РБК: Чистиот државен долг на Русија првпат по воведувањето на санкциите во 2014 година е под нулата

Reuters

Стручњаците на порталот тврдат дека тоа се должи на рекордните државни резерви.  

Чистиот државен долг на Русија првпат по воведувањето на санкциите и падот на цените на нафтата во 2014 година бележи негативни вредности. Ова во вторникот го објави порталот РБК, повикувајќи се на податоците на руското Министерство за финансии и Централната банка, кои беа анализирани од стручњаци на порталот.

Како што се наведува, во 2019 година државниот долг во поширока смисла (внатрешниот и надворешниот долг на федералната влада, регионите и локалните самоуправи) е помал во споредба со ликвидните средства на федералната влада, регионите и вонбуџетските државни фондови поради рекордниот износ на државните резерви што го покриваат државниот долг.

Се истакнува дека Русија во случај на потреба може да ги покрие сите свои долгови со помош на државните депозити на Централната банка, без да користи други средства.

Во 2014 година Европската унија воведе санкции против Русија поради настаните во Украина и присоединувањето на Крим кон Русија. Санкциите повеќе пати беа проширени и продолжувани. Беа прекинати преговорите за безвизен режим и за новиот основен договор за соработка, беше воведена забрана за влез во земјите на ЕУ за претставниците на Руската Федерација и замрзнати нивните средства, беа воведени ограничувања од трговски, финансиски и воен карактер. На списокот на санкционирани лица и компании има 151 физичко лице и 37 правни лица. Секторски санкции беа воведени против 20 руски финансиски, енергетски и одбранбени структури.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња