РБК: Стабилноста на руската економија на највисоко ниво од 2007 година

ZUMAPRESS.com/Global Look Press

Ризикот од банкрот на Русија денес е најнизок од летото 2007 година и се наоѓа на нивото на кое во 2005 година земјата доби повисок кредитен рејтинг. За тоа придонесоа макроекономските показатели, како и тоа што инвеститорите се сомневаат во воведувањето нови сериозни санкции, пишува порталот РБК.

Кредитниот ризик на Русија оваа недела падна на 74 поени. Овој показател се пресметува врз основа на вредноста на петгодишното осигурување од банкрот на земјата.

Во јуни 2007 година, една година пред почетокот на глобалната финансиска криза, тој беше на ниво од 36,9 поени. Во октомври 2008 година беше дури и повеќе од 1000 поени. Во текот на следните 10 години, кредитниот ризик на Русија беше во пад, но уште во 2018 година изнесуваше 170 поени.

Главниот економист на банката „Нордеа“ Татјана Евдокимова истакнува дека оваа ситуација е последица на „екстрастабилните фундаментални макроекономски показатели на Русија“, како и на помалата веројатност за воведување нови санкции. Други експерти исто така посочуваат дека последната рунда рестриктивни мерки не била сериозна. Во овој контекст, сметаат тие, може да се очекува дека веќе во 2020 година меѓународните рејтинг-агенции ќе го повишат рејтингот на Русија.

Уште една причина за намалување на кредитниот ризик е ситуацијата во светската економија. Поради неможноста да заработат пари на развиените пазари, каде што се присутни ниски или нулта каматни стапки, инфлација и економски раст, инвеститорите сè повеќе внимание посветуваат на новите пазари. Поради оваа причина, истакнуваат експертите, проценката на ризикот на овие пазари може да биде нереална, а побарувачката може да предизвика уште еден „меур“ во глобалната економија.

Се смета дека една од главните причини за кризата во 2008 година е економскиот „меур“ на пазарот на хипотекарните кредити. Погрешната процена на ризикот доведе до невраќање на кредитите и до тоа обврзниците емитувани како нивна гаранција да станат безвредни. Денес, како што истакнуваат економистите, во нивниот обид да заработат пари на пазарите во развој инвеститорите имаат тенденција да занемарат многу фактори, како што е политичката нестабилност, која носи значителни ризици.

Прочитаjте повеќе: РБК: Чистиот државен долг на Русија првпат по воведувањето на санкциите во 2014 година е под нулата

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња