На кои земји Русија им продава нафта?

Производствена постројка на Тјуменската нафтена рафинерија.

Производствена постројка на Тјуменската нафтена рафинерија.

Максим Слуцки/TASS
Половина од извозот на руска нафта оди во Европа. Доколку Европа воведе ограничувања за увозот на нафта, Русија ќе мора да пренасочи дел од тие испораки во Азија.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!

Во 2021 година Русија извезла речиси 230 милиони тони сурова нафта во вредност од 110,1 милијарди долари, и тоа во 36 земји. Ова се податоците што ги изнесува Федералната царинска служба на Руската Федерација. Кина била најголемиот купувач на руска нафта во последните пет години. Минатата година Кинезите купија од Русија над 70,1 милиони тони нафта (30,6% од вкупниот руски извоз) во вредност од 34,9 милијарди долари.

На второ место е Холандија (37,4 милиони тони, 17,3 милијарди долари), бидејќи таа е голем јазол каде суровините од Русија понатаму се насочуваат кон земјите кои се конечни корисници.

На третото место е Германија. Таа увезла 19,2 милиони тони, што чинело 9,3 милијарди долари. Сé на сé, на земјите од Европската унија во текот на 2021 година им се испорачани 47% од извезената руска нафта, што изнесува вкупно 108,1 милиони тони и е во вредност од 50,9 милијарди долари.

Десет најголеми увозници на руска нафта во 2021 година (според количината):

  1. Кина – 70,1 милиони тони
  2. Холандија – 37,4 милиони тони
  3. Германија – 19,2 милиони тони
  4. Белорусија – 14,9 милиони тони
  5. Јужна Кореја – 13,5 милиони тони
  6. Полска – 11,2 милиони тони
  7. Италија – 8,9 милиони тони
  8. САД – 7,4 милиони тони
  9. Финска – 6,3 милиони тони
  10. Словачка – 5,3 милиони тони

Што се смени по почетокот на специјалната операција?

Когалим. Работник на територијата на Ватјоганското нафтено поле.

Првата земја што соопшти дека го прекинува увозот на руска нафта во врска со „воената операција“ во Украина беше Канада. Таа е еден од најголемите увозници на нафта во светот. Додуша, од крајот на 2019 година Канада повеќе не увезува нафта од Русија, туку само нафтени деривати. А тој увоз беше помалку од 1%, бидејќи во 2020 година, според податоците на Статистичката управа на Канада, вредноста на тие деривати изнесувала 132 милиони долари, а во 2021 година 277 милиони долари. Според тоа, таа одлука не ѝ падна тешко на Русија, така што се работи пред сé за политички гест.

На почетокот на март и САД воведоа забрана за увоз на нафта од Русија. Од вкупниот руски извоз, во САД одеа 4,3% сурова нафта и 8,8% за нафтени деривати. Слични се бројките и од спротивна насока, т.е. кога ќе се погледне вкупниот увоз на нафта во САД - од Русија се увезувале 3% сурова нафта и 8% нафтени деривати.

И Велика Британија најави дека до крајот на 2022 година ќе се откаже од увоз на руска нафта и нафтени деривати, што е 8% од нејзиниот вкупен увоз. Во вкупниот извозен биланс на Русија тоа е помалку од 3%.

И Европската унија разгледува нови санкции во сферата на енергенсите, но за таква одлука е потребен консензус. Засега за ембарго се залагаат балтичките држави и Полска, додека Германија и Холандија се против. Повеќе од четвртина нафтата што се увезува во ЕУ доаѓа од Русија, така што таквата одлука ќе биде тешка за европските потрошувачи.

„Владата и понатаму е уверена дека не е можно да се откаже од извозот и увозот на нафта“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебештрајт.

И покрај сé, со оглед на можното нафтено ембарго во Европа, Русија ги проучува можностите за пренасочување на своите суровини во Азија.

Може ли Азија да ги замени пазарите на нафта на САД и ЕУ?

Приморски крај. Нафтеното пристаниште „Козмино“ наменето за прием, складирање и претовар на нафта што доаѓа преку системот „Источен Сибир-Тихи океан“.

Кина и понатаму најмногу нафта увезува од Саудиска Арабија, но Русија ѝ испорачува на Кина 30,6% од својата извезена нафта, така што за Москва Пекинг е најважниот увозник на нафта и судејќи според сé дека обемот на испораките ќе продолжи да расте. На почетокот на 2022 година Русија и Кина склучија долгорочен договор за испорака на 100 милиони тони нафта годишно (над 700 милиони барели).

Индија е исто така земја во која извозот на нафта може да се зголеми. Во текот на 2021 година Русија од вкупниот извоз во Индија испорачувала само 2%, поради високите транспортни трошоци. Индија ја откупува нафтата која веќе е извезена од Русија, но која не може да најде купувач во Европа. Во март 2022 година Индија четирикратно го зголеми увозот на руска нафта и овој месец купува 360000 барели дневно.
„Рускиот извоз на нафта и нафтени деривати во Индија веќе се приближи до вредноста од 1 милијарда долари, а има големи можности за зголемување на тој показател“, соопшти потпретседателот на владата на РФ Александар Новак. Двете земји, исто така, ја разгледуваат можноста да се префрлат на купопродажни трансакции во рубли и рупии.

Постои ли замена за руската нафта?

Според руските експерти, Европа тешко дека ќе може во краток рок целосно да се откаже од руската нафта, но сосема е изводливо да замени еден дел од тие испораки и да ја намали зависноста од увозот од Русија.

Меѓународната агенција за енергетика (IEA) соопштува дека само Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати имаат слободни капацитети кои можат да го компензираат намалувањето на увозот на нафта од Русија. Според оцените на аналитичарите, доколку се укинат санкциите против Иран, тогаш извозот на нафта од таа земја во текот на шест месеци ќе може да порасне за еден милион барели дневно.

„Иран нема да може брзо да ја компензира руската нафта, дури и ако тие санкции бидат укинати утре. Организацијата на земјите извознички на нафта и нивните сојузници (ОПЕК плус) не брза да му помогне на Западот, т.е. не го зголемува драстично производството на нафта“, вели политикологот Георгиј Бовт.

Покрај членките на ОПЕК Плус, производството на нафта би можеле да го зголемат и САД, Канада (наоѓалиштата се најчесто нафтени песоци, т.е. експлоатацијата е комплицирана), Бразил и Гвајана (според оцените на експертите, за неколку години таа може да се најде на листата на дваесетте најголеми извозници на нафта).

САД ја споменуваат и Венецуела како можна замена за Русија (во моментов американските санкции го ограничуваат извозот на нафта од Венецуела), бидејќи нејзината нафта со висока содржина на сулфур наликува на руската нафта. Но, дури и ако Иран и Венецуела повторно почнат со испорака на нафта, експертите проценуваат дека нивниот заеднички извоз ќе надомести само 50% од руската нафта.

Последици од ембаргото на извоз на руска нафта

Москва. Работник на бензинска пумпа на компанијата „Роснефт“.

Сегашната ситуација веќе предизвика пораст на цените на нафтата (на 9 март цената на мајските фјучерси за нафтата од марката „Брент“ достигна 130 долари за барел, што е еден од историските максимуми) и пораст на просечната цена на бензинот во Америка и Европа, која скокна меѓу 25% и 50% во однос на минатата година.

Според пресметките на JPMorgan, сега од светскиот пазар веќе се потиснати околу 4 милиони барели дневни испораки на руска нафта. Во такви услови аналитичарите на компанијата предвидуваат дека кон крајот на годината цената на светскиот пазар ќе се движи околу 185 долари за барел.

Според мислењето на рускиот вицепремиер Александар Новак, доколку Западот целосно се откаже од руската нафта, „скокот на цените ќе биде непредвидлив, нафтата ќе чини преку 300 долари за барел, ако не и повеќе“.

„Треба да се има предвид дека количината на увезена руска нафта на европскиот пазар не може брзо да се компензира. За такво нешто се потребни неколку години, и тоа ќе ги чини европските потрошувачи значително повеќе. Во такво сценарио тие ќе го извлечат најдебелиот крај... Екстремно ќе скокнат цените на пумпите, цените на струјата и огревот. Тоа ќе се одрази и на другите пазари, вклучувајќи го и американскиот“, додаде тој.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња