Како СССР во 1971 го расипа „каубојскиот“ план на Никсон за напад на Индија

Војниците на индијската армија на пакистанската граница, 7 декември 1971 година.

Војниците на индијската армија на пакистанската граница, 7 декември 1971 година.

AP
За тоа како Индија ја однесе прочуената победа над Пакистан благодарение на своите прекрасни војници, непоколебливото политичко раководство и моќната дипломатска поддршка од Москва за Russia Beyond пишува познатиот индиски новинар и политиколог Ракеш Кришнан Симха. На малкумина им е познато дека тогаш властите на СССР успеале да спречат напад на Велика Британија и САД на Индија...

Вашингтон, 3 декември 1971, 10:45

Претседателот на САД Ричард Никсон преку телефон разговара со државниот секретар Хенри Кисинџер, неколку часа откако Пакистан истовремено изведе напад на шест индиски аеродроми. Тоа беше неразумна постапка која ја натера Индија да објави војна.

Никсон: Западен Пакистан прави проблеми.

Кисинџер: Ако тие изгубат половина од својата земја без борба, ќе бидат уништени. Тие и вака можат да бидат уништени, но ќе се борат.

Никсон: Човек срце да го заболи од она што се прави во Пакистан. И тоа откако ние ја предупредивме онаа кучка (се мисли на индиската премиерка Индира Ганди). Кажете им дека кога Индија зборува за напад на Западен Пакистан, тоа е исто како кога Русија тврди дека ја нападнала Финска.

Вашингтон, 10. декември 1971, 10:51

Една недела подоцна ситуацијата не оди во прилог на Пакистан зашто индиските трупи минаа низ Источен Пакистан, а пакистанското воено воздухопловство е „одвеано“ од потконтинентот. Пакистанската војска на запад беше деморализирана и на работ на крах зашто индиската армија и индиското воено воздухопловство непрекинато напаѓаа.

Никсон: Наша желба е да го спасиме Западен Пакистан. Тоа е сè.

Кисинџер: Така е. Навистина е така.

Никсон: Добро. Носачите на авиони веднаш нека тргнат.

Кисинџер: Сè е веќе тргнато. Четири јордански авиони веќе тргнаа кон Пакистан, а стасуваат уште 22. Разговараме со Саудијците, а Турците се подготвени да дадат пет, така што ќе продолжиме додека ситуацијата не се реши.

Никсон: Можете ли да им кажете на Кинезите дека би било од голема корист доколку тие би можеле да префрлат определени сили, или да се заканат дека ќе префрлат?

Кисинџер: Секако.

Никсон: Тие треба да се заканат или да тргнат – или едното или другото. Знаете што мислам?

Кисинџер: Да.

Никсон: А, како стојат работите со Французите? Можат ли тие да им продадат неколку авиони на Палестинците?

Кисинџер: Да. Веќе го прават тоа.

Никсон: Тоа требаше да го направат одамна. Кинезите не ги предупредија Индусите.

Кисинџер: Да, да.

Никсон: Сè што треба да направат е малку да се придвижат. Да ја придвижат дивизијата, техниката, авионите... Разбираш, да направат нешто симболично. Ние ништо не преземаме, Хенри, го знаеш тоа.

Кисинџер: Да.

Никсон: Тоа Индусите се кукавици. Нели?

Кисинџер: Да. Но со руски грб. Гледате дека Русите им испратија нота на Иран, на Турција и на многу земји кои се зајакнуваат. Русите одиграа мизерна игра.

Во овој разговор двајцата американски лидери ги нарекуваат Индусите кукавици, а неколку месеци претходно сосема поинаку зборуваа. Еве телефонски разговор од мај 1971 година.

Никсон: На Индусите им треба... ним навистина им треба...

Кисинџер: Тие се такви гадови.

Никсон: Масовен гладот. Но, тие не би гладувале... Ако не сакаат да гладуваат, тогаш нова војна е нешто што воопшто не им треба. Нека ја добијат војната проклетите Индуси.

Кисинџер: Проклетите Индуси се најагресивниот народ.

Од воено гледиште војната од 1971 година беше ѕвезден момент во историјата на Индија. Прочуената победа беше извојувана благодарение на врвниот професионализам на индиската армија, на воената морнарица и на военото воздухопловство, на харизматичното водство на легендарниот Сем Манекшоу и непрекинатото лобирање со кое успешно се занимаваше политичкото раководство. По двонеделните жестоки борби на земја, во морето и во воздухот, речиси 100.000 пакистански војници ѝ се предадоа на индиската армија. Ова беше најголема капитулација уште од времето кога генерал Паулус во 1943 година се предаде заедно со своите единици кај Сталинград. Сепак, сето тоа можеше да биде ставено под знак прашалник да не беше поддршката на Москва со која Њу Делхи во 1970 година благовремено потпиша безбедносен договор.

Како што покажуваат разговорите на Никсон со  Кисинџер, против Русија се покренати мошне моќни сили. На пакистанската војска поддршка ѝ даваа авиони од Јордан, Индија, Турција и Франција. Моралната и воена поддршка во голема мера обезбедија на САД, Кина и Велика Британија. Во разговорите тука не се споменува, но Обединетите Американски Емирати испратија половина ескадрила ловци, а Индонезија имаше испратено најмалку еден воен брод.

Русија, меѓутоа, со своето учество го расипа сценариото кое ќе беше мошне неповолно за Индија.

Суперсилите ја одмеруваат својата моќ

Индиската разузнавачка служба на 10 декември „улови“ американска порака од која се гледа дека Седмата флота е веќе во зоната на воениот конфликт. На чело на Седмата флота, која потоа замина во Тонкинскиот залив, беше нуклеарниот носач на авиони Enterprise тежок 75.000 тони. Тоа беше најголемиот воен брод на светот. На него имаше над 70 ловци и бомбардери.

Меѓу индиските градови и американски бродови стоеше индиската Источна флота на чело со носачот на авиони Vikrant тежок 20.000 тони. На него имаше дваесетина лесни ловци. На прашањето дали индиската Источна флота ќе може да се спротивстави на Седмата флота, командантот на флотата вицеадмиралот Кришнан рече: „Само дајте наредба“. Силите на индиското воено воздухопловство ја уништија пакистанската авијација уште во првата недела од војната и беа подготвени за судир доколку американските авиони полетаа од носачот на авиони Enterprise.

Во меѓувреме советската разузнавачка служба соопшти дека група британски воени бродови на чело со носачот на авиони Eadle се приближила на територијалните води на Индија. Може да се каже дека тоа беше еден од најироничните настани во современата историја, кога двете водечки демократии на западниот свет се закануваа на најголемата демократија на светот за да ги заштитат оние кои извршија најголем геноцид по холокаустот. Сепак, Индија не беше во паника. Таа спокојно ѝ испрати молба на Москва да се активира тајната одредба на индиско-советскиот безбедносен договор според кој Русија се обврза дека ќе ја брани Индија во случај на надворешна агресија.

Британците и Американците планираа координирана акција со цел да ја заплашат Индија. Од една страна британските бродови во Арапското море го загрозуваа западниот брег на Индија, а Американците на исток брзо напредуваа кон Бенгалскиот залив, каде 100.000 пакистански војници се најдоа во стапица помеѓу морето и индиските единици кои напредуваа.

Со цел да се отстрани оваа бриитанско-американска опасност Русија на 13 декември испрати од Владивосток флотила со нуклеарни бродови под команда на адмиралот Владимир Кругљаков, командант на 10 оперативна борбена група (Тихоокеанската флота). Руската флотила беше составена од голем број нуклеарни бродови и подморници, но нивните ракети имаа ограничен дострел (неполни 300 километри).

Адмирал Кругљаков командуваше со Тихоокеанската флота од 1970 до 1975 година. Кога замина во пензија тој на руската телевизија потсети дека Москва им наредила на руските воени бродови да не допуштат приближување на Американците и на Англичаните на „индиските воени објекти“. Кругљаков тогаш потврди: „Наредено беше нашите подморници да испловат штом ќе се појават Американците и така да се покаже нашето присуство во Индискиот океан. Штом се појавија нашите подморници, тие нè препознаа. На патот на американската флота стоеја советските крстосувачи, разорувачите и нуклеарните подморници вооружени со противбродски ракети“.

Тогаш Русите „фатија“ порака која по пат на радиоврска ја испрати командантот на британските единици на воени бродови, адмирал Димон Гордон, на командантот на Седмата флота: „Сер, задоцнивме. Тука се руските нуклеарни подморници и голема група руски воени бродови“. Британските бродови тогаш се свртеа во насока на Мадагаскар, а поголема група американски бродови запре на влезот од Бенгалскиот залив.

Очигледно е дека руските маневри спречија директен судир помеѓу Индија и американско-британските сили. Неодамна беше симнат печатот на државна тајна од документите кои сведочат дека индиската премиерка отишла уште подалеку, планирајќи да го ослободи Бангладеш и покрај тоа што Американците држеа во резерва три баталјони маринци за да ја зауздат Индија, како и наспроти фактот што американскиот носач на авиони Enterprise доби наредба да ја држи на нишан индиската армија која ја имаше пробиено пакистанската одбранбена линија и со голема брзина се приближуваше кон Лахор, вториот по големина град во Западен Пакистан.

Според документот што го подготви Министерството за надворешни работи на Индија „бомбардерите од носачот на авиони Enterprise имале овластување од претседателот на САД во случај на потреба да извршат воздушен напад на комуникациите на индиската армија“.

И покрај напорите на Кисинџер и очајничките повици на Пакистан за помош, Кинезите не презедоа ништо. Дипломатските документи на САД покажуваат дека Индира Ганди била запознаена со фактот оти Советите ја зеле предвид можноста за кинеска интервенција. Според соопштението кое се однесува на седницата на индиската влада од 10 декември, Индира Ганди го рекла следново: „Доколку Кинезите бидат непосредно вовлечени во конфликтот, тие знаат дека Советскиот Сојуз ќе дејствува во регионот Синкјанг. Во тој случај на Индија може да ѝ биде ставена на располагање советска поддршка од воздух“.

Неподнослива омраза

Пакистанскиот генерал Нијази на 14 декември му рекол на генералниот конзул во Дака дека сака да се предаде. Соопштението е проследено до Вашингтон, но на Америка ѝ биле потребни 19 часа да го проследи до Њу Делхи. Судејќи според документите, високи индиски дипломати претпоставувале дека Вашингтон планира воени дејствија против Индија и дека тоа е причината за ова големо задоцнување.

Никсон и Кисинџер му се јавиле на советскиот претседател Леонид Брежњев и побарале од него да гарантира дека Индија нема да го нападне Западен Пакистан. „Никсон беше подготвен да го поврзе идниот самит во Москва со советското однесување во врска со ова прашање“, пишува професорот Владислав М. Зубок во книгата „Несудена империја“. „Советите не можеа да сфатат зошто Белата куќа го поддржа Пакистан кој, според негово мислење, ја започнал војната против Индија. Брежњев на почетокот се чудеше, но набргу почна да се лути. Во тесниот круг на своите соработници дури предложил на Индија да ѝ се даде тајна атомска бомба. Неговите советници направија сè за да го одвратат од таа идеја. Неколку години подоцна Брежњев сè уште луто реагираше на оваа тема и го критикуваше американското однесување“.

Ладни војници

Уште еден телефонски разговор помеѓу Никсон и Кисинџер открива многу работи за оние кои на врвот на американската власт носеа одлуки:

Кисинџер: Ние треба и понатаму да ги стегаме Индусите, дури и кога сево ова ќе биде решено.

Никсон: Не сакам Индусите да бидат среќни. Сакам таква програма на меѓународните односи која ми дозволува да им се измочам на Индусите.

Кисинџер: Да

Прочитајте уште како СССР му удри дипломатска шлаканица на НАТО

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња