За што служеле огромните пловечки куќи во царска Русија? (ФОТО)

Самарски обласен уметнички музеј
Овие огромни конструкции личат на сцена од руските бајки, но во времето на царска Русија биле многу корисни. Сигурно се прашувате за што.

Русија отсекогаш била земја на реки и дрвја. Реките притоа имале клучна улога во транспортот на дрва. Во 19 век во Русија за транспорт на големи количини дрво од горните текови на реките Волга и Кама до Каспиското Езеро биле користени таквите огромни конструкции.

Тоа всушност биле пловечки купишта дрво во вид на брод. Годишно се граделе и до 150 вакви конструкции, а во секоја имало од 2 до 13 илјади тони дрва. Овие необични бродови биле долги околу 100 метри, широки 25 метри и високи 5-6 метри.

Овие пловила се нарекувале белјана поради белата боја, бидејќи, полни со свежо исечено необработено дрво, блескале на сонце, рефлектирајќи се во водата.

Подготовките за нивна изградба започнувале зиме. Дрвосечачите поминувале непрекинато 3-4 месеци во шумата. Тие сечеле дрвјата и ги влечеле до потоците што воделе до реките. Напролет од трупците правеле сплавови со кои пловеле по потоците до местата каде што се градела белјана. За транспорт на дрвата од шума со употреба на исклучително рачна работа била потребна беспрекорна логистика.

Белјанаата не се премачкувала со катран, бидејќи веднаш по пристигнувањето на одредиштето била демонтирана. Трупот на белјаната обично бил направен од околу 200 стебла смрека за рамното дно и околу 250 борови стебла за бочните страни. Дрвјата потоа биле товарени во вкрстени нивоа за да можат да се сушат во текот на пловидбата. Товарот обично бил 2,5 до 3 метри повисок од страните на барката. На врвот биле градени привремени куќи за работниците.

Со белјаната се управувало со помош на џиновско кормило, а се движело со крмата напред. Кога ќе пристигнел на одредиштето, целосно го демонтирале, а дрвото потоа се продавало како граѓа или за горење.

Белјаните биле посебно популарни кон средината на 19 век, кога парните бродови користеле дрва. Кога бродовите почнале да користат нафта, побарувачката на дрво опаднала, но белјаните биле користени сѐ до крајот на 19 век, првенствено поради традицијата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња