Битката на Сандомирскиот мостобран: Како Т-34/85 и ИС-2 ги потепале „кралските тигри“

ИС-2 на Парадата на победата во Севастопољ

ИС-2 на Парадата на победата во Севастопољ

Министерство за одбрана на Русија
Црвената армија летото 1944 година ја имаше целосната иницијатива. По блескавата победа во операцијата Багратион, Советите стапија на територијата на Полска. Германците се обидоа да ја надоместат очајната ситуација со воведување на „чудо од оружје“ во борбата. Едно од таквите оружја беше тенкот „кралски тигар“.

На десетти август 1944 година Војската на Првиот Украински фронт успешно ја форисираше реката Висла и ја проби германската одбрана југозападно од полскиот град Сандомир. Отфрлајќи делови од германската 4 тенковска армија, советските сили во голема мера го проширија мостобранот. За да спречат воведување поголеми советски сили од кои би можело и понатаму да се развива офанзивата, германската команда се подготвувала за силен контранапад за да го расече, а потоа и да го уништи мостобранот. За оваа операција префрлени се 5 дивизии, од кои една тенковска од групата армија „Јужна Украина“, пет пешадиски дивизии од Германија и три пешадиски дивизии од Унгарија со 6 бригади офанзивно оружје. Исто така поради инфериорноста Германците се обиделе да ја надоместат очајната ситуација со воведување на „чудо од оружје“ во борбата. Едно од тие оружја бил тенкот „кралски тигар“.

Општо земено, овој тенк кој е изграден во нешто повеќе од 480 примероци, требал да ја извршува истата улога како и неговиот претходник „тигар“, со уништување на непријателските тенкови на големи растојанија, користејќи моќен топ од 88 милиметри и дебел оклоп. Но, едно од неговите први дебија доживеа фијаско. За време на нападот на Сандомирскиот мостобран „кралските тигри“ се наоѓаа во тешките баталјони и беа додавани на критичните делови од фронтот каде требаше да постигнат решавачки успех.

На главниот правец офанзива вршеше германскиот 501 тежок тенковски баталјон (45 кралски тигри). На патот германските војски наидуваа на делови од 53 гардиска тенковска бригада, со која командуваше искусниот командир полковникот Василиј Архипов. Архипов имаше големо искуство, војуваше уште во Зимската војна против Финците, а своите тенкови добро ги маскираше и ги поставуваше во заседа, очекувајќи го непријателот.

На дванаесетти август Германците остварија неколку помали успеси, освојувајќи ги селата Шиндлув, Оглендув, пробивајќи се низ положбите на противтенковската артилерија и на пешадијата. Следниот ден, на тринаесетти август германските тенкови се најдоа во неколку добро организирани заседи. Треба да се каже дека од 45 тешки тенкови во акција имаше 12, додека останатите беа повлечени во заднината поради техничка неисправност.

Tiger II, Кубинка

На тринаесетти август 1944 година во седум часот наутро Германците, прикриени од густата магла, со силите на 11 тешки тенкови Тигар II и две оклопни возила со пешадија почнаа напад на безимениот вис кој се наоѓаше источно од Оглендув. На источните падини на висот во заседа се наоѓаа новите тенкови Т-34 со топови од 85 милиметри маскирани со сено. Гардискиот поручник Александар Петрович Оскин ги пушти германските тенкови на растојание од 300 метри по што даде наредба за оган. Уништени се три Тигри II додека останатите започнаа да се повлекуваат. Ова беше прва средба на советските тенкисти со најтешкиот германски тенк.

Борбата со германските тешки тенкови не завршува тука. Истиот ден на друг дел од фронтот тигрите се сретнаа со тенковите ИС-2 од составот на 71 тежок тенковски полк кој е доделен како зајакнување на тенковската бригада на Архипов. Пред зората вод тешки тенкови ИС-2, со кои командуваше поручник Клименков, ја зазеде позицијата недалеку од Оглендув. Кога советската пешадија тргна во напад за да го поврати селото, војниците од краиштата на селата забележаа германски тежок тенк. Со два погодоци Клименков ја уништи куќата зад која се криеше германскиот тенк. Тенкот тргна наназад, но следниот погодок удри во гасениците по што Германците избегаа од тенкот. Екипажот на Клименков уништи уште еден Тигар со неколку удари, по што Оглендув беше ослободен.

Т-34-85 на Парадата на победата во Москва во 2018 година

Но, несреќата за тигрите продолжи. Уште седум кралски тигри попладнето во 14 часот се обидоа да извршат напад на Оглендув во правец на висот 271.2. Тука ги дочека заседа од тенк ИС-2 на постариот поручник Удалов, кој ги пушти тигрите на 700-800 метри растојание. По неколку удари уништи еден Тигар II и оштети уште еден. Германците почнаа да се повлекуваат Користејќи го шумскиот пат Удалов успеа да ги стаса Германците и уништи уште еден тенк. Откако германските тенкови се прегрупираа, повторно тргнаа во напад, но овој пат наидоа на заседа од постариот поручник Гељаков, кој отвори оган на растојание од еден километар, и од трет обид успеа да уништи еден тенк, по што останатите се повлекоа. Во текот на целиот 13 август 1944 година советските тенкисти со артилеријците одбија 7 тенковски напади. Во ноќните борби на 13 кон 14 август 53 тенковска бригада на Архипов зароби четири кралски тигри. Според податоците на советската војска во борбите Шиндилово-Оглендув, Германците имаат изгубено 31 тенк. Еден од заробените германски чудовишта со број 502 се наоѓа во Музејот на тенкови во Кубинка,

Германските тенкови Тигар II пред крајот на војната имаат зададено бројни проблеми на советските тенкисти, пред сè за дефанзивна намена, користејќи го својот моќен топ и оклопот, уништувајќи советски тенкови од големи растојанија. Во борбата на Сандомирскиот мостобран со дејствија од заседа советските тенкисти им имаат нанесено тежок пораз на новите германски тенкови во првата големеа средба и така засекогаш ги запишаа своите имиња во историјата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња