4 надворешнополитички потези по кои ќе биде запаметен Горбачов (по добро и по лошо)

AFP
Додека поголемиот дел Руси искрено се сомневаат во внатрешните реформи на Горбачов (кои доведоа до колапс на Советскиот Сојуз), некои во светот сè уште сметаат дека треба да му се заблагодари на политиката која ѝ стави крај (а, дали ѝ стави?) на Студената војна.

„Вистински државник мора да се грижи за внатрешните работи и да располага со средства за постигнување цели“, вели Фјодор Лукјанов, главен уредник на списанието „Русија во глобалната политика“, кога зборува за Михаил Горбачов. „Но, кога лидерот, макар и популарен надвор од својата земја, ја нема поддршката на сонародниците... па Горбачов е одличен пример дека тоа е мошне слаба позиција“. 

Навистина, државата што ја водеше Горбачов и која ја тресеше економска криза не беше стабилна држава, па и покрај сите негови напори се распадна. А, тоа не е никаков комплимент за лидер за што зборува и истражувањето на јавното мислење: во 2016 година 58% од испитаниците рекоа дека Горбачов има одиграно негативна улога во историјата на Русија. 

Но, на меѓународната политичка сцена Горбачов повлече многу кардинални мирољубиви потези во времето кога Москва и Вашингтон беа на граница на војна, истовремено уривајќи ја целата надворешна политика на СССР и оставајќи ги на милост и немилост своите сојузници. „Распадот на СССР е најголемата геополитичка катастрофа на 20 век, а последиците за Русија беа страшни“, гласи познатата изјава на актуелниот претседател на Русија Владимир Путин. На годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, да се сетиме на најголемите потези на Михаил Горбачов во надворешната политика.

Ги повлече советските единици од Авганистан

Последната советска воена колона го напушта Авганистан, 15.2.1989 година 

Девет долги години (од декември 1979 до февруари 1989 година) Советскиот Сојуз на плеќи го носеше товарот од војната во Авганистан. Оваа војна ја чинеше армијата 15.000 животи, стана „советски Виетнам“, како што еднаш се изрази Збигњев Бжежински, поранешен советник на американскиот претседател Џими Картер. 

И токму Горбачов стави точка на оваа војна. Во февруари 1989 година советските единици се повлекоа од Авганистан. „Го завршивме ова мрачно поглавје“, рече 30 години подоцна Горбачов. Сите [членови на владата] го имаа истото мислење: авганистанскиот проблем не може да се реши по воен пат“. 

Но, што потоа? 

Власта што ја поддржуваше Советскиот Сојуз за час падна, но тоа не стави крај на крвопролевањето. Талибанците ја презедоа иницијативата за во 2001 во земјата да влезе американската војска. И по 30 години од повлекувањето на советската војска од Авганистан во оваа земја нема мир. 

Ја прифати „доктрината на Френк Синатра“

Чехословачката младина го прославува падот на комунистичкиот режим во земјата, Прага, 11.19.1989 

Претставникот на Министерството на надворешни работи на СССР Генадиј Герасимов во октомври 1989 година на шеговит начин ја објасни новата политика кон државите од Источна Европа: „Ја прифативме доктрината на Френк Синатра. Тој ја има песната 'My way'. Сега секоја држава самата ќе решава како ќе живее понатаму, по свој пат и на свој начин“. 

До крајот на 1989 година властите на овие источноевропски држави почнаа да паѓаат како домино. Воениот блок Варшавски пакт во 1991 година официјално престана да постои. 

Го дозволи падот на Берлинскиот ѕид 

Берлински ѕид 

„Мистер Горбачов, урнете го овој ѕид“. Овие зборови во 1987 година американскиот претседател Роналд Реган му ги упати на советскиот лидер, мислејќи на ѕидот во Берлин кој ги делеше Источна и Западна Германија од 1961 година. 

И Горбачов реагираше. Не со зборови, ами со дела. Кон крајот на 1989 година навистина немаше причина овој ѕид и понатаму да постои: Унгарија и Австрија по доктрината на Френк Синатра ги отворија границите и секој од Источна Германија можеше да стаса во Западна преку други држави. На 9 ноември 1989 година властите на ГДР ги отворија границите со Западна Германија и ѕидот беше урнат. 

„Советските единици во ГДР не само што не се обидоа да ги спречат случувањата, ами направија сè започнатиот процес да се одвива мирно“, забележа Горбачов во 2019 година. „Како можевме да го спречиме спојувањето на Источна и Западна Германија кога тоа го сакаа сите луѓе од Источна Германија?“ 

А, што потоа? 

Двете Германии се обединија во 1990 година. Канцеларката Ангела Меркел рече дека дента кога паднал Берлинскиот ѕид бил „момент на среќа“ за сите нејзини сонародници. 

Го намали нуклеарното вооружување 

Џорџ Буш и Михаил Горбачов, Москва 1991 година 

Во 1987 година американскиот претседател Роналд Реган и неговиот советски колега Михаил Горбачов потпишаа Договор за нуклеарните сили од мал и од среден дострел (од 500 до 5.500 километри). За првпат во историјата на двете суперсили постигнат е договор за разоружување, договор кој ветуваше дека Европа ќе стане побезбедно место за живеење. 

Но, неколку месеци пред самото распаѓање на СССР Горбачов со претседателот Џорџ Буш постариот го потпиша и договорот СТАРТ-1 според кој државите можеа да располагаат со најмногу 6.000 боеви глави и не повеќе од 1.600 ракети, што беше најголемо разоружување во историјата на човештвото. 

„Ваквата отвореност меѓу довчерашните противници во сферата на најголемите тајни е без преседан“, вели Владимир Дворкин, поранешен соработник на Горбачов. „Дури ни блиските сојузници како што се САД, Велика Британија и Франција никогаш вакво нешто немаат постигнато“.

А, што понатаму? 

Соединетите Американски Држави во 2019 година еднострано истапија од Договорот за нуклеарни сили од мал и од среден дострел, а новата верзија на СТАРТ (ја потпишаа Дмитриј Медведев и Барак Обама во 2010 година) е на сила од 2021 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња