Најголемото фијаско на советските шпиони

Данското фијаско ја навел советската власт во целост да ја реорганизира разузнавачката служба и да ја направи една од најдобрите на светот.

Иронија е што најголемиот неуспех на советската разузнавачка служба немал врска со нацистите, со Американците или со Британците, ами со мирољубивата, неутрална Данска. Ова фијаско во историјата е запаметено како „Состанок на агентите“.

Малата неутрална Данска во триесеттите години од минатиот век не била особено заинтересирана за разузнавачката служба. Но, оваа скандинавска земја има одиграно значајна улога како клучна станица за пренос на разузнавачките податоци од Третиот рајх во СССР.

Никој не можел да претпостави дека советската служба ќе „запне“ токму на ова место.

Улица во Копенхаген

Аматерски шпиони

За време на Втората светска и на студената војна советската разузнавачка служба била моќна, ефикасна структура, една од најдобрите на светот. Но во дваесеттите и во триесеттите години на 20 век таа била слабо организирана група аматерски агенти кои слабо зборувале странски јазици и немале никакво искуство во разузнавачката работа.

Неуспесите се нижеле. Не можело да помине ниту една година, а во некоја европска земја да не биде уапсен советски агент или протеран воено аташе.

И во Данска аматеризмот сериозно ја расипал работата на советските разузнавачи. Шефот на советската тајна разузнавачка мрежа во Данска Александар Улановски, како и останатите шефови на советската агентура во европските земји, од Москва добивал строги упатства да не реагира на локалните комунисти. Тие, имено, се наоѓале под постојан надзор на локалната полиција. Улановски ја игнорирал оваа наредба, што набргу довело до катастрофа.

Александар  Улановски

Фијаско

Во февруари 1935 година полицијата во Копенхаген добила дојава за асистентот на Улановски, Американецот Џорџ Минк, кој со поддршка на својот шеф ги користел локалните комунисти за разузнавање.

Полицијата открила дека во станот на Минк се одржуваат тајни состаноци. А, тоа била втората грешка на Александар Улановски. Кршејќи ги сите правила на шпионажата, тој на само едно место направил центар на целокупната советска шпионажа во Данска. На ова место пристигнуваа сите тајни податоци од Германија, тука се состануваа сите службеници на разузнавачката служба и регрутираните шпиони.

На 20 февруари полицијата постави заседа и го уапси Улановски, како и тројца важни разузнавачи и десет странски агенти (двајца Американци, меѓу кои беше и Минк, како и осуммина државјани на Данска). Иронијата се состои во тоа што советските службеници тој ден сосема случајно се нашле на тоа место.

Имено, двајца советски разузнавачи, Давид Угер и Макс Максимов, успешно со години работеле во Германија. При враќањето во СССР застанале во Данска за да се сретнат со својот стар пријател Улановски. И тука биле уапсени. Советскиот стручњак за шпионажа Артур Артузов ги прокоментирал настаните на следниов начин: „Изгледа дека е мошне тешко да се избегне обично посетување на пријател кој е толку длабоко вкоренет во нашата земја“.

Последици

Како последица на „Состанокот на агентите“ целата разузнавачка мрежа во Данска е уништена. Разузнавачката служба морала да најде нови начини за испраќање тајни податоци од Германија во СССР.

Компромитирани беа четворица искусни советски разузнавачи (Улановски, Угер, Максимов и Љвович), кои повеќе не можеа да се користат за задачи во странство. „Најинтересна работа во целиот овој случај е тоа што нашите агенти, кои совршено работеа во фашистичка Германија, по доаѓањето на 'неутрална' територија ги игнорираа елементарните правила на шпионажата“, пишува Артузов.

Со оглед на тоа дека разузнавачката служба не беше непријателски насочена кон Данска, данските власти решија да бидат благи. По неколку месеци притвор, шпионите беа вратени во СССР.

Полиција во Копенхаген, 1941 година

Народен музеј на Данска

Советското раководство беше огорчено поради овој дебакл. Јан Берзин, основач и директор на советската воена разузнавачка служба беше сменет од должноста. Климент Ворошилов, народен комесар за одбрана, тогашната советска разузнавачка служба ја опиша како „саката на сите четири нозе“.

Сепак, неуспехот послужи како полезна лекција. Разузнавачкиот систем беше во целина реорганизиран. Советскиот Сојуз за првпат воведе професионална обука за разузнавачките службеници. Тоа беше од клучно значење, со оглед на фактот дека Втората светска војна само што не беше започната. 

Прочитајте исто така: На граница на психофизичките можности: Како работеше супертајната школа КУОС на спецназ во СССР

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња