Зборувајќи воопштено, Грозни беше гравитациска точка на судирот. Се сметаше дека Грозни е речиси единственото место околу кое можат да се водат крвави борби, поради тоа што на чеченските бунтовници и на странските наемни војници им даваше можност да ги искористат големите урбани зони за давање организиран отпор на федералните сили на Русија кои имаа голема огнена надмоќ во средствата за поддршка.
Но, излезе дека тоа не беше така. Следуваше уште една крвава битка.
Губејќи ја контролата над поголемиот дел од Чеченија, чеченските бунтовници и нивните странски помагачи беа забиени во Аргунскиот теснец кој како непристапно подрачје беше простор каде се повлекоа и во текот на Првата чеченска војна. Воено-политичка улога бунтовниците можеа да имаат само доколку повторно се пробиеја во населените зони. Поради тоа на располагање немаа голем број луѓе распоредени по должината на границата на Чеченската република, а федералните сили не можеа да ги блокираат сите можни правци на пробивање од теснецот. Мекото место го искористи мошне искусниот командант на чеченските сепаратисти Рустам Гелаев кој го водеше пробивањето во правец на своето родно место Комсомољск на југот од републиката. Чечените успеаја да го заземат селото во кое почнаа да се утврдуваат.
Штом стасаа информациите за заземањето на селото од страна на Чечените, федералните сили тргнаа во блокада на 5 март, не претставувајќи си колкав број Чечени и странски терористи се наоѓаат во самото село. Но, тоа не беше единственото изненадување. По доаѓањето на федералните сили голем број цивили го напуштија местото, така што бегалскиот камп се наоѓаше на само неколку стотини метри од местото каде полека започнуваше крвавата битка. Федералните сили го ставија селото во лабаво опкружување, така што под оган можеше да се најде секој што излегува или што влегува во селото.
На изненадување на командантот на операцијата и на борците на теренот, голема група Чечени остана надвор од селото и започна голем напад со цел пробивање на надворешниот обрач и влегување во селото. Силите на надворешните делови беа премали и не очекуваа олку силен напад. Сергеј Стволов, херој на Руската Федерација се сеќава: „...Во каков напад со извици тргнаа! Ние ги гаѓавме со директен оган, а тие одеа и одеа. Кога одвај ги одбивме, останаа 150 трупа...“
Стволов се сеќава дека само во борбата за Комсомољск неговата единица имала 32 загинати и ранети, додека во целата кампања до битката истата единица претрпела 35 онеспособени, а исто така биле изгубени два тенковски екипажи. Коментирајќи ги настаните, вели: „Косата до денешен ден ми стои накострешена“. Во текот на ова пробивање се одвиваше херојско и брутално гинење на еден тенковски екипаж.
Тенк Т-72 со број 812 кој беше испратен на помош се најде под жесток оган. По кратката борба РПГ-7 погоди во гасениците по што повеќе не можеше да се движи. Тенкот, сепак, и понатаму можеше да дејствува и стана гравитациска точка на борбата целиот 5 март. Тенкот кој беше испратен на помош на погодениот тенк налета на фугас. Поради тоа што се наоѓаше на главниот правец на напад без оглед на непрекинатата артилериска поддршка, екипажот на тенкот остана отсечен до крајот на денот. Откако ја потрошија сета муниција на тенкот му пријдоа Чечени кои со експлозив ги отворија луковите и го обезглавија поручникот и нишанцијата, додека возачот на тенкот го заробија и го одведоа со себе.
Поради погрешна процена за бројот на Чечените во селото на 6 март беше преземено пробивање со одредот на спецназ „Тајфун“ и со одредот „Русичи“ кои успеаја да се пробијат во длабочината на селото и да се утврдат во неколку куќи. Како што се покажа, огнот кој ги дочека беше урагански, па дури сега можеа да видат дека станува збор за во најмала рака стотина Чечени и нивни сојузници од други земји. Џафас Јафаров, поручник на спецназ успеа долго со својот одред да дава отпор и лично да убие неколкумина терористи пред да биде убиен од снајперски куршум. Уште еден херој на РФ загина во Комсомољск.
На третиот ден од борбата, 7 март, започна сериозен обид за заземање на местото. Групата која тргна во напад имаше повеќе од 800 луѓе, но командата и понатаму не беше свесна за бројот на непријателот кој се имаше утврдено во селото. Непријателската група, како што подоцна беше разјаснето, броела повеќе од 1.000 луѓе. Но, федералните сили имаа голема предност во огнената моќ. Покрај поддршката со ударите на авионите Су-25, како поддршка на офанзивните единици беше испратен и системот ТОС-1 (фрлач на ракети со повеќе цевки) „Буратино“, како и системот УР-77 за далечинско чистење на теренот од мини, овој пат користен за уништување на утврдените точки во селото. Една група опколени тргна кон пробивање во брдата, но тоа заврши со пораз, а беше јавено дека „стотици терористи се убиени“.
Фрлач на ракети со повеќе цевки ТОС-1А
Виталиј В. КузминНа четвртиот ден од борбата, 8 март, комбинирана група сили на ОМОН и спецназ од 300 лица, поддржана од неколку тенкови се обиде да се утврди во селото, но како што излезе повторно беа дочекани од силен оган и особено од снајпери поради кои беа претрпени извесни загуби. Од командата јавија офанзивната група да се повлече и дека на селото ќе работи авијацијата.
Од 9 март командата увиде дека огнената поддршка не е доволна, а исто така ни офанзивните сили и станаа свесни за фактот дека во селото се наоѓаат стотици добро утврдени Чечени и, како што ќе се види потоа, голем број платеници од разни националности со големо борбено искуство кои не беа подготвени само да се бранат, ами и да вршат напади и да спречат пробивање низ обрачот.
Откако сфатија дека битката е решена во корист на федералните сили зашто сега е формиран дополнителен обрач околу селото (на помош дојде поголема огнена моќ, вклучувајќи и хеликоптери) опкружените очајнички се обидоа двапати да се пробијат, Во ноќната борба при еден ваков обид на 12 март, Чечените имаа 140 загинати, додека во вториот обид беа уништени со прецизно дејство на системот „Точка“. Овие обиди за пробивање значително ги намалија силите на опкружените, но за целосно ослободување на селото ќе бидат потребни неколку дена и десетина загинати војници на федералните сили. Два дена подоцна три оклопни транспортери на федералните сили беа запалени за време на обидот за ново пробивање во центарот. Но, постепено обрачот се стегаше. Гелаев, откако сфати дека е во безнадежна позиција, со помош на радиоврска повика 300 муџахедини на Сејфулов. Овој одред беше разбиен со удари на артилеријата и на авијацијата, а самиот Сејфулов беше тешко ранет. Крајот на битката се приближуваше. Војската постави далечински контролирано минско поле на јужните краишта од селото зашто се очекуваше последниот голем обид за пробив на самиот Гелаев. Од 15 до 20 март загинаа уште 25 припадници на федералните сили. Последните остатоци на одбраната се уништени. Гелаев, пак, успеа да се пробие од опкружувањето со неколкумина од своето лично обезбедување. Во селото беа заробени и многу странски платеници, како и големи количества наркотици, особено хероин. Меѓу странците освен Арапите кои ги имаше доста во Чеченската војна, беа заробени и сунити од Иран и двајца кинески државјани, како и две снајперистки од кои едната беше Русинка.
Операцијата беше завршена успешно, но бројните недостатоци беа воочени, особено превидите на командата и на разузнавачките пропусти за бројот на Чечените и на платениците во селото. Поради тоа операцијата продолжи, а силите постепено се зголемуваа, што доведе до непотребни загуби. Загубите на федералните сили изнесуваа од 50 до 100 загинати, над десет оклопни возила и тенкови беа оштетени или уништени. Загубите на групата на Гелаев изнесуваа над 550 загинати и 235 заробено, а ако на тоа се додадат и загинатите надвор од обрачот бројот ќе се зголеми за уште неколку стотини. Во текот на операцијата уништени се над 50 бункери, заробени се повеќе од 800 парчиња стрелечко оружје и ослободени се 8 заробени руски војници. Заробен беше и големиот чеченски лидер Салудин Тимирбулатов кој беше одговорен за убиството на повеќе руски војници во Првата чеченска војна. Осуден е на доживотна робија. Гелаев успеа да излезе од обрачот и е убиен дури во 2004 година во судир со руските граничари. Неговиот роден син Рустам загина во борба против сириската војска во 2012 година. Заменикот на Гелаев Хизир Халукаев кој претходно се беше пробил низ обрачот, се предаде во 2005 година и беше амнестиран.
Прочитајте исто така: Крвави лекции од Првата чеченска војна
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче