Објавени декласифицирани документи за ослободувањето на Севастопољ во Втората светска војна

Министерството за одбрана на Русија
Министерството за одбрана на увид стави досега необјавени фотографии и документи за ослободувањето на Севастопољ.

Министерството за одбрана на Русија на својот официјален сајт објави документи за ослободувањето на Севастопољ од хитлеровските освојувачи во 1944 година од кои е тргната ознаката доверливо.

На деветти мај 1944 година Севастопољ е ослободен од нацистичките завојувачи. На овој ден борците од 32 Гардиска стрелечка дивизија го истакнаа знамето на Севастопољската панорама. Министерството за одбрана им овозможи на сите оние што сакаат лично да се запознаат со декласифицираните документи за настаните кои се од исклучителна важност за историјата на земјата и за победата над силите на фашистичката коалиција во Втората светска војна, пишуваат руските медиуми, истакнувајќи дека станува збор за уникатна можност која дава објективна слика за настаните.

Објавен е и албум во кој се забележани дејствијата на Осмата воздухопловна армија во борбата за ослободување на Крим. Опишани се уличните борби во Севастопољ, како и борбени летови и уништување на противничките сили, вклучувајќи авиони и друга техника.

Во новиот мултимедијален оддел за првпат се објавени фотографии од улиците на Севастопољ кои сведочат за нацистичкото разорување на градот. Како што се наведува, по ослободувањето во градот останале само седум згради на кои се држеле покривите, а од 112 илјади жители колку што имал претходно, преживеале нешто повеќе од две илјади.

Покрај тоа на сајтот на воениот ресор објавени се и оперативни извештаи и дневници на борбените дејствија на силите на Приморската армија, планови на германските одбранбени утврдувања и базирање на авијацијата на подрачјето на Севастопољ со податоци за снимањата од воздух од 13 и 20 април 1944 година. Тука се и ретките фотографии, статии од периодични изданија, сведоштва за крвавите борби за градот, како и сослушувања на заробениот германски штапски лекар Рудолф Рутенштејнер.

„На десетти мај 1944 година во еден часот по полноќ Москва во името на татковината им оддаде почест на припадниците на армијата и флотата, испукувајќи 24 плотуни од 324 артилериски оружја. Седумдесет и пет години подоцна, на десетти мај оваа година во Москва, во Паркот на победата на Поклонаја гора во 22 часот во знак на сеќавање на 75-годишнината од ослободувањето на Севастопољ од германскиот нацистички освојувач ќе биде извршена почесна стрелба и ќе има огномет“, соопштија од рускиот воен ресор.

Погледнете исто така Објавени непознати „парадни“ фотографии на советски маршали

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња