Во Русија на дното на Волга пронајден брод потонат пред периодот на владеењето на Иван Грозни

Скриншот
На дното на реката Волга на подрачјето на селото Винтовка во Самарската област во Русија е пронајден брод изграден во периодот 14-15 век, се наведува во соопштението на Самарскиот државен технички универзитет.

Резултатите од истражувањето покажаа дека бродот бил направен во 1415 година, плус-минус 85 години. Како што се наведува во соопштението, без оглед на грешката, несомнено е дека пловилото било изградено и потонало пред периодот на владеењето на Иван Грозни, пренесува ТАСС.

Бродот го идентификуваа научници од Техничкиот универзитет од Самара. Научните експедиции беа организирани со учество на професионални нуркачи и претставници на московската научно-производствена компанија „Екран“.

Институтот за мониторинг на климатските и еколошките системи на Сибирското одделение на Руската академија на науките во Томск изврши радиокарбонска анализа на извадено дрвено парче од бродот.

„Веќе може да се каже дека во водите на Средно Поволожје, а особено на подрачјето на Самарската област никогаш не биле пронајдени сочувани бродови со слични димензии од тој период“, рече шефот на Катедрата за социологија, политички науки и историја на татковината, доктор на историски науки Екатерина Семјонова.

Како што покажа истражувањето, бродот со должина од 50 и ширина од 20 метри бил во употреба во 14-15 век. И фрагмент од метална шајка направена 99,5 проценти од железо укажува дека бродот потекнува од средниот век. Научниците истакнуваат дека подоцна на металите им биле додавани разни елементи за да се постигне цврстина.

Се претпоставува дека бродот потекнува од Азија, Скандинавија или Западна Европа, а засега не се знае точно дали се користел за трговски или воени цели.

Според мислењето на упатените, се работи за пронајдок од историско и културно значење што ќе помогне, меѓу другото, да се одговори на прашањето за врските помеѓу подрачјата на Средно Поволожје, Горна и Долна Волга, како се одвивала трговијата и многу други недоумици. Самарскиот брод е единствен според својата старост. Нижненовгородската барка „белјана“, пронајдена пред неколку години во Ветлуга, притоката на Волга, е стара меѓу 300 и 400 години, додека витегорската лаѓа, пронајдена во езерото Онега,  изградена во 17-18 век, се смета за „диносаурус на домашната бродоградба“.

Прочитајте повеќе: За што служеле огромните пловечки куќи во царска Русија? (ФОТО)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња