Еден од најбогатите луѓе на планетата и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск, вели дека неговата компанија размислува да отвори фабрика во Русија.
„Мислам дека сме блиску до воспоставување присуство на „Тесла“ во Русија и мислам тоа дека ќе биде одлично“, изјави Маск на 21 мај 2021 година, додека учествуваше на форумот „Ново знаење“ во Москва преку видео-врска.
Овој форум за студенти, спонзориран од Кремљ, обедини еминентни експерти, вклучително и Илон Маск. Директорот на „Тесла“ се согласи да учествува на настанот преку видео-врска, откако доби покана од портпаролот на претседателот Путин Дмитриј Песков, кој беше домаќин на конференцијата.
Отворањето фабрика на „Тесла“ во Русија би можело да ја направи оваа земја центар на производство за земјите во развој, од каде што компанијата потоа би се ширела на другите пазари на постсоветскиот простор.
„Мислам дека во Русија има многу талент и енергија и дека треба да има повеќе дијалог и комуникација меѓу Русија и САД. Се надевам дека оваа енергија ќе продолжи да тече во иднината и би сакал да ги охрабрам луѓето да се стремат да ја направат иднината подобра од минатото и да негуваат оптимизам“, рече Маск.
Американскиот претприемач зборуваше и за својата визија за „Тесла“ во Русија. Бројни функционери одговорија на неговите понуди нудејќи ѝ на компанијата даночни олеснувања, одлична индустриска база и квалификувана работна сила.
„Московската област е дефинитивно најдобра за фабрика „Тесла“. Најголемиот талент, идеална логистика, тука веќе се наоѓа производство на „Мерцедес“! Ќе најдеме совршено место за вас“, напиша на „Твитер“ губернаторот на Московската област Андреј Воробјов.
Заменик-градоначалникот на Москва Владимир Ефимов му вети на Маск дека „ќе му ја даде целата неопходна помош за локализација на производството во Москва“.
Губернаторот на Калушката област, првиот човек на Удмуртија и портпаролот на регионалната влада на Калининградската област исто така изразија ентузијазам по повод можноста „Тесла“ да отвори фабрика во Русија и секој од нив ја покани компанијата во својот регион.
„Господине Маск, Удмуртија може да ви понуди даночни олеснувања и индустриски паркови. Ја имаме и најдобрата работна сила во земјата! Инвестирајте во Удмуртија! Добредојдовте во регионот на Русија познат по своето претприемништво!“, напиша на „Твитер“ првиот човек Удмуртија Александар Брехалов.
Маск исто така додаде на форумот дека Tesla Inc. не е заинтересирана само за рускиот пазар, туку и „пошироко за Казахстан и соседните региони“. Со оглед на тоа што Русија се граничи со многу од нив, отворањето фабрика во оваа земја звучи како логичен избор за компанија што сака да воспостави присуство на постсоветскиот простор.
Засега „Тесла“ нема фабрика ниту претставништво во Русија и сите модели на оваа компанија се појавуваат на рускиот пазар благодарение на посреднички компании.
Иако побарувачката за електрични автомобили во Русија и понатаму е слаба (само 700 електрични возила се купени во земјата во 2020 година, според податоците на „Автостат“), постепено почнуваат да се појавуваат станици за полнење на електрични автомобили на јавните паркиралишта во Москва, што укажува на интерес на градските власти за иднината на електричните автомобили во градот.
Покрај тоа, градот користи електрични автобуси во јавниот сообраќај од 2018 година. Таканаречените „електробусови“ често може да се видат на улиците на Москва и Санкт Петербург.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче