Дали Русија навистина ќе ги намали воените трошоци?

Sputnik
„Модернизацијата на руската војска и понатаму останува приоритет, но воениот буџет ќе биде намален поради економските проблеми со кои се соочува земјата од 2014 година“, тврдат од Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ), а исто така се додава и дека воениот буџет на РФ е намален на 66.3 милијарди американски долари, што е наводно резултат на економската криза, на санкциите и на падот на вредноста на рубљата.

Портпаролот на рускиот претседатл Дмитриј Песков делумно ги демантираше тврдењата на Стокхолмскиот институт, изјавувајќи дека трошоците се коригираат според претходно утврден план и додаде дека не станува збор за толку големо намалување на буџетот.

„Претседателот повеќепати зборуваше дека трошоците за одбраната и за одбранбено-индустрискиот комплекс го достигнале својот максимум. Доколку се земе предвид дека материјалната база на руските вооружени сили е обновена, нѐ очекува намалување на трошоците за одбрана што ќе се одвива етапно“, рече Песков на 23 март. Оттука, пресметката на Стокхолмскиот меѓународен институт не е точна, но тежнеењето го почувствуваа, додава Песков.

Постојаниот автор на воената рубрика на Russia Beyond-Македонија Николај Литовкин се обиде да дознае како Русија планира да штеди во воената сфера.

На што ќе штеди Русија?

Трошоците што ги намалува Русија главно се однесуваат на новото оружје и во времето на нова студена војна не планира да ја запре трката во вооружувањето, сметаат руски воени експерти.

„Военото планирање во наше време се засновува на принципот на 'неопходно и доволно'. Се воздржуваме од зголемувањето на нуклеарни боеви глави и се придржуваме до меѓународните договори што се потпишани во последниве 30 години“, вели за Russia Beyond-Македонија Виктор Литовкин, воен аналитичар на новинската агенција ТАСС.

Неодамна Русија реши трипати да го намали количеството пари за развој на ново вооружување и Министерството за одбрана сега ќе добие околу 370 милијарди американски долари за воени потреби и за истражувања до 2027 година.

Су-57

„Ќе ја стопираме работата на новата генерација носачи на авиони, нема да добиеме толку авиони од петтата генерација Су-57 колку што планиравме, ќе ја одложиме работата на новата генерација стратешки бомбардери ПАК ДА и некои други скапи програми“, додава Литовкин.

Покрај тоа, државата ќе се откаже од идејата да постави интерконтинентални балистички ракети на железнички шини (Проект Баргузин).

Кои се главните проекти во блиска иднина?

„Парите ќе бидат вложени во оружје кое спречува големи вооружени конфликти и не дозволува заострување на односите со западните држави за да дојде до Трета светска војна. Тоа е секако нуклеарното оружје и тоа е создавање на нови хиперсонични ракети и на други технологии“, вели за Russia Beyond-Македонија Виктор Мураховски, главен уредник на списанието „Арсенал Отечества“.

Тој потсетува дека со овие системи рускиот претседател Владимир Путин го потресе светот во годишното обраќање во Федералното собрание на Руската Федерација.

Тоа е хиперсоничната ракета „Кинжал“ која може да ја носи МиГ-31 и да го гаѓа непријателот од оддалеченост од над 2.000 километри, односно пред радарите да го забележат авионот.

Тоа е и хиперсоничниот систем „Авангард“ кој може да лета во густите слоеви на атмосферата (на границата со стратосферата) на интерконтинентална оддалеченост со брзина од над 20 маха.

Колку кратењето на воениот буџет е неочекувано?

Гласовите за тоа дека Русија го намалува воениот буџет, всушност, се повторуваат од година во година. Воените трошоци во 2016 година изнесуваа 3.3% од бруто домашниот производ, и уште тогаш е најавено дека постепено ќе се намалува, на пример, дека во 2018 година ќе изнесува 3% од БДП, а во 2019 ќе биде уште помалку – 2.8%.

И овој тренд воопшто не изненадува. Во услови на пониски цени на нафтата чудно би изгледало доколку воените трошоци се зголемуваат, а социјалните се намалуваат. Но, што и да се случи, лесно може да се забележи дека темпото на модернизацијата на вооружувањето не е забавено: копнените, воздушните и воено-морските сили, какошто е планирано, и понатаму добиваат нови високотехнолошки системи за вооружување.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња