Нафтен бунар во Балахани (село во близина на Баку), крај на 19 век
Public DomainНа триесетти март 1940 година британскиот извидувачки авион Локид-12А полета од аеродромот Хабани во Ирак за фотографирање на нафтените полиња и на рафинериите во Баку. Од висина од 7 километри, недостижни за советската ПВО, беа фотографирани потенцијални мети за британската и за француската авијација и беа направени повеќе стереоскопски снимки. По четири дена истиот авион изврши официјален лет над Батуми и Поти, каде се наоѓаа рафинерии. Овој пат советската артилерија испали оган, но не успеа да го собори. Што се криеше зад овие изведувачки летови и што сакаа Британците и Французите да постигнат со операцијата „Копје“?
Извидувачки авион Локид-12А, 1938 година
Public domainИсторијата на дипломатијата и на геополитичките игри во Европа во триесеттите години од минатиот век е мошне чувствителна тема. Поради геополитичките комбинации во втората половина на триесеттите години, државните сојузници можеа да се најдат на спротивставени страни. Откако му ги препуштија Австрија, Чехословачка и Полска на Хитлер, Франција и Велика Британија и понатаму го сметаа Советскиот Сојуз за непријател број еден, без оглед на тоа што по германскиот напад на Полска, макар и формално, имаа објавено војна со нацистичка Германија.
Тоа што Полска беше оставена на цедило без каква било воена акција на западните граници или бомбардирање на германските градови, беше јасен доказ дека молчењето на Франција и Велика Британија е планирано. Ниту еден германски град не беше масовно бомбардиран. Британските авиони фрлаа пропаганден материјал над германските градови додека германската војска со 90% од своите сили брзо продираше во Полска. Но, кон крајот на 1939 година Британија и Франција почнаа да планираат една голема мисија за бомбардирање далеку од своите метрополи, но не против Германија, ами против Советскиот Сојуз.
Првиот руски нафтовод Балахани. Изграден е во 1878 година на нафтените полиња во регионот на Баку.
Public domainСо оглед на тоа дека во Азербејџан, но и на Кавказ, се произведуваа 90% од советската нафта, оваа географска област беше Ахилова пета за Советскиот Сојуз, зашто со големи, но и со ненадејни воздушни удари можеше за неколку дена да се нанесе штета од незамисливи размери. Размислувањето за бомбардирање на артериите на нафтеното производство на СССР датираат од порано, од кога болшевиците ги национализираа сите нафтени ресурси и го исфрлија странскиот капитал. Меѓутоа планирањето на операцијата „Копје“ интензивно започна да се развива по паѓањето на Полска и обзнанувањето на пактот за ненапаѓање Рибентроп-Молотов. Во новата геополитичка стварност СССР остана надвор од европската војна, додека Франција и Велика Британија, иако формално беа објавиле војна, останаа без реални воени операции. Во новата геополитичка констелација времето беше на страната на СССР кој во овој период беше прва индустрија во Европа.
Иако по Втората светска војна Франција и Британија ја оправдуваа оваа операција со тоа дека дел од нафтата за Хитлер е испорачувана преку пактот Рибентроп-Молотов, треба да се каже дека СССР беше на третото место по продажба на нафта на Германија, зад Романија и Америка. Сепак, плановите за бомбардирање на Романија и на американски танкери на Канараските острови немаше. Прашањето стана мошне актуелно во времето на Зимската војна, особено пролетта 1940 година. Со оглед на тоа дека Франција и Велика Британија планираа да постават експедициска војска од 100.000 во Финска, преку која беше испратена обилна воена помош, планот „Копје“ паралелно со другите влегуваше во завршна фаза.
Во протоколот на заседанието на координациските групи на штабовите на авијациите на Франција и Британија на 4-5 април 1940 се вели дека воздушни дејствија ќе бидат изведени на градовите Батуми, Поти, Грозни и Баку со цел уништување на нафтеното производство. Како можна цел на нападите се споменува и Одеса. За извршување на задачите планирани се од 90 до 100 авиони од 6 француски и три британски ескадрили. Во еден налет ваква група би можела да исфрли до 70 тони бомби. Во штабот на британското воздухопловство разработен е планот МА-6 според кој врз објектите на Кавказ требало да дејствуваат 4 британски групи со бомбардери „Бленхејм“ и 5 групи бомбардери од американско потекло „Глен Мартин“ на француското воздухопловство. Се сметаше дека Баку ќе биде уништен за 15 дена, Грозни за 12, Батуми за еден до два дена. Планот го доби кодното име „Копје“. Главен надгледувач на операцијата беше маршалот на британската авијација сер Џон Слесор (Sir John Cotesworth Slessor).
Британскиот бомбардер „Бленхејм“ од кој требаше да се изврши бомбардирањето.
Public domainЗа подготовките на Британија и на Франција дозна советската разузнавачка служба преку своите резидентури во Париз, прислушувајќи разговори на воениот персонал кој се подготвуваше за пат на Блискиот исток, а потврда стаса и од амбасадата во Лондон. Исто така извидувачките летови на британското воздухопловство во март не останаа незабележани. А, извидувачкиот лет над центарот за производство на нафта можеше да значи само едно. Веднаш по добивањето на првите сигнали од страна на советскиот воен командант Климент Ворошилов доби наредба да се упати на Кавказ и да ја проконтролира состојбата на ПВО над нафтените полиња. Според важноста и концентрацијата на ПВО Кавказ беше на трето место зад Москва и Ленинград. Со оглед на тоа дека војната со Финска беше завршена, од Ленинградскиот воен округ на Кавказ беа префрлени и радиолокациските уреди РУС-1. По враќањето во Москва и по извештајот на Ворошилов Сталин одлучи доколку дојде до напад, СССР мора веднаш да ги нападне британските бази во Александрија во Суецкиот канал до таа мера што ќе бидат неупотребливи, зашто не можеше да се смета дека само дејствијата на ПВО и на авијацијата ќе успеат да го одвратат масовниот налет на авијацијата. Нафтените полиња беа мошне ранливи зашто бомбардирањето со запаливи бомби можеше да доведе до неконтролирано ширење пожар кој би се гаснел со месеци, додека нафтеното производство би се обновувало една година. Самата одбрана не можеше да биде единствената опција. И само судбината го спречи тој напад. Операцијата требаше да започне на 15 мај 1940 година, а Германија ја нападна Франција пет дена претходно.
По окупацијата на Париз, германската разузнавачка служба го имаше запленето планот кој подоцна јавно го користеше во пропагандни цели, истакнувајќи дека само брзата акција на германската војска го спречила спроведувањето на планот на западните сојузници. Сепак, останува прашањето колку планот „Копје“ беше ефикасен со оглед на тоа дека се знае оти прецизни бомбардирања немаше во раната фаза на Втората светска војна.
Прочитајте исто така: Зошто Јапонија не го нападнала СССР во Втората светска војна?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче