Зошто расте сивата економија во Русија?

Андреј Махонин / ТАСС
Од една страна за тоа придонесува економскиот пад, а од друга - експанзијата на технологијата и интернет-берзите за работа и за дополнителни приходи.

Претходно 26-годишниот московјанин Максим Крилов заработувал како таксист ноќно време, но со доаѓањето на апликациите Uber и Yandex.taxi пред две години почна да работи како таксист со полно работно време. „Претходно со часови чекав повик, а сега нема прекини - повиците доаѓаат еден по друг постојано и цел ден можам да патувам во пределите на регионот“, вели тој.

Според зборовите на Максим сега тој заработува до 40.000 рубли неделно (над $ 700). Според законот Максим треба да се регистрира како трговец поединец и да плаќа даноци на приход, но засега тој преферира да не го прави тоа - собира пари за хипотека, а за користење на апликации за такси не се бара формална регистрација.

Неофицијално и без даноци

Вработувањето во сивиот сектор на руската економија на крајот на 2016 година достигна рекордно ниво за последниве 10 години, покажуваат податоците на руската статистичка служба „Росстат“ (податоците се објавени од бизнис-изданието РБК во средината на април).

Во групата на вработени во неофицијалниот сектор „Росстат“ ги вклучува луѓето кои работат во претпријатија, нерегистрирани како фирми, односно овие луѓе се самоосигурани лица, фармери, индивидуални претприемачи и лица вработени кај нив на работа, а исто така и членови на семејството, кои помагаат во сопствениот бизнис или во бизнис кој му припаѓа на некој од роднините.

Во 2016 година во неформалната економија работеле 15.4 милиони луѓе или 21.2% од вкупниот број на вработени. Неофицијалниот сектор постојано расте од 2011 година и за тоа време е зголемен за 4 милиони луѓе, покажуваат пресметките на РБК, направени врз основа на податоци на „Росстат“.

Сепак, според процените на Руската академија за народно стопанство и државна администрација (РАНХиГС) сивиот пазар на трудот опфаќа 30 милиони Руси, а тоа е над 40% од економски активното население, од кои 21.7 милиони луѓе ја комбинираат официјална работа и неформална дополнителна заработка или пак добиваат дел од платата неофицијално, во „пликови“.

Според податоците на Министерството за финансии на Русија обемот на неформалните плати во земјата се проценува на 12 билиони рубли ($ 200 милијарди) или 10-13% од бруто домашниот производ.

Причини и последици

Според зборовите на професор од Катедрата по финансиски пазари и финансиски инженеринг на РАНХиГС Сергеј Хестанов главниот фактор за зголемувањето на неофицијалното вработување е комбинацијата од падот на реалните расположливи приходи на граѓаните и зајакнувањето на даночниот притисок. „Иако данокот на приход во Русија (НДФЛ) е 13%, нивото на општото даночно оптоварување во земјата е премногу висок и достигнува над 30%, а тоа, пак, води до зголемување на неофицијалното вработување“, вели Хестанов.

„Засега зголемувањето на неофицијалното вработување не води до значителни проблеми, но во иднина тоа ќе предизвика зајакнување на оптоварувањето на пензискиот фонд (ПФР), а тоа природно е непожелно“, коментира Хестанов, истакнувајќи дека неофицијалното вработување од гледна точка на економијата сепак е подобро отколку зголемување на невработеноста.

Сивиот сектор расте не само поради економската криза, коментира Алексеј Гидирим, соосновач на интернет-берзата YouDo.com. „Развојот на мобилни, интернет и облачни технологии придонесува за развојот на сивиот сектор на економијата: луѓето настојуваат да го зачуваат нивото на платата од времето на падот на економијата и задолжителниот услов на официјалното вработување отстапува на втор план“, вели Гидирим.

Според него на сајтот YouDo.com секој месец само во Москва и Санкт Петербург се регистрираат над 40.000 луѓе кои бараат дополнителен приход или работа. Вкупно на страницата се регистрирани околу 300.000 изведувачки кадри и компанијата предвидува дека до крајот на годината нивниот број ќе се удвои.

Сите самовработени кои сега работат во неформалниот сектор, при излегувањето од сивата зона може да станат двигател на економијата на Русија, посочува Гидирим. „Без реформа на работниот систем нема да биде можно тоа да се направи. Особено во него треба да се појави нова категорија работници со јасни законски утврдени права и обврски - самовработени граѓани“, објаснува тој.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња