Зошто во Европа повторно се зборува за Јужен тек?

Ројтерс
Медиумите од Бугарија, Унгарија и Австрија пишуваат за можно обновување на проектот на гасоводот кој беше замрзнат во 2014 година.

На почетокот на јуни за враќањето на Јужен тек на дневниот ред, откако пред три години беше замрзнат проектот за изградба на гасоводот, соопштија неколку европски медиуми, а исто така и министерот за надворешни работи на Унгарија. Засега официјални информации од Гаспром, кому му припаѓа проектот Јужен тек, нема, а во Министерството за енергетика на Русија соопштија дека не е планирано враќање на проектот. Но, експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“ сметаат дека обновувањето на проектот е можно, без оглед на апсурдноста на таквиот чекор.

Што пишуваат европските медиуми

На почетокот на јуни унгарските медиуми известија дека се водат скриени преговори за можноста за обновување на изградбата на Јужен тек меѓу Москва, Будимпешта и Белград (на пример). На 2 јуни министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто изјави дека Русија, Унгарија и Србија ги обновиле преговорите за изградба на гасоводот Јужен тек.

Австриското издание Der Standard на 13 јуни објави дека најголемата компанија за нафта и гас во Централна Европа OMV и Гаспром ги разгледуваат можностите да ја обноват работата над проектот. Основен бенефицијар треба да биде австриската OMV и самата Австрија, која во таков случај ќе стане најголем гасен хаб во Европа, се вели во публикацијата.

Освен тоа, на 9 јуни бугарскиот весник Капитал, повикувајќи се на анонимни официјални лица соопшти дека владата на Бугарија води преговори со Руски Гаспром во врска со варијантите за испорака на гас во Јужна Европа. Меѓу останатите варијанти се по линијата на Турски тек или преку Бугарија. На тој начин Бугарија ќе ја зачува својата улога како транзитна земја, забележува изданието Интересот за оваа тема го зголеми и телефонскиот разговор помеѓу претседателите на Бугарија и на Русија Румен Радев и Владимир Путин, во кој тие ги разгледале билатералните соработки во сферата на енергетиката. Ова во понеделникот на 19 јуни беше соопштено од службата за односи со јавност на Кремљ.

Зошто беше замрзнат Јужен текЈужен тек со вредност од 15.5 милијарди евра беше планиран за испорака на 67 милијарди кубни метри гас годишно во Европа. Оператор на проектот беше фирмата-ќерка на Гаспром South Stream Transport B.V. Основната маршрута на гасоводот со вкупна моќност од 63 милијарди кубни метри годишно требаше да минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија. Сепак, во декември 2014 година Русија се откажа од изградбата поради позицијата на Бугарија, по што Гаспром ги откупи уделите во проектот на Eni, EdF и Wintershall.

Враќање на Јужен тек – колку е реално тоа?

Сега Гаспром се занимава со реализација на алтернативни проекти во европска насока, а најголеми од нив се Северен тек-2 (55 милијарди кубни метри годишно) и Турски тек (две линии по 15.75 милијарди кубни метри). „Гаспром има доволно варијанти за гасоводни проекти кон југот“, забележува во коментар за „Руска реч на македонски“ Александар Собко, аналитичар на Енергетскиот центар при бизнис-школата СКОЛКОВО.

Сепак, враќањето кон проектот е можно и за тоа може да биде искористен Турски тек кој веќе е во изградба, вели Собко. „Можно е обновувањето на Јужен тек да е навистина поврзано со втората линија на Турски тек, по која гасот ќе оди на југоистокот од Европа. Во таков случај малку е веројатно дека Бугарија повторно ќе стане учесник во проектот со оглед на фактот што поради неа беше замрзнат Јужен тек“, вели аналитичарот.

Освен Бугарија, единствен можен транзитер во ЕУ е Грција од каде гасоводот ќе мине низ Македонија, Србија, Унгарија и, на крајот, ќе дојде до Австрија. На тој начин може да се добие маршрута на „турски-јужен“ тек, смета Собко. „Проблемот тука е во малата моќност на гасоводот и, соодветно, високите трошоци за изградбата во поглед на обемот на гасот што ќе се транспортира“, забележува тој.

Без оглед на висината на трошоците на Турски тек и на Северен тек-2 кои веќе се во фаза на реализација, враќањето кон Јужен тек не е исклучено, смета Сергеј Корољов, аналитичар на финансиската компанија Алор Брокер (една од топ-10 руски брокери). „На Европа ѝ е мошне потребна алтернатива на украинската маршрута за транспорт на гас, а Гаспром може да ја обезбеди, пречка се само политичките несогласувања кои се привремени, па затоа може да 'пукне' кој било од трите наброени проекти“, вели тој. Ризиците за појавувањето и за симнувањето на административни бариери кај сите три проекти, според него, се речиси еднакви, затоа е разумно да се работи на трите истовремено. Можното обновување на преговорите за Јужен тек треба да се разгледува во контекст на општата геополитичка опстановка на Блискиот Исток, смета Олег Богданов, главен аналитичар на „Телетрејд Груп“. „Можеби по блокадата на Катар Москва решила да ги активира сите можни варијанти за енергетска соработка со европските земји, со оглед на тоа што со постоењето на повеќе варијанти – Северен тек-2, Турски тек, Јужен тек – се појавува можност за маневри и тргување, особено доколку се земе предвид мошне крутата позиција на Киев за транзит на гас“, смета Богданов. Политички плусови во преговорите има повеќе одошто економски, вели аналитичарот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња