Крв, банани, сладолед и друга неочекувана стока што Русија ја извезува

Сте знаеле ли дека Русија извезува банани? И тоа не е единствената неочекувана „руска“ стока. Погледнете го списокот на најнеобични нешта што Русите ги продаваат на странските пазари.

Русија е добро позната како земја која извезува нафта и гас. Во 2016 година над 60 отсто од државниот извоз (287.6 милијарди американски долари) зазема енергетскиот сектор. А, што е со останатите 40 отсто? 

Банани, кокос и друго егзотично овошје 

Русија не одгледува егзотично овошје, освен лубениците кои растат во Краснодарскиот крај, но тоа не ги спречува руските бизнисмени да купуваат јужно овошје како банани, манго, авокадо, кокос и ананас од Еквадор, Костарика, Мексико, Турција, Кина, Србија, Мароко, Египет и Азербејџан. Поголем дел од ова се јаде на рускиот пазар, но добар дел им се препродава на соседите, најмногу на Украинците, Белорусите и на Кинезите.

Според податоците на Меѓународниот трговски центар, Русија во 2016 година има извезено овошје и ореви во вредност од 77 милиони долари. Најголем дел од оваа сума отпаѓа на банани (28.8 милиони долари). 

Зачини 

Во 2016 година Русија станала еден од најголемите извозници на коријандер на светот (на второ место со заработка од 26.9 милиони американски долари; на прво место е Индија со 31.9 милиони американски долари). Русија исто така извезува ѓумбир, шафран, куркума, мајчина душица, дафинов лист и кари. Сето тоа дава вкупен приход од 4.4 милиони американски долари, според податоците на Меѓународниот трговски центар. Најголеми купувачи на руските зачини се Белорусија, Казахстан, Украина, Индија, Соединетите Американски Држави, Туркменистан и Киргистан. 

Сладолед 

Рускиот сладолед активно го освојува светскиот пазар. Откако претседателот Владимир Путин минатата година го почести својот кинески колега Си Ѓинпинг со сладолед, рускиот десерт стана мошне популарен во Кина, а извозот постојано се зголемува.

Извозот на руски сладолед во Кина минатата година пораснал за 5 пати, а други поголеми купувачи се Јужна Кореја, Германија, Чиле, Израел, САД, Полска, Шведска, Данска и Швајцарија. Во 2016 година нивото на извоз на сладолед скокнало за 21.5 отсто и достигнало 17.214 тони продадени за 38 милиони американски долари. 

Чоколада 

Според податоците на рускиот Центар за истражување на пазарите на десерти (ЦИКР), домашната чоколада се продава во над 50 земји, а меѓу нив се Канада, САД, Нов Зеланд, Австралија, Мароко и Иран. Најголеми купувачи се членките за Заедницата на независни држави и Кина.

Извозот на руската чоколада во последниве две години е во пораст, и од јануари до август оваа година е покачен за 8.1 отсто, достигнувајќи 92.000 тони за цена од 269 милиони американски долари според податоците на Меѓународниот трговски центар. 

Кафе и чај 

Малкумина Руси не би се зачудиле кога би чуле дека нивната земја е извозник на големи количества чај, кафе, па дури и на парагвајско мате. Но, руските и големите странски брендови купуваат суровини од Виетнам, Бразил, Италија и Индија и потоа ги преработуваат во Русија. Најголем дел од производството се продава во поранешните советски републики, во Израел, а сега и во Германија. Минатата година Русија има извезено чај во вредност од 76.3 милиони американски долари и кафе во вредност од 26.6 милиони американски долари (податоци на Меѓународниот трговски центар). 

Крв 

Уште една необична стока од рускиот извоз – човечка и животинска крв. Според податоците на Меѓународниот трговски центар минатата година на извоз на крв Русија заработила 160.5 милиони американски долари (30 милиони повеќе од 2015 година). Најголеми купувачи на крв од Русија се Казахстан, Белорусија, Узбекистан, Украина, Ангола, Нигерија, Киргистан и Кина. На листата увозници се и некои европски држави: Финска, Молдавија, Латвија, Германија, Италија и Холандија. 

Рогови 

Одгледувачите на ирваси од Јамалскиот регион минатата година за првпат легално извезоа во Кина 40 тони рогови и заработија на тоа милион американски долари. Кинезите веруваат дека роговите имаат лековити својства и ги користат во фармацијата, а исто така и како додаток на исхраната. Минатогодишниот извоз е првиот легализиран извоз. На црниот пазар годишно се заработуваат околу 2.5 милијарди рубли (42 милиони американски долари). Руските одгледувачи на Јамал исто така извезуваат дивеч. Во 2016 година на странските пазари се продадени 437.3 тони месо.

Шампони и козметика 

Падот на вредноста на рубљата помогна во извозот на козметички производи кој во последниве години е во постојан пораст, според податоците на Рускиот извозен центар. Во првата половина на 2017 година извозот пораснал за 46 отсто во споредба со истиот период лани, и достигнал 295.1 милиони американски долари. 

Руските козметички производи се популарни во поранешните советски републики, во Полска, Монголија, Чешка, Холандија, Германија и Британија, а неодамна почнаа да се продаваат и во Франција, ОАЕ, Кина, Сингапур и во Турција. 

Машини за перење алишта 

Според податоците на Рускиот извозен центар, Русија во 2016 година има извезено рекордни 1.4 милиони машини за перење алишта и се нашла на 10 место меѓу извозниците. Руските машини се продаваат не само во ЗНД, ами и во Полска, Романија, Италија и во Германија. 

Вендинг-машини 

Се очекува светскиот пазар на вендинг-машини (или автомати кои исфрлаат или прават стока кога купувачот ќе стави доволно пари во отворот) до 2025 година да достигне 11.8 милијарди долари, а Русија е дел од тоа. Вендинг-машините се популарни во земјата, а падот на вредноста на рубљата прави извозот на овие автомати да биде исплатлив.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња