Хартиите од вредност во Москва, како што се очекува, треба да покажат најдобри резултати во последните три години. Индексот ММВБ, кој се зема како главен критериум за проценка на акциите во рубли, во моментов порасна за 27 проценти, а деноминираниот во долари индекс РТС преку 40 проценти. Според тие показатели Русија ги претекнала повеќето други пазари во развој, пишува „Вол Стрит Џурнал“.
Инвеститорите повторно почнаа да купуваат руски хартии од вредност. Тие се привлечени од дарежливите дивиденди што ги исплаќаат државните компании, како и високите приходи од државните облигации во услови на ослабено дејство на американските санкции.
Според аналитичарите, по пет години откако нејзината економија западна во неволја поради наглиот пад на цената на нафтата, главната ставка на рускиот извоз, како и западните санкции воведени во 2014 година, Русија сега ги стигнува другите пазари во развој.
Рубљата годинава зајакна за 11 проценти во однос на доларот, иако повеќето валути на пазарите во развој ослабеа.
Вашингтон очигледно, исто така, одлучи да го ублажи својот став. Во јануари оваа година Министерството за финансии на Соединетите држави ги укина санкциите против „Русал“, поради што акциите на овој алуминиумски гигант пораснаа за 43 проценти на берзата во Хонг Конг.
Во август беа воведени нови санкции, со кои на американските банки им се забранува да ѝ даваат кредити во странска валута на руската држава и да учествуваат на примарниот пазар во купопродажба на руски државни облигации во други валути. Меѓутоа, од исклучителна важност е и тоа што Соединетите држави ги поштедија облигациите во рубли и секундарниот пазар.
Дали тие би можеле да ги заострат санкциите уште малку? Да би можеле, рече Џозеф Муавад, менаџер задолжен за позајмици на пазарите во развој на француската инвестициска компанија „Кармињак“ (Carmignac). Меѓутоа, дали тоа суштински ќе ја промени ситуацијата? Нема, затоа што Русите се подготвија за тоа, пишува „Вол Стрит Џурнал“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче