Разбивачи на митови: Не, Хрушчов никогаш не удирал со чевла по говорницата во ООН

Fai/Legion Media/Getty Images
Никита Хрушчов, еден од најоригиналните советски лидери, познат по чудните изјави, импулсивноста и гестикулацијата, сепак не отишол толку далеку за да ја симне чевлата и со неа да тропа по говорницата или по масата на Генералното собрание на ООН. Објаснуваме како настанал овој мит.

Приказната звучи вака: на 12 октомври 1960 година, на Генералното собрание на ООН Хрушчов не знаел како да го изрази бесот поради зборовите на филипинскиот делегат Лорензо Сумулонго и започнал да удира со чевла по говорницата. Постои дури и фотографија на која Хрушчов замавнува со таа чевла. Но, изгледа како доработена фотографија. Така и е. Што всушност се случило?

„Империјалистички подлизурко“

Да, Генералното собрание во 1960 година вриело од бес. Таа година 17 африкански колонии прогласија независност и на таа тема е кажано многу. Уште една актуелна тема била револуцијата во Унгарија во 1956 година и советската инвазија.

Атмосферата била наелектризирана. Заменикот на романскиот министер за надворешни работи Едуард Мезинческу се однесувал така што му го исклучиле микрофонот, а чеканот на претседателот на собранието Фредерик Боланд се скршил од премногу удирање.

Претставниците на западните држави се пуштиле на Советскиот Сојуз поради неговата политика кон Унгарија. Потоа самиот Хрушчов започнал со „стрелба“ врз империјалистичките држави, за по него шефот на филипинската делегација Лорензо Сумулонг да каже дека СССР е исто така држава-колонизатор поради која „државите од Источна Европа и некои други немаат свои граѓански и политички права, зашто тие правa, така да се каже, ги проголтал Советскиот Сојуз“.

Рачен часовник неотпорен на удари

Фотомонтажа на истата фотографија

Овие зборови страшно го разбесниле Хрушчов кој брзо излегол на говорницата и рекол дека Сумулонг е будала, марионета, лакеј, подлизурко на империјализмот и уште многу други работи. А, откако Сумулонг продолжил да го напаѓа комунистичкиот режим, советскиот лидер повторно побарал збор, но бил игнориран. И тогаш...

Како што пишува во своите мемоари личниот преведувач на Хрушчов Виктор Суходрев, генералниот секретар на ЦК КПСС почнал да удира со тупаница по масата за да го привлече вниманието на претседателот Боланд, а потоа рекол: „Удирав со тупаницата и часовникот застана. По ѓаволите, го расипав часовникот поради овој подлизурко“.

Квалитетни и тесни германски чевли

Како се појавила таа чевла на масата? Еден од соработниците на обезбедувањето на тоа собрание се присетил дека некој случајно го згаснал Хрушчов по чевлата и му ја собул. Хрушчов не можел да се наведне под масата и да ја облече, па едноставно ја ставил на масата. Оваа верзија ја повтори и синот на Хрушчов Никита, кој исто така бил присутен.

Новинарот на „Тајмс“ Џејмс Ферон“ напишал: „колку што се сеќавам, Хрушчов не удираше со чевлата. Ја крена чевлата од подот, замавна со неа и ја стави на масата, но не удираше“.

Џон Лонгард, фоторепортер на „Лајф“ е сигурен дека Хрушчов не тропал со чевлата по маса, иако сакал. Лонгард напишал: „Хрушчов ја крена кафеавата чевла од подот и ја стави на маса. На делегатите на Обединетите Арапски Емирати кои седеа наспроти него со празна рака им покажа дека следниот пат ќе удира со чевлата. Сигурен сум дека сите фоторепортери и камермани само чекаа да го снимат Хрушчов како удира со чевлата по маса. Но, тој на крајот само се обу и излезе. Никој од нас не би пропуштил таква снимка, тоа не би било професионално. Но, такво нешто не се случи“.

Како што има напишано германскиот новинар Валтер Хеинкелс, еден чевлар од градот Пирмазенс тврдел дека чевлата ја има изработено тој. Западна Германија извезла во СССР 30.000 чифта обувки од кои 2.000 пара плитки квалитетни машки чевли, па еден чифт мошне лесно можел да дојде и до Хрушчов.

Може да биде интересно за вас: Тито и Хрушчов во посета на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња