Пред три години Русија воведе ембарго на увоз на прехранбени производи од Европската Унија, Северна Америка, Австралија и многу други земји како одговор на западните санкции. Забранет е увозот на говедско, свинско, пилешко, риба, сирења, млеко, овошје и зеленчук. Дали ембаргото ѝ донесе на Русија корист или штета?
Владимир Астапкович / РИА Новости
Забраната предизвика скок на цените на прехранбените производи, а тоа понатаму предизвика уште поголема инфлација. Секако, главна причина за инфлацијата е девалвацијата на рубљата до која дојде во декември 2014 година, но скокнаа и цените на домашните прехранбени производи, пресмета руската редакција на Би-Би-Си. Новинарите тврдат дека потрошувачката кошничка на московјаните сега е повисока за 69% за разлика од август 2014 година. Од друга страна Министерството за економски развој соопштува дека просечните цени од август 2014 година се покачени за само 32%.
„Негативниот ефект е намалената стоковна размена во руската економија, зашто поголем дел од приходите се троши на храна, а со самото тоа многу помалку средства се издвојуваат за други видови стоки и услуги“, вели Даниил Кириков, авторизиран партнер на групацијата Kirikov Group.
Ембаргото очигледно го ограничи изборот на прехранбени производи на домашниот пазар. Европското овошје и зеленчук беа заменети со стока од Турција, Египет, Мароко и десетина блискоисточни земји. Европската храна со висок квалитет, како што се италијанскиот кашкавал и шпанската пршута и синото сирење е заменето со слична стока од руско или од белоруско производство, иако прашање е колку тие се навистина слични според квалитетот.
Извор: Getty Images
„Во овој момент може да се каже дека ембаргото на храна придонесе за поголема популарност на руските прехранбени производи, но намалувањето на приходите на населението го забави овој процес“, вели Артјом Деев, водечки аналитичар на брокерската компанија „Amarkets“.
Руската влада го искористи ембаргото како протекционистичка мерка во полза на домашните производители кои го форсираа развојот на малите земјоделски стопанства во Русија во согласност со државната програма за евтини кредити до 250.000 американски долари (15 милиони рубли) воведена во 2012 година за почетниците. Банката „Россељхозбанк“ која соработува со руското Министерство за земјоделство соопштува дека малите и средните земјоделски добра во 2016 година добиле над 9.200 кредити во вкупна вредност од 191.5 милијарди рубли, а тоа е повеќе одошто е издвоено за овие потреби во 2015 година (тогаш земјоделците добија 183.7 милиони рубли), велат од информативната служба на банката.
Извор: Виталиј Тимкив, ТАСС
„Сега на земјоделските производители им е потребно извесно време да ги вратат кредитите што ги зедоа, да остварат профит и да продолжат со производство без опасност да го изгубат пазарот, но траењето на ембаргото треба да биде ограничено и да се засновува на политиката на цени, на финансиските показатели и на економската состојба“, вели Пјотр Пушкарјов, главен аналитичар на групацијата „TeleTradeGroup“.
Благодарение на санкциите и на програмата за државна поддршка на земјоделците инвестирањето во стаклениците е сè попопуларно во руските бизнис-кругови, па дури и во круговите на политичката елита.
Извор: Донат Сорокин, ТАСС
На пример, Аркадиј Абрамович, син на милијардерот Роман Абрамович (кој со капитал од 7.6 милијарди долари е на 13 местото на списокот на руски богаташи на Форбс), одлучи да одгледува домати и краставици во Белогородската област, на границата со Украина (720 километри јужно од Москва). Тој на крајот од 2015 година ја основаше компанијата „Гринхаус“ која се занимава со одгледување зеленчук. И помладиот син на рускиот јавен обвинител Јуриј Чајка, Игор, одлучи да инвестира во земјоделскиот сектор. Тој во март 2016 година ја основаше компанијата „Агро-Регион“ која исто така се занимава со одгледување зеленчук.
Според податоците што ги изнесува руското Министерство за земјоделство, приносите на домати и на краставици во руските стакленици во јули 2017 година пораснале за 19.8% (тоа е вкупно нешто повеќе од 570 тони) во однос на јули 2016 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче