1. август 1941. Одбраната на Москва.
TASSНиколај Спиридонов, кој беше командант на Московскиот кремљ од 1938 до 1953 година, од првите денови на војната размислуваше за камуфлирање на Кремљ.
Б. Јофан. Проектот за камуфлажа на источната фасада на камбанаријата „Иван Велики“.
Archive photoОваа тврдина не беше само седиште на советската власт туку и духовен симбол на целата земја. Поради тоа Спиридонов поднесе доверлив рапорт до народниот комесар за внатрешни работи Лаврентиј Берија со предлог да камуфлира Кремљ, по што камуфлирањето беше спроведено на дело.
Тоа не беше лесна задача: требаше да се маскираат 28 квадратни хектари и неколку високи објекти како што се кремљовските кули и камбанаријата „Иван Велики“. Германска бомба тешка 250 килограми го погодни на 22 јули 1941 година Кремљовскиот дворец, но не експлодираше.
Б. Јофан. Проектот за камуфлажа на Троицката кула, објектите и ѕидините на Кремљ од страната на Александровскиот парк.
Archive photoСите кули на Кремљ беа бојадисани во различни бои и прекриени со дрвени шаторести конструкции. Сите покриви на објектите во Кремљ беа бојадисани во ’рѓавосмеѓа боја така што не се разликуваа од повеќето московски покриви. Сите калдрмисани површини меѓу објектите беа посипани со песок. Парковите во Кремљ беа покриени со оптегнати платна со цртежи кои личеа на покриви, а фасадите на кремљовските згради бојадисани за да ги збунат германските пилоти. Кремљ беше камуфлиран да личи на станбен кварт. Овој план го смисли Борис Јофан, најистакнатиот и најдобро платен советски архитект во тоа време.
Камуфлираниот мавзолеј на Ленин.
Archive photoЕдна од главните непријателски цели беше мавзолејот на Ленин. Тој беше покриен со огромна дрвена конструкција во форма на квадрат, така што личеше на обична зграда. Телото на Ленин на почетокот на војната беше однесено од престолнината, а вратено дури 1945 година.
Се разбира, никој не сакаше станбените квартови на Москва да бидат бомбардирани и затоа во целиот град беа применети строги мерки на безбедност. Тогаш Москва имаше околу 4,6 милиони жители (по евакуацијата бројот на жители беше намален на околу 2,1 милиони).
Големата Татковинска војна, 1941, Москва, СССР. Војници ракуваат со четирицевен противвоздухопловен митралез штитејќи ја Москва од германската авијација во текот на Втората светска војна.
TASSМногумина московјани уште во предвоените години поминаа обука за цивилна заштита и сега, за жалост, дојде време да се применат тие знаења. Жителите на Москва ги гасеа запаливите бомби, ги лепеа прозорците со изолир-лента и го почитуваа строгиот полициски час (од полноќ до 5 часот наутро беше забрането движење на возила и пешаци).
Набљудувачница на покривот на библиотеката „Ленин“.
Наум Грановски/TASSОд градот беа евакуирани преку 200 фабрики, а погоните кои останаа во Москва првенствено произведуваа роба, муниција и опрема за фронтот.
Во народните противпожарни одреди се пријавија преку 200000 доброволци. Властите ангажираа стотици илјади московјани за изградба на барикади во градот (без паричен надомест, се разбира). Покрај тоа, московјаните изградија две големи одбранбени линии надвор од градот. Остатоците од тие линии на одбраната сѐ уште можат да се најдат во шумите на Московската област.
Московјани копаат противтенковски ровови.
Александар Устинов/SputnikНиз целиот град се појавија големи макети на згради, а постојните згради беа добро замаскирани. Улиците и патиштата беа обоени да изгледаат како кал, а „лажни улици“ беа нацртани во ненаселените реони, парковите и сл. Ленинградскиот автопат како главна сообраќајница меѓу Москва и северот беше од стратешко значење и затоа беше посебно маскиран со дрвени конструкции кои личеа на покриви.
Николај Вержбицки, кој живеел во Москва за време на војната, го напишал на 7 ноември 1941 година во својот дневник следново: „Мрачна прослава (годишнината на Октомвриската револуција – ред.). Во демонстрациите на улица учествуваат 200 мажи и жени со лопати и ќускии. Студено е, дува ветар, силно паѓа снег. Огромни се редиците за компир и леб. Утрово немаше радио-програма. Велат дека Германците го гушат радиосигналот. Неколку стотици тенкови учествуваат во парадата на Црвениот плоштад, што малку ги смири московјаните. Но некои велат: „Зошто овие тенкови се на парадата? Тие треба да бидат на линијата на фронтот!“ Сталин рече дека војната ќе потрае неколку месеци, половина година, можеби година дена...“
Камуфлажната боја на Театарот на Црвената армија за време на Големата татковинска војна 1941-1945.
Олег Кноринг/SputnikЗа да се сочуваат стратешки важните фабрики во некои случаи се правени нивни макети во природна големина. Тоа имаше ефект во Нижегородската област каде на периферијата е направена копија од стакло и картон на локалната фабрика за автомобили. Таа копија гореше цел ден и цела ноќ и затоа Германците по грешка фрлија многу бомби врз неа, а вистинската фабрика остана недопрена.
Заштитната камуфлажа на зградата на театарот „Бољшој“ за време на Втората светска војна.
Александар Красавин/SputnikГерманците вкупно извршија 95 ноќни и 30 дневни напади врз Москва. Во нив учествуваа 7200 бомбардери. На сите граѓани на рускиот главен град им беа дадени конкретни задачи. Една од тие задачи беше гаснење на запаливи бомби. Тамара Рибакова подоцна запишала: „Бомбите паѓаа некаде блиску, меѓу другото и врз нашата зграда. Ги гаснеа возрасните станари, членовите на ПВО кои дежураа на покривот. Меѓу нив беше и мојата мајка. Јас и моите другарки по бомбардирањето излегувавме надвор и ги собиравме остатоците од проектилите во вреќи, а потоа ги носевме во складот за старо железо. Тоа го правевме по секое бомбардирање. Беше многу страшно кога ќе се слушне сирената и сите трчаат во скривниците. Јас бев тажна што мама никогаш не одеше со нас на безбедното место – секогаш беше на покривот и ги гаснеше запаливите бомби“.
Поглед на Кремљ од Големиот москворецки мост. Ѕидините и кулите се маскирани да личат на станбени згради.
Archive photoИ покрај сите овие мерки, животот во градот не запре. Кога објектите беа маскирани и повеќе немаше непосредна опасност, повторно беше отворен Московскиот конзерваториум. Московскиот универзитет не прекинуваше со работи ни за време на војната – од 1941 до 1945 беа одбранети 106 докторски дисертации и 520 дисертации на кандидати на науки. Работеа библиотеките и детските градинки, како и театрите и кината во кои главно беа прикажувани патриотски претстави и филмови.
До април 1942 германските авиони уништија 19 руски фабрики (додека 316 беа оштетени), 69 административни згради (110 оштетени), 226 станбени згради (оштетени 641) и убија преку 2000 луѓе. Германците над Москва загубија речиси 1400 бомбардери. За среќа, тоа беше последен пат кога на Москва ѝ се закануваше толку голема опасност.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче