Како руски лекар се обиде да ја одгатне тајната на живеалиштето на индиското божество Шива

Планината Кајлаш е свето место за Индусите, будистите и џаините.

Планината Кајлаш е свето место за Индусите, будистите и џаините.

Ondřej Žváček/Wikipedia
Ернст Мулдашев, руски офталмолог од градот Уфа, изнесе хипотеза дека планината Кајлаш на Тибет е всушност древна пирамида изградена од луѓето и која опкружена со помали пирамиди и поврзана со пирамидите во Гиза и Теотивакан.

Планината Кајлаш на Тибет е висока 6718 метри. Индусите, будистите и џаините ја почитуваат како свето место. Индусите веруваат дека божеството Шива, кое го уништува злото, седи во вечна медитација на оваа планина. Тибетските будисти веруваат дека на планината живее Буда Демчок и дека тој е олицетворение на највозвишеното блаженство.

Никој сѐ уште се нема искачено на планината Кајлаш. Постојат многу легенди за луѓе кои се обиделе да го сторат тоа а кои не се вратиле живи. Кинеските власти знаат дека ова прашање е чувствително во верска смисла и затоа официјално им забранија на планинарите да се искачуваат на овој врв.

Русите, како и Индусите, долго беа восхитени од оваа планина. Николај Николајевич Рерих пишува за планината Кајлаш, а на една од неговите најпознати слики е прикажан пат кон планината.

Постојат неколку легенди за руските алпинисти кои во XIX и почетокот на XX века се обиделе да се искачат на оваа планина и исчезнале во тој обид. Еден сибирски алпинист еднаш ми раскажа за група планинари кои се искачиле над одредена точка и одненадеж остареле неколку децении. Според неговата приказна, тие умреле по година дена од старост.  

Рерих верувал дека во околината на планината Кајлаш постои мистичното царство Шамбала. Одделни индуистички секти место Шамбала го употребуваат зборот Капапа и сметаат дека во таа земја живеат идеални луѓе.

Рускиот офталмолог Ернст Мулдашев во 1999 година реши да се упати во експедиција на Тибет и да се обиде да ги разоткрие тајните на планината Кајлаш. Во неговата екипа имаше стручњаци од областа на геологијата, физиката и историјата.

Групата се состана со неколкумина тибетски лами и неколку месеци помин во подножјето на оваа света планина.

Дело на човечки раце

Екипата на чело со Мулдашев дојде до заклучок дека планината Кајлаш е масивна пирамида направена од древните луѓе. Ернст и неговите соработници тврдеа дека оваа планина е опкружена со многу помали пирамиди и дека би можела да биде центар на сите паранормални појави.

Д-р Ернст Мулдашев

„Во ноќната тишина од внатрешноста на планината често допираа чудни шумови. Изгледаше како некој да дише тешко“, пишува Мулдашев во статијата „Од каде потекнуваме?“. „Еднаш колегите и јас добро слушнавме звук на камен како паѓа некаде во внатрешноста (на планината)“. Тој претпоставува дека во пирамидата живеат некакви суштества.

„Во тибетските текстови пишува дека Шамбала е земја на духови која се наоѓа северозападно од Кајлаш“, пишува Мулдашев. „Мене ми е тешко да ја разгледувам таа тема од научен аспект, но можам со сигурност да кажам дека комплексот Кајлаш е во директна врска со животот на Земјата. Кога ја направивме картата на „Градот на боговите“ кој се состои од пирамиди и камени огледала, бевме многу изненадени затоа што шемата личеше на структура на молекул на ДНК“.

Мохан Бхат од Мумбаи кој го проучува санскритот вели дека и „Рамајана“ ја споменува светата планина како пирамида, како и тоа дека во „Ведите“ постојат такви референци. „Во древните текстови таа планина се третира како вселенска оска“, вели тој.

Мулдашев смета дека пирамидите ги градела древна напредна цивилизација која ги познавала законите на скриената енергија. Тој пишува дека оваа планина е најважниот дел од системот на древни монументални градби и дека е непосредно поврзана со главните пирамиди на планетава – во Гиза и Теотивакан.

Руско-англискиот двојазичен сајт „Објективна историја“ детално се занимава со оваа хипотеза.

Кинеските власти побрзаа да ги демантираат тврдењата на Мулдашев.

Година дена по експедицијата на Тибет Мулдашев тврдеше дека успешно пресадил човечко око на слепа жена користејќи рожница и мрежница во комбинација со алоплант – експериментален, хемиски обработен биоматеријал добиен од ткиво на покојник. Овие тврдења беа демантирани од лекари од Велика Британија.

Мулдашев е роден 1948 година. Раководи со рускиот Центар за офталмолшка и пластична хирургија во Уфа.

Место заклучок

Како агностичар кој нема никаква претстава за мистериите на универзумот, не знам како да ги третирам наведените тврдења поврзани со планината Кајлаш. Само ми е мило што кинеските власти ги почитуваат чувствата на индусите и будистите во целиот свет и не дозволуваат никому да се качува на планината Кајлаш, која уште се нарекува и Скалила кон небото.

Прочитајте повеќе за Калмикија: Единствениот регион во Европа каде будизмот е главна религија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња