„Гаспром“ почна да го поставува морскиот дел од гасоводот „Турски тек“, соопшти самата компанија на 7 мај 2017 година. „Турски тек“, кој го замени неуспешниот „Јужен тек“, според плановите треба да биде завршен во 2019 година, а истиот краен рок е поставен и за другиот руски гасовод „Северен тек-2“.
Земјите од Западна Европа ќе можат на тој начин да добиваат без прекини руски гас по значително пониска цена. Денес транспортот на руски гас преку „Северен тек-1“ на европските земји им излегува 1.5 пати поевтино отколку во гасниот транспортен систем на Украина, покажуваат податоците презентирани од страна на министерот за енергетика на Русија Александар Новак во декември 2016 година
Ризиците проектите да не бидат завршени и истите да не бидат пуштени во употреба се минимални, сметаат експертите. Пред неколку недели истовремено пет европски компании - француската „Анжи“ (Engie), австриската О Ем Ви (OMV), британско-холандската „Ројал Дач Шел“ (Royal Dutch Shell) и германските „Унипер“ (Uniper) и „Винтерсхал“ ( Wintershall) - потпишаа договор со ќерката-компанија на „Гаспром“ – „Северен тек-2 AG“ (Nord Stream 2 AG) - за финансирање на изградбата на гасоводот и за таа цел обезбедија 5 милијарди евра.
„Таквата шема на финансирање целосно го решава проблемот со евентуалното блокирање на градежништвото од полската антимонополска служба. Сега може да се гради, Германците се силно заинтересирани за тоа“, вели Олег Богданов, главен аналитичар на „Телетрејд Груп“.
Ризиците за изградба на „Турски тек“ зависат целосно од состојбата на односите помеѓу Турција и Русија. „Во моментов, по последната средба помеѓу [рускиот претседател Владимир] Путин и [претседателот на Турција Реџеп Таип] Ердоган сите прашања и проблеми се решени, затоа пред изградбата на нафтоводот нема пречки“, вели Богданов. Од друга страна владата на Турција е силно заинтересирана за „Турски тек“. „За Турција тоа е првиот чекор кон нејзината глобална стратегија за создавање на енергетски центар, кој ќе им служи на земјите од Јужна Европа“, коментира Артјом Деев, водечки аналитичар на „Амаркетс“ (Amarkets).
Започнувањето на работа на двата гасоводи во 2019 година ќе ги прошири можностите на рускиот „Гаспром“, кој го зголеми уделот на европскиот пазар и денес обезбедува 33.5% од целиот консумиран гас во Европа. „Гаспром“ ќе успее да го подобри сопствениот рекорд и да го зголеми својот удел со уште неколку процентни поени во 2019 година“, посочува Деев.
Една од главните задачи при изградбата на „Турски тек“ и на „Северен тек“ се сведува на тоа да се намалат провизиите за транспорт на гас преку Украина, Полска и Балканот. Во Украина денес поминуваат до 66% од рускиот гас за Европа.
Првата цевка на „Турски тек“, која започна да се гради во мај 2017 година, треба целосно да го замени Балканскиот гасовод кој сега тргнува од Русија, за да стигне до Турција, поминувајќи низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија, посочува Игор Јушков, водечки аналитичар на Фондот за национална енергетска безбедност.
„Ова цевка се гради исклучиво за потребите на самата Турција и ќе има капацитет од 15.75 милијарди кубни метри гас, додека преку Балканскиот гасовод годишно поминуваат околу 11 милијарди кубни метри“, коментира Игор Јушков.
Само што „Гаспром“ и земјите од Западна Европа нема да можат да се ослободат целосно од транзитните земји. „Во 2016 година во Украина се транспортирани 82.2 милијарди кубни метри гас, а „Северен тек-2“и „Турски тек“ ќе можат да носат, дури и при полно оптоварување, максимум 70 милијарди кубни метри гас. Затоа во сите случаи од 10 до 15 милијарди кубни метри гас годишно ќе останат за украинската цевка“, посочува Ана Вовк, генерален директор на компанијата „Национална дистрибуција“ („Национальная дистрибьюция“).
Според пресметките на Игор Јушков постои веројатност капацитетот на „Турски тек“ и на „Северен тек“ да е доволен за да може („Гаспром“ - заб. ред.) да се откаже од „украинската цевка“, но за таа цел „Гаспром“ ќе треба да ги оптовари сите достапни сегашни и идни капацитети до максимум.
„Гаспром“ се потпира на тоа да продолжи падот на производството на гас во северозападна Европа, кој сега се забележува во Холандија, Данска, Велика Британија и Норвешка, и да го зголеми обемот на снабдување и така целосно да го оптовари „Северен тек-1“, вели Јушков. Останатите 10-15 милијарди кубни метри од Украина можат да се преземат по втората цевка на „Турски тек“, која ќе се пушти кон Италија преку Турција и Грција, или пак по пат на неуспешниот „Јужен тек“ преку Бугарија кон јужна Европа .
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче