Полициските сили како и многу други новитети се појавиле со указ на Петар I во раниот 18 век. Императорот го позајмил називот „полиција“ од Западна Европа. Во 1718 година се појавила должноста генерал-полицмејстер, началник на полицијата на Санкт Петербург и од таа година официјално се смета постоењето на руските полициски сили. Прв генерал-полицмејстер бил странец (од Португалија или Холандија).
Еден век подоцна Александар I создал нова административна структура и го основал Министерството за внатрешни работи. Полицискиот оддел тогаш имал чуден назив – Оддел за чување на мирот и пристојното однесување.
Руската полиција ја модернизирал и Александар II во 1860-те, но и понатаму имала многу широк спектар на задолженија. Полицијата се борела против криминалот, алкохолизмот, отпадот на улица и внимавала на редот во железничкиот сообраќај.
Задолженија и одговорности имало многу, но не и полициски службеници. Во раниот 20 век цел еден руски регион (тогашна губернија) можел да има околу 200-300 полицајци. Затоа чистачите на улиците биле должни да ѝ помагаат на полицијата.
По абдицирањето на Николај II во февруари 1917 година револуционерните сили жестоко ѝ се настрвиле на полицијата, убивајќи ги офицерите и палејќи ги полициските станици. Времената влада ја распуштила полицијата и организирала граѓанска милиција.
Болшевиците ја презедоа власта во октомври 1917 и мораа итно да сторат нешто околу наглиот пораст на криминалот. Меѓутоа, школувани и искусни луѓе за тоа немало.
До 1923 година милицијата немала униформи. Дури кон средината на 30-те се бележи подобра организираност на чуварите на редот.
Првите жени во милицијата се појавија уште во 1919 година.
Советската милиција доживеа процут во 60-те години: платите се значително покачени и се подига нивото на образованието во Министерството за внатрешни работи.
Реформите позитивно се одразија на односот на граѓаните спрема милицијата.
Во доцните 80-те, за време на перестројката на Горбачов, милицијата доби нови задачи – да ги контролира уличните протести и демонстрации.
Во 90-те години се случи пораст на криминалот, а школуваните луѓе поради малите плати ја напуштаа милицијата.
Милицијата повторно стана полиција благодарение на указот на претседателот на РФ Дмитриј Медведев во 2011 година. Бројот на полициски службеници е намален за 20%, но оние кои останаа добија подобри можности за работа и подобра заработувачка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче