Рускиот цар „со железна маска“: Зошто Иван Шести го минал сиот свој живот во затвор

Василиј Миронович стои пред телото на Иван VI во Шлиселбуршката тврдина. Иван Творожников, 1884.

Василиј Миронович стои пред телото на Иван VI во Шлиселбуршката тврдина. Иван Творожников, 1884.

Слободни извори
Иван Шести бил најмладиот император во историјата на царска Русија. Поголемиот дел од својот живот го поминал затворен. Дури ни чуварите не знаеле кој е тој и како се вика.

Животната приказна на Иван Шести е трагична како и животот на јунакот на Александар Дима (постариот) во делото „Човекот со железна маска“, со таа разлика што ова момче никогаш не носело маска, ами било жртва на интригите на рускиот двор. Тој речиси сиот свој живот го поминал во самица.

Нашата приказна започнува ноќта на 25 ноември 1741 година во Зимскиот дворец во Санкт Петербург. Владеењето на најмладиот руски император Иван Шести траело само една година и било нагло прекинато кога Елисавета, ќерката на Петар Први, влегла во спалната соба на родителите на Иван заедно со војниците од царската гарда.

Портрет на Елизавета Петровна (1709-1762), ќерката на Петар I. Александар Рослин, 18 век, Ермитаж, Санкт Петербург

„Време е за станување, сестро“, ѝ викнала Елисавета на мајката на Иван, која била царски регент, а за тоа време телохранителите лојални на ќерката на Петар биле испратени да го уапсат таткото на Иван Антон Урлих, како и самиот Иван.

Елисавета им забранила на телохранителоте да го плашат малиот император и затоа тие чекале цел час додека момчето се разбуди. Детето заплакало кога ги отворило очите и кога ги видело војниците.

Императорoт Иван VI Антонович с мајка му Ана Леополдовна.

„Малечок, ти не си виновен!“, рекла Елисавета кога го довеле Иван. Војниците не биле многу внимателни кон неговата четиримесечна сестра Екатерина. Толку силно ја фрлиле на земја што девојчето оглувело.

Елисавета го напуштила Зимскиот дворец, држејќи го момчето во прегратка, но не знаелa што да прави со него зашто детето било единствен законски наследник на рускиот престол.

Апсање на Иван VI (слика од 1850-те).

Во Русија 18 век се третира како „епоха на дворските преврати“. И самиот Петар Велики дошол на власт кон крајот на 17 век по цела серија брутални преврати. Тој и неговиот полубрат Иван Петти го делеле престолот до смртта на Иван во 1696 година.

Постариот син на Петар бил неспособен да владее, па затоа Петар ги променил правилата на наследување на престолот, односно донел одлука дека секој монарх може според сопствена желба да го определи својот наследник.

Првата голема криза избила во 1830 година кога императорот Петар Втори (внукот на Петар Велики) умрел без да определи наследник. По жестока конфронтација моќната партија на чело со кнезот Дмитриј Голицин одлучила дека круната треба да им припадне на потомците на Иван Петти, братот на Петар Први. Ова значело дека следната императорка би била Ана, ќерката на Иван Петти. Затоа ќерката на Петар, Елисавета, била отстранета од дворот. Ана станала императорка во 1730 година и веднаш се зафатила со прашањето за наследник.

Дете на царскиот престол

Портрет на императорката Ана Ивановна, Луи Каравак.

Ана ги мразела сите роднини на Петар Први, сметајќи дека тој неправедно ја преземал власта од нејзиниот татко. Таа во 1730 имала 37 години, и според сè била јалова, па затоа решила да подготви наследник „со помош“ на својата братучетка Ана Леополдовна, која во 1739 година се омажила за војводата Антон Урлих од Брауншвајг. Така во 1740 година е роден Иван Шести месец и половина пред смртта на Ана. Момчето било покажано во дворот и во јавноста за да се покаже дека постои наследник. Младиот Михаил Ломоносов дури и напишал ода за него. Но, со оглед на тоа дека детето било мало и не можело да владее, таткото и мајката биле прогласени регенти.

Портрет на Антон Урлих од Брауншвајг (1714-1774).

Родителите сакале да го поштедат детето од дворските церемонии, но тоа не било лесно. На пример, францускиот амбасадор Шетарди барал Иван Шести да биде присутен на тронот додека Французинот го чита официјалното писмо од својот крал. Детето навистина било ставено на тронот каде весело се играло и си правело муабет за време на царската церемонија.

Иван VI Антонович.

Во такви околности Германците постепено ја презеле власта во Русија зашто Антон и Ана Леополдовна биле премногу неискусни за да управуваат со толку голема земја. Вистинската власт била во рацете на грофот Остерман. Но, тоа не траело долго. По превратот во 1741 година власта повторно преминала во рацете на царското семејство на Петар Први.

Никој не смеел да го изговори неговото име

Елисавета на почетокот сакала своето владеење да го започне со добро, односно едноставно да го протера семејството Брауншвајг во Европа. Но, дворјаните ѝ објасниле дека законскиот наследник може да стане оружје во туѓи раце и да предизвика нови преврати. Поради тоа било одлучено поранешните регенти и детето да бидат задржани во Русија и да бидат во домашен притвор во селото Холмогори, во близина на Архангељск, односно на север.

Дури било забрането да се споменува името на Иван. Уништени се сите книги и монети со ликот на Иван, па дури и копиите од одата на Ломоносов. Поседувањето на вакви предмети во 1745 година било третирано како злосторство против државата. Дури и во официјалните процедури за документи кои се однесуваат на Иван користен е називот „документи под определен назив“.

Во целото Холмогори и родителите и детето биле држени во изолирана куќа, а Иван бил држен посебно под ист покрив, иако останатите не го знаеле тоа. Ана Леополдовна умрела во 1746 година. Погребана е со почести во Петербург како член на императорското семејство.

„Извесен затвореник“

Шлиселбуршката тврдина

Потоа во 1756 година Иван е преместен во строг затвор во Шлиселбуршката тврдина каде за него се зборувало како за „извесен затвореник“, а на чуварите им било забрането да разговараат со него.

Тие имале задача веднаш да го убијат момчето ако се обиде да избега, или ако некој побара да го ослободи. Наложено им е тоа да го направат дури и во случај самата царица да издаде наредба за ослободување. Во суштина, Иван цело време живеел како осуденик на смрт.

Подоцна чуварите соопштиле дека затвореникот постојано бил вознемирен, се жалел дека некој му има фрлено магија и скокал од сон ако нешто шушнело.

Кутриот наследник на рускиот престол мечтаел да замине во манастир. Очигледно е дека чуварите сепак разговарале со затвореникот зашто им било жал што сиот свој живот го минува во самица. И навистина, на 16-годишното момче му била потребна помош во секој поглед. Имал и психички проблеми.

Душевни страдања

Императорката Екатерина II, Алексеј Петрович Антропов,  1766.

Екатерина Велика во 1762 година го посетила Иван во затворот и видела дека тој во определена смисла станал душевно болен, но не му го олеснила животот зашто тој имал повеќе право на царскиот престол од неа, а со самото тоа претставувал опасност.

Оваа тажна приказна ненадејно завршила во 1764 година кога поручникот Василиј Миронович направил очајнички обид да го ослободи Иван. Затвореникот, во согласност со наредбата, бил веднаш убиен, а потоа бил погребан некаде во Шлисебург. Во 2010 година се прочу вест дека во селото Холмогори е пронајдено телото на Иван, но ова тврдење одлучно го демантираше Институтот за археологија на Руската академија на науките.

Постои претпоставка дека е можно Екатерина самата да го испровоцирала Миронович да го ослободи момчето за несреќниот наследник да биде ликвидирани, но таа не може ниту да се докаже, ниту да се негира.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња