Евроазиската унија и Србија потпишаа Договор за слободна трговија

Влада на Србиjа
Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) потпиша Договор за слободна трговија со Србија.

Потписи на документот ставија претседателот на колегиумот на Евроазиската економска комисија (ЕАЕК) Тигран Саркисјан, премиерите на земјите од ЕАЕУ и српскиот премиер Ана Брнабиќ,  пренесува агенцијата РИА „Новости“.

Во материјалите подготвени за церемонијата на потпишување се истакнува дека овој трговски договор не само што целосно ги усогласува условите за трговија на Белорусија, Казахстан и Русија со Србија, со која овие земји веќе имаат билатерални Договори за слободна трговија, туку создава и еквивалентен режим на промет на ерменски и киргистански производи, кои претходно немаа предност на српскиот пазар.

„Србија веќе има трговски договори со Русија, Казахстан и Белорусија. Сега се придружуваат Ерменија и Киргистан. Ние реализираме важна функција – го унифицираме режимот на преференции во трговијата што ќе важи за сите земји на Унијата. Овој договор ќе даде нов поттик за проширување на трговско-економската соработка со Србија“, објасни Саркисијан, чии зборови се наведуваат во споменатиот материјал.

Се истакнува дека со постигнатиот договор значително е обновена регулаторната компонента на договорот и дека во него се додадени најсовремените правни измени, особено во сегментот на примена на заштитните мерки, решавањето спорови и правилата во врска со потеклото на стоката.

„Постигнатиот договорот, пред сè, отвора принципиелно нов пазар за стоки произведени во Ерменија и Киргистан и на кои сега ќе им биде отворен директен пристап кога станува збор за повеќето извозни артикли и, второ, отвора нови можности за извоз за производителите од Белорусија, Казахстан и Русија“, додаде министерката за трговија на ЕАЕК Вероника Никишина.

Покрај тоа, договорот е економски профитабилен за земјите на ЕАЕУ и за Србија како во краткорочна перспектива, врз основа на моменталната заштеда на царинските трошоци во поглед на важечкиот извоз, така и во среднорочна, благодарение на реализацијата на извозните можности во услови на поширок дијапазон во кој ќе важи режимот на слободна трговија.

„Секоја членка на Унијата ќе има корист од новите можности за зголемување на извозот во Србија. Кога станува збор за Ерменија, потенцијалот се состои во зголемување на извозот на стоки што оваа земја и инаку традиционално ги извезува, а тоа се жестоки алкохолни пијалоци, цигари, прехранбени и земјоделски производи. Потенцијалот на Киргистан е во извозот на земјоделски производи и преработки, на пример мешунки, оревести плодови и мед. Перспективата на Белорусија ја гледаме во зголемениот извоз на вотка, слатки и горчливи овошни ликери, мелем и лековити билки. Казахстанските компании имаат можност да го зголемат извозот на полутврдо сирење во Србија, како и на жестоките алкохолни пијалоци, додека руските компании ќе го зголемат извозот на широкиот асортиман стоки, од изолациски вентили до водоинсталатерски уреди за домаќинството“, ги објасни Никишина деталите за тарифниот договор со српските партнери.

Се истакнува дека со договорот со српските партнери е дефиниран комплексот обврски поврзани со почитувањето на меѓународните стандарди при примената на процедурите за лиценцирање, за забрани и квалитативни ограничувања, техничката регулатива и санитарните и фитосанитарните мерки, за примена на антидампинг заштитни мерки, како и компензации и специјални заштитни мерки и за заштита на правата на интелектуалната сопственост.

„ Во преговорите суштински обновен регулаторниот сегмент на договорот во однос на билатералните договори што Белорусија, Казахстан и Русија претходно ги склучија со Србија – во разумна мера се земени предвид современите тенденции и современите практики“, рече Никишина.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња