Крвави лекции од Првата чеченска војна

Игор Михаљев/Sputnik
На 11 декември 1994 година на територијата на Чеченија влегоа единиците на руската армија кои имаа план за два часа да ја заземат побунетата територија. Но, војната беше многу покрвава и потешка отколку што некој може да замисли. Таа го предодреди развојот а Русија години однапред. Russia Beyond-Македонија зборува за причините и за последиците од овие настани.

На 11 декември 1994 година на територијата на Чеченија влегоа единиците на руската армија кои имаа план за два часа да ја заземат побунетата територија. Но, војната беше многу покрвава и потешка отколку што некој може да замисли. Таа го предодреди развојот на Русија години однапред. Russia Beyond-Македонија зборува за причините и за последиците од овие настани.

По распадот на Советскиот Сојуз зајакнаа сепаратистичките тежнеења во автономната република во состав на новоформираната независна држава Руската Федерација. Тие беа најизразени во Чеченската Република која, прогласувајќи независност, го доби називот Чеченска Република Ичкерија. Нејзин самопрогласен претседател беше поранешниот генерал-мајот Џохар Дудаев.

Руските војници претходно веќе ја напуштија територијата на Републиката, но таму останаа огромни резерви оружје и техника. „Во Чеченија тогаш владееше безвластие. Заострувањето на радикалното националистичко расположение во комбинација со големото количество оружје веќе претставуваше опасност не само за целиот Северен Кавказ, ами и за воспоставување на младата демократија во Русија“, се сеќава Иван Рибкин, претседател на Државната дума од 1994 до 1996 година, кој во 1996 беше на чело на Советот за безбедност на РФ.

Руските власти се плашеа дека примерот на Чеченија можат да го следат и други автономни републики.

За подготовка на воената операција беа потребни неколку месеци, но раководството на земјата побрза. Веќе на 11 декември 1994 година на територијата на Чеченија од запад, север и исток влегоа руски единици кои имаа план за два часа да ја заземат Републиката, но наидоа на жесток отпор на силите на Дудаев.

Преговори

Зборувајќи за причините за избивање на Првата чеченска војна не треба да се заборави на нафтата. Чеченија, како регион во кој е лоцирана индустријата за преработка на нафта, беше дефакто внатрешна оф-шор зона на Русија. „Во Чеченија во 1992 година на преработка пристигнаа 6 милиони тони сурова нафта. Притоа нафтените деривати воопшто не се враќаа во државните претпријатија. Производите од преработката беа наменети за приватни компании или за извоз. Може да се претпостави дека сепаратистите се издржуваа за сметка на руската нафта, но поверојатно е друго објаснување: Чеченија е користена како оф-шор зона за избегнување на плаќањето данок“, пишува претседателот за заштита на човековите права „Меморијал“ Александар Черкасов во книгата „Чеченија: Живот во војна“.

Според Иван Рибкин, Москва уште поради една причина не можела да дозволи независност на Чеченија. Таа, имено, стана неконтролиран регион кој ја загрозуваше националната безбедност на Русија: „Се случуваа провокации, киднапирања, неверојатно големи кражби на пари, меѓу другото и од банките од Русија со помош на фалсификувани документи. А, границите на Републиката не беа обезбедувани“.

Но, тогашниот претседател на Врховниот совет на РФ Руслан Хазбулатов, кој во 1994 година беше на чело на мировната мисија во Чеченија, смета дека воената интервенција можела да биде избегната. „Ме наговорија да одам таму со цел уривање на Дудаев од власта и практично успеавме во тоа. Тој веќе се согласи на преговори, но Кремљ ненадејно се реши за вооружен напад“.

„Мала победничка војна“

Русија немаше јасни политички и воени цели – тоа беше основниот проблем на првата чеченска воена кампања, смета политикологот и директор на „Фондот за ефикасна политика“ (една од најзначајните организации за политички маркетинг во Русија во минатата деценија) Глеб Павловски. Во текот на 1994 година рејтингот на претседателот падна на само 3 отсто. Ова, според Павловски, и беше главниот мотив да се започне војната. „Малата победничка војна“ требаше да ја зголеми популарноста на Елцин во општеството.

Но, Русија не успеа брзо да го задуши отпорот на сепаратистите по воен пат. Руските тенкови беа изложени на оган од минофрлачи. Војниците кои преживеаја паднаа во заробеништво.

Војната траеше уште една и пол година. По влегувањето во престолнината на Чеченија Грозни и доаѓањето на зајакнувањето, руската војска започна масовно „чистење“. Се водеа борбени дејства со користење авијација и артилерија. Градот беше целосно уништен. Според процените на организацијата „Меморијал“, меѓу цивилното население на Чеченија во периодот од една година и девет месеци бројот на жртвите достигнал 50 илјади, додека меѓу припадниците на руската војска загинале 5 илјади војници. Не е познато какви загуби имаат претрпено бунтовниците, приближниот број е 2.700 луѓе. Како реакција на дејствијата на Русија ширум земјата дојде до бран терористички напади кои ги организираа бунтовниците.

Симптом на распаѓање

Само во текот на првите неколку месеци од војната Чеченија ја напуштија над 300 илјади луѓе, бегајќи од гранатирањата и бомбардирањата. Некои од нив добија статус на бегалци, а по војната успеаја да се вратат во Чеченија. Но, поголемиот дел мораа да го започнат животот од почеток.

Првата чеченска војна кај жителите на Русија го зајакна впечатокот дека земјата се распаѓа, смета Павловски. „Времето покажа дека овој впечаток не беше оправдан, но тоа беше силен фактор кој влијаеше на целокупниот политички процес“, вели политикологот. „Општествената свест силно беше потресена од опасноста од тероризам кој се нарекуваше чеченски, но всушност беше меѓународен. Типичен пример се Шамил Басаев и неговите терористички напади ширум Русија. Ова неколку години подоцна во општеството создаде подготвеност за војна“, вели Павловски.

Првата чеченска војна беше завршена во август 1996 година. Според договорите, прашањето за статусот на републиката беше одложен за пет години. Русија ги повлече своите сили, но мирот траеше само три години, кога започна Втората чеченска војна.

Прочитајте уште: Со што ќе се занимаваат ветераните од специјалните единици во Чеченија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња