Руската гарда: илустриран приказ на историјата на елитните единици во Русија

Варвара Гертје/Sputnik
Овие единици имаат богата историја – во текот на последниве три века се применувани во сите важни конфликти во кои учествувала Русија. Имало периоди кога овие елитни единици биле и силна политичка сила, па самите ги носеле царевите на престолот и ги симнувале од него. Ова е куса историја на руската гарда.

1. Историјата на руската гарда, односно на елитните единици на руската војска може да се следи од Петар Велики, основачот на Руската империја во 18 век. Приказната за руските гардисти започнува уште од воените единици кои ги има основано младиот Петар. Тоа биле Семјоновскиот и Преображенскиот полк. Русија немала соодветни воени школи, така што овие гардиски единици станале своевидна школска установа на руската армија.

2. „Играњето војна“ завршило во 1700 година кога споменатите два полка покажале пример на јунаштво во битката против Швеѓаните. Битката кај Нарва е изгубена, но решителноста на овие полкови овозможиле да се повлече цела армија. Петар Велики во 1706 година лично станал полковник на Преображенскиот полк и ја носел униформата на оваа единица.

3. Петар им ја зголемил платата на гардистите и наредил нивните чорапи да не бидат зелени, ами црвени. Така е истакнат фактот дека тие се бореле во крв до колена. Императорот лично го следел процесот на подготовка на новите војници за елитните единици и често самиот го одобрувал секој поединечен кандидат.

4. Подоцна бројот на гардиски полкови бил зголемен. Покрај тоа, во 18 век тие станале влијателна политичка сила, со оглед на тоа дека гардистите главно биле претставници на благородништвото и често биле во тесна врска со царскиот двор. Многу руски владетели дошле на престолот благодарение на поддршката на гардистите. Еден од нив е и Екатерина Втора, најпознатата руска императорка. Гардистите отсекогаш се одликувале со висината и со силата, а за време на владеењето на Екатерина Велика особено е пропишано дека припадниците на гардата не можат да бидат пониски од 182.5 сантиметри (просечната висина на војникот тогаш била 160 сантиметри).

5. На почетокот на 19 век гардата повторно ја добила својата вообичаена улога, а нејзините припадници се истакнале во неколку војни во периодот на Наполеон. Тоа било случај и со гардиските одреди во Бородинската битка кај Москва, а потоа и во „Битката на народот“ во Лајпциг. Рускиот император Александар Први во 1814 година, по победата над Наполеон, свечено одмарширал во Париз во придружба на руските гардисти.

6. На почетокот на 20 век гардата учествувала во Руско-јапонската војна, а подоцна во задушувањето на револуцијата од 1905 година. Во декември 1905 година царот Николај Втори ги испратил Семјоновскиот и Преображенскиот полк да ја задушат буната во Москва. Некои офицери одбиле да го примат орденот, презирајќи ја улогата на полицаец и поради тоа се исфрлени од полкот, а на нивно место биле донесени офицери од единиците на обичната армија.

7. Гардистите учествувале во Првата светска војна, особено во борбите во Источна Пруска 1914 година и во опсадата на Ковељ 1916. Во оваа втора акција имало доста загуби. Мајката на царот Николај Втори Марија Фјодоровна во својот дневник со жалост ги споменува „непотребните загуби на гардата“. Постојат мислења дека големите загуби во елитните единици за време на Првата светска војна ја разнишале гардата како една од најважните сили кои го поддржувале царскиот престол, и дека тоа придонело до подоцнежно укинување на монархијата.

8. По Револуцијата од 1917 година и симнувањето на царот Николај Втори болшевиците се обиделе да формираат сопствена гарда. Тоа биле Красногардејците. Овие единици биле составени главно од работници. Со оглед на тоа дека станувало за воена формација на една партија постоеле проблеми со набавка на оружје. Поради тоа, според историчарите, „многу работници си купувале пиштоли, пушки, па дури и митралези од војниците од регуларната армија“. Во октомври 1917 година овие единици биле доволно добро вооружени за да ја одиграат клучната улога во болшевичката буна и во кршењето на базата на Привремената влада. Овие полкови подоцна станале дел од Црвената армија.

9. До вистинска преродба на гардата дошло дури во 1941 година за време на Втората светска војна. Таа година во септември четири дивизии биле прогласени за гардиски по првиот успешен контранапад на нацистичките единици. Отприлика во исто време руската армија добила ново оружје – ракетните системи „катјуша“. Тие официјално биле наречени „гардиски фрлачи на ракети“ за да се истакне нивната ефикасност, Пред крајот на војната цели армии добиле епитет „гардиски“ во својот назив.

10. Во современа Русија многу воени единици припаѓаат на гардата. На пример, сите десантни падобрански единици се дел од овие елитни воени трупи. Гардистите учествувале во сите конфликти во кои Русија била вовлечена во текот на последните години. Една од највпечатливите епизоди во поновата историја на гардата се случи во февруари 2000 година кога во Чеченија значително побројните бунтовници опколија чета гардисти од десантните падобрански единици. Животот го изгубија 84 од вкупно 99 војници, но четата не ја напушти својата положба.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња