Тројца највоинствени владетели на Русија

Сцена од филмот „Царската невеста“. Петар Глебов, народнен уметник на СССР, во улогата на царо Иван Грозни.

Сцена од филмот „Царската невеста“. Петар Глебов, народнен уметник на СССР, во улогата на царо Иван Грозни.

Sputnik
Русија во својата долга историја често војувала. Ви ги претставуваме тројцата највоинствени руски владетели за кои војувањето било вообичаена појава.

Свјатослав Први

Мото: „Доаѓам по вас“

„Тој во своите походи не носел провијант во колата, ниту чајници... Не носел ниту шатори, ами спиел на прострен коњски покривач, а наместо перница користел седло. Исто така и целата негова дружина“. Вака во првата источнословенска хроника е прикажан Свјатослав, храбриот воин кој владеел со Древна Русија во 10 век.

Свјатослав во текот на своето владеење војувал со соседите на Русија. Тој бил последниот пагански владетел на Староруската држава. Не сакал да го прими христијанството, плашејќи се дека тоа ќе ја разниша лојалноста на неговите воини.

Ја победил Хазарија, моќна држава во овој регион. Го контролирал долниот тек на Волга која тогаш била важна трговска артерија. Покорил определени источнословенски племиња и ги победил Аланите и Волшките Булгари. Ги победил и Бугарите на запад, и наводно сакал да ја пренесе престолнината од Киев на Дунав.

Но, неговите победи над Бугарите ги анулирала соседната Византиска империја – Константинопол испратил свои трупи да се борат против воинствениот словенски принц. Го принудиле да се повлече, а кога се враќал дома во Киев паднал во заседа на номадско племе.Постојат претпоставки дека номадите тоа не го направиле самостојно, односно дека имале одобрение од Византија. Свјатослав загинал во борба, а поглаварот на племето, како што пишуваат древните хроники, од неговиот череп направил пехар.

Иван Четврти Грозни

Мото: Со нашата војска управува Господ Бог, а не човекот

Иван Четврти бил жесток владетел и решително ги реализирал своите планови. Тоа добро се видело уште во неговиот прв поход против Казањското ханство во 1547 година. Казањското и Астрахањското ханство биле остатоци од некогаш моќната монголска држава (Златната орда) која над два века владеела со огромните територии на Русија. Било неопходно да се запрат нападите на споменатите ханства на руската територија, а покрај тоа, оваа воена кампања имала и симболичко значење – целта била во целост да се прекине некогашната зависност и да се демонстрира новиот статус на Москва. „Победата во овие војни... изискувала огромни напори и жртви. Доволно е да се спомене дека за заземањето на Казањ се преземени три големи походи во кои учествувало мнозинството руски вооружени сили“, пишува рускиот историчат Виталиј Пенски.

Кога биле проширени и расчистени источните граници и така бил отворен патот за понатамошни ширење на територијата на Русија кон Сибир, Иван Четврти се насочил кон југот и кон западот. Кримските Татари редовно ја напаѓале и ја пљачкосувале руската земја, а понекогаш стасувале дури и до Москва. Кримскиот хан во 1571 година го запалил градот. Тоа бил врвот на кримската власт – веќе следната година Иван Грозни со малобројна војска ја разбил армијата на кримскиот хан која броела 120.000 војници. Само 10.000 кримски војници се вратиле дома. Така проблемот на нападот на Русија од Крим бил решен.

Поинаква била ситуацијата на Иван на запад. Рускиот цар сакал да добие излез на трговските патишта на Балтичкото море и затоа му објавил војна на Ливонскиот ред на територијата која сега им припаѓа на балтичките држави. Според Пенски, „во првите 20 години од војната (а таа траела четвртина век), Иван Четврти напредувал и зазел голем дел од Ливонија, освен големите градови Ревељ (Талин) и Рига. Но, подоцна изгубил сѐ зашто Москва немала доволно сила истовремено успешно да војува на два фронта“ (на југ и на запад). Сепак, како што нагласуваат определени историчари, Ливонската војна за Иван Грозни била споредна. Нему поважна му била борбата против татарите од Казањ, Астрахањ и Крим, а од тие борби излегол како победник.

Екатерина Велика

Мото: Додека сум жива ќе ја бранам татковината со перо и со меч

Екатерина II. Уметникот: Фјодор Рокотов

Етнички гледано Екатерина била Германка, но сепак за руската држава направила повеќе од поголемиот дел владетели кои биле Руси по националност. Во текот на нејзиното 40-годишно владеење во втората половина од 18 век водени се многубројни војни и сите завршиле со победа. За време на Екатерина Русија војувала против речиси сите соседи, а против некои и неколку пати.

Екатерина војувала против Турција двапати, а трофеи во тие војни се Крим и северот на Црноморскиот регион кој сега е голем дел од украинската територија. Имало и неколку војни со Полска во кои Русија ја презела контролата над западните региони на денешна Белорусија и Украина, а исто така ги победила Шведска и Персија. Во определени моменти Русија во времето на Екатерина водела истовремено две војни на различни граници.

Екатерина успеала да го задуши големото востание во Царска Русија, таканареченото Востание на Пугачов. Како што пишува познатиот руски историчар на 19 век Сергеј Соловјов, во развојот на руската држава Екатерина со „сигурни чекори го следела својот предок Петар Велики од кој и го наследила епитетот Велика“. Современиот историчат Николај Павленко ја наведува оваа споредба и додава дека „Петар Први обезбедил излез на Балтичкото море и ја создал Балтичката флота, а Екатерина го освоила брегот на Црно море, вклучувајќи го и Крим и ја создала моќната Црноморска флота. Петар средновековната Русија, периферија на Источна Европа, ја претворил во моќна Руска империја, а Екатерина на таа империја ѝ дала европски сјај, ги проширила нејизните граници и ја зацврстила нејзината моќ“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња