15.000 рубли. Толку пари отприлика трошело едно богато семејство за една година. А, еден полковник годишно заработувал само 1.200 рубли.
Портрет на гардискиот коњички полковник Ј.В. Давидов
Руски музејБанките ги намалиле каматите на 4-5% годишно за да го поддржат благородништвото. Доколку долгот не бил платен, заложените имоти не биле одземани, ами биле привремено давани под „старателство“. Дури во 1763 година благородниците биле ослободени од задолжителна државна служба и можеле дa живеат на своите имоти. До 1850 година околу две третини од имотите со кметови биле задолжени на име долг, па дури и по неколку пати.
Државата во 19 век продолжила да основа кредитни организации. Во текот на четириесеттите години од 19 век биле формирани штедни каси за помош на селаните, а во 1860 година основана е Државна банка со основачки капитал од 15 милиони рубли.
Зградата на Државната банка, Санкт Петербург, почеток на 20 век
Здружение „Образование“Нејзина основна функција била со кредити да ја поддржува државата, пропаднатите комерцијални банки и благородништвото. Државата веќе во 1879 година ѝ должела на оваа банка 478.9 милиони рубли, а приливот во буџетот изнесувал 628 милиони рубли. Исплаќањето на овој долг започнало во 1881 година, а завршило во 1901 година. Кредитите што државата ги зела во 1917 година за војување надминале 90% од билансот на Државната банка.
Во суштина, во царска Русија банките цело време ги кредитирале државата и благородништвото. Главната причина за неуспехот на рускиот кредитен систем во тој период се криела пред сè во несовесниот однос на благородништвото кон плаќањето на долговите. Благородниците и самите ѝ служеле на државата како офицери или како чиновници, но пред сè се грижеле за сопствените финансиски интереси.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче