Како Сталин ја пропушти можноста да зграпчи богатство на саудиската нафта

Getty Images
Советскиот Сојуз во раните триесетти години од минатиот век имаше одлични односи со Саудиска Арабија, но Големиот терор ги однесе животите на неколку важни луѓе и сè тргна наопаку.

Во март 1938 година светот се промени кога Американците во Саудиска Арабија пронајдоа нафта. Нафташите од калифорниската нафтена компанија Arabian Standard Oil Company (идна Arabian American Oil Company или Aramco) открија наоѓалиште на нафта кое е доволно богато за комерцијално производство.

Тоа не беше лесно: откривањето дојде дури по неколку години дупчења кои се чинеа залудни. „Директорите на компанијата во Сан Франциско веќе започнаа да размислуваат за тоа сосема да се повлечат од Саудиска Арабија. Тие веќе имаа вложено милиони долари во бушотините во пустината“, објави списанието Saudi Aramco World. Но, беа упорни и тоа им донесе голем успех.

Американските нафташи не работеа сами на бушотините во пустината. Тие имаа потпишано договор за концесија на нафта со владата на кралот Ибн Сауд. Ова, пак, имаше долгорочни последици: Саудиска Арабија стана еден од водечките производители на нафта во светот, а исто така остана и близок сојузник на Америка на Блискиот Исток. Но, уште една земја можеше да има корист од нафтените наоѓалишта на Судиска Арабија и тоа не некој друг, ами Советскиот Сојуз.

Основање на саудиската држава

До триесеттите години од 20 век Саудиска Арабија беше неразвиена земја на тогашната периферија на светот. Ибн Сауд ја предводеше армијата бедуини и ја освои државата Хиџаз (во која се наоѓаа светите исламски градови Мека и Медина) и во 1926 година ја прогласи својата власт.

Абдулазиз ибн Сауд

Неочекувано, СССР беше првата земја што го призна новото кралство (називот Саудиска Арабија се појави подоцна, на почетокот од триесеттите години од минатиот век). „Советската влада, почитувајќи го народот на Хиџаз, Ве признава Вас како крал на Хиџаз и Неџд“, гласеше пораката што советскиот пратеник му ја предаде на Ибн Сауд. Тој за возврат му се заблагодари на СССР и напиша: „Подготвени сме со советската влада да имаме пријателски односи...“

Ваков дипломатски успех беше можен благодарение на конзулот генерал Карим Хакимов, советски дипломат кој се спријатели со Ибн Сауд и целосно го шармираше. Муслиман со башкирско потекло, Хакимов претходно имаше работено во Иран и ја познаваше арапската култура и арапскиот јазик. Арапите дури и го нарекуваа „црвениот паша“, користејќи ја оваа симболична почесна титула.

Карим Хакимов

Добри односи

Ибн Сауд и неговите поданици беа вахабити, приврзаници на крајно догматското движење во исламот. Од каде тоа тие да се во добри односи со советските официјални претставници кои ги обожаваа само Карл Маркс и Владимир Ленин и ја предводеа атеистичката интернационална револуција? Стануваше збор за различни причини: за Советите беше важно да ја поддржат независната арапска држава која им се спротивстави на Британците во регионот. Затоа тие не ги споменуваа атеизмот и револуцијата.

„Во Саудиска Арабија нема линија на 'Коминтерната' (советска политичка поддршка на комунистичките револуционери) зашто саудиското општество не беше подготвено да ги поддржи таквите идеи и советска Русија повеќе внимание обрнуваше на антибританскиот потенцијал на оваа земја“, пишува Виталиј Наумкин, директор на Институтот за ориентални студии при Руската академија на науките.

Иронично е што на почетокот на триесеттите години од минатиот век СССР ѝ помогна на Саудиска Арабија со енергенси: наследникот на Хакимов, Назир Тјурјакулов (уште еден муслимански советски дипломат) и Ибн Сауд се договорија за испорака на гас и на керозин. Во тоа време Саудијците немаа поим дека практично одат по нафта. Во 1932 година принцот Фејзал ибн Абдулазиз (крал од 1964 до 1975 година) дури и ја посети Москва.

Посетата на принцот

Посетата на Фејзал ибн Абдулазиз беше неуспешна. Бараше од Москва голема сума пари, но советската влада го потсети дека не би било лошо Саудијците прво да го вратат долгот за гас и за керозин. Вториот проблем беше во тоа што СССР не сакаше да им дозволи на своите државјани муслимани да одат на аџилак во Мека и во Медина. Ова беше недозволиво за една комунистичка земја.

Карим Хакимов во друштво на идниот крал на Саудиска Арабија Фејзал ибн Абдулазиз

Сепак, обете страни имаа само убави зборови за оваа посета. Советското списание „Огоњок“ пишуваше: „Значењето на Арапскиот полуостров од година во година е сè поголемо. Појавата на независната држава во овој регион е мошне важна...“ Пет години подоцна дојде до ненадеен пресврт во билатералните односи.

Горчлив крај

Карим Хакимов и Назир Тјурјакулов, советските дипломатски претставници кои воспоставија односи со Ријад и имаа силни врски со саудиската елита беа повикани во Москва во 1937-1938 година. Тоа беше времето на таканаречениот Голем терор, кога во Советскиот Сојуз беа ликвидирани 600.000 „државни непријатели“. Хакимов и Тјурјакулов се прогласени за шпиони и стрелани. Рехабилитирани се во педесеттите години од минатиот век.

Назир Тјурјакулов по апсењето

Убиството на пријателите го разочара саудискиот крал и тој одби да прими други советски дипломати. Советско-саудиските односи во 1938 година фактички престанаа да постојат. Истата година иницијативата ја презедоа Американците и пронајдоа нафта. Така едно кралство на бедуини среде недојдија стана стратешки важна земја.

По половина век, во 1985 година, одлуката на Саудиска Арабија да го зголеми производството на нафта сериозно му наштети на Советскиот Сојуз, кој беше уште еден голем извозник на црно злато. „Цената на нафтата падна за четири пати, што го чинеше СССР 20 милијарди американски долари“, пишува во причините за економскиот колапс на државата Егор Гајдар, познат руски економист и политичар.

Гајдар веруваше дека дампингувањето на цената на нафтата е последниот клинец кој беше забиен во мртовечкиот ковчег на Советскиот Сојуз. Можеби некој ќе рече дека тоа е претерување, но во секој случај саудиската политика многу ја влоши состојбата на и онака слабата советска економија. Ни останува само да погодуваме дали Сталин би ги погубил Хакимов и Тјурјакулов доколку знаеше дека сето ова ќе заврши вака.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња