Како жителите на Советскиот Сојуз ја дочекаа победата во Втората светска војна

Михаил Озерский/Sputnik
Мнозинството советски граѓани добро знаеја дека пораз во војната ќе значеше смрт. Затоа толку долго исчекуваната и сонувана победа беше доживувана како спасение и нов живот.

На 9 мај 1945 година, во два часот и десет минути по полноќ, советското радио им ја соопшти на граѓаните на СССР долгоочекуваната радосна вест. Во берлинското предградие Карлхорст беше потпишан акт за безусловна капитулација на Германија.

Спикерот на Сесојузното радио Јуриј Левитан, кој ја прочита познатата вест, подоцна зборуваше: „Во текот на вечерта неколку пати соопштивме дека „радиото денеска ќе работи исклучително до четири часот наутро“. Таа, би се рекло, обична информација, се трудевме да ја прочитаме како да им порачуваме на луѓето: „Не одете на спиење. Чекајте“. Следеше лавина од телефонски повици. Познати и непознати, среќни гласови викаа во слушалката на телефонот: „Благодарам. Сфативме што сакате да кажете! Ги поставуваме масите! Јунаци!“.

Ленинград, 9 мај 1945.

„Таа ноќ огромната земја беше будна. Луѓето ги отвораа прозорците, ги будеа соседите, од сите страни се слушаше музика и радосни извици: Победа! Победа! Сите јурнаа на улица, се гушкаа, плачеа и се смееја. Владееше вистинска еуфорија“, сведочи подоцна во своите мемоари Јасен Засурски.

„Кога ќе здогледаа војник и офицер, луѓето ќе го земеа во раце и ќе почнаа да го лулаат. Непознати луѓе се бакнуваа едни со други. Тоа единство манифестирано на деветти мај четириесет и петтата никогаш повеќе не го видов. Сите бевме едно битие, и Руси, и Татари, и Узбеци, и Грузини, бевме единствени како никогаш претходно“, зборуваше Московјанинот Генадиј Ципин.

Људмила Суркова која во тоа време живеела во главниот град, се сеќава: „Реки луѓе се движат по улиците. Од попречните улички непрестајно пристигнува засилување. Сите одат кон центарот. Камиони со војници се обидуваат да се пробијат низ масата. Војниците се наведнуваат и ги бакнуваат оние кои можат да ги дофатат. Во камионот се фрлаат кутии цигари без филтер „Беломор“, се подаваат шишиња... Сè што се насобрало во текот на тие четири години, маките, надежите, разочарувањата, загубите, изби на површината во еден здив и ги зафати сите заедно, со многукратно поголем интензитет. Иако се чини невозможно, меѓутоа сите добро се разбираа и беа како родени браќа“.

Ленинград

„Зад широко отворените прозорци надвор допираше песна и се гледаше светло. Улицата „Ленинова“ е целата во рефлектори, на секое ритче противавионски батерии. Се чини, се пукаше од сите страни“. Така според Вјачеслав Игнатенко изгледал Владивосток на тој голем ден. Кулминација на прославата било подигање на знамето на Победата на балонот над заливот Златен рог. „Заслепувачките зраци на рефлекторите се вперени од блиските ритчиња во една точка и развеаното црвено Знаме на Победата над заливот. Тоа беше нешто сосема неверојатно, порака од небото. Во висина дуваше ветар и го развиори знамето кон градот во целосни негови димензии и блескавата црвена боја на платното“.

Москва

Веста за капитулацијата на Германија затекна многу војници на Црвената армија директно во борба. Морнаричкиот пешадинец на Балтичката флота Павел Климов во мај 1945 година бил во западна Летонија, каде што се наоѓаше голема непријателска група. „Германците први ни дадоа до знаење дека војната е завршена. Се движевме по брегот. По должината на германските ровови се слушаа врева и повици, но во почетокот не ни беше јасно за што станува збор. Се покажа дека тие дознале дека војната е завршена. Набргу врз основа на огнометот и пукањето во воздух сфативме дека е крај. И тогаш преку радио добивме наредба да ја запреме операцијата. Радоста беше голема“, се присетува Павел Фјодорович.

Плоштадот „Мајаковски“, Москва

На Црвениот плоштад во Москва вечерта е организиран величествен огномет. Триесет артилериски плотуни од илјадници орудија, придружувани од зраците вперени од 160 рефлектори и истрелани разнобојни ракети. Јасен Засурски подоцна се потсетува на тие моменти. „Од некоја причина запаметив како плотуните плашеа јата гаврани. За да бидат слушнати, тие со крици летаа зад sидовите на Кремљ и кружеа во воздухот како да се радуваа заедно со нас, сè изгледаше прекрасно“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња