На руската економија ѝ треба рецепт за пораст

Getty Images
Економијата на Русија излезе од рецесија, но стапките на пораст засега се многу ниски. Ќе може ли земјата да се врати на високите индикатори од пред кризата?

Руската економија излезе од рецесија. Такво е мислењето и на руската агенција за статистика „Росстат“, и на Министерството за економија, и на Централната банка. Економскиот пад започна во првиот квартал на 2015 година и по оценките на „Росстат“ траела 7 последователни квартали. Според општоприфатените критериуми рецесијата завршува кога се забележува пораст на економијата два последователни квартали. Затоа, имајќи ги предвид многу добрите резултати од првите два месеци од 2017 година, сè уште е рано со доверба да се тврди дека економијата преминала кон пораст. Патем, и сигурни основи да се тврди дека економскиот пад продолжува, исто така, нема. Најдобрата карактеристика за моменталната состојба на руската економија е зборот „стагнација“.

Знаци на заживување

Природната состојба на економијата е пораст. Економијата е жив организам, па дури и во услови на рецесија се наоѓаат сектори и компании кои се чувствуваат добро и дури растат. Доколку се погледне историјата за последниве 30 години, тогаш бројот на земји кои биле во рецесија со времетраење над две години (ако не биле во состојба на војна или граѓанска војна), е дваесетина. Затоа не е чудно што во руската економија се набљудуваат сè повеќе и повеќе знаци на заживување.

Неодамнешните истражувања на „Росстат“ покажаа дека малиот бизнис ја претрпе кризата значително полесно и неговиот придонес во економијата порасна. Руското земјоделство одржливо расте од 1999 година, а добрата жетва од минатата година му даде импулс на овој сектор. Зголемувањето на светските цени на јагленот доведе до остар пораст на рускиот извоз и подобрување на показателите на железницата. Програмата за вооружување на армијата, која великодушно се финансира од буџетот, ја оптоварува моќностa на претпријатијата од одбранбената индустрија. Потрошувачката од населението, што се намалуваше две последователни години, изгледа, почна да оживува. Најмногу за тоа зборува порастот на потрошувачкото кредитирање, а и еднократната дополнителна исплата на пензиите на сите пензионери исто така помогна за активирањето на потрошувачката активност.

Знаците за заживување сепак не прераснаа во општ економски подем и во голем број важни сектори продолжуваат кризните тенденции. Продажбата на нови автомобили постојано се намалуваат од 2013 година. Година и половина опаѓа и обемот за домување, а одлуката на Владата да ја укине субвенционираната каматната стапка за хипотекарните кредити доведе до значително намалување на побарувачката за нив.

Иако Централната банка зборува за обновување на порастот на инвестициите, обемот на производството и увозот на инвестициски стоки во Русија не покажуваат знаци на пораст. А и строгата монетарна политика на Централната банка, која ја држи водечката каматна стапка на ниво од околу 10% при годишна инфлација од нешто над 4%, води до драстичен пад на побарувачката на кредити од реалниот сектор на економијата.

Добро, но бавно

По кризата од 2007-2009 година во текот на две години руската економија растеше со темпо кое гo надминуваше порастот на светската економија. Потоа сепак трендот се сврте. За последните пет години акумулацијата стана толку голема што руската економија ќе може да го неутрализира пропуштеното, само доколку во следните 10 години темпото на нејзиниот пораст го надмине порастот на светската економија со 1% годишно (според податоците на Светската банка во 2016 година светската економија се зголемила за 2.3% - заб. ред.). Засега руската влада не може да понуди таква оптимистичка прогноза. Најновите проценки на Министерството за економија покажуваат стапки на пораст од 1.5-2% во наредните три години, а шансите за подоцнежно можно забрзување се поврзуваат со голем број структурни реформи кои сè уште не се идентификувани од експертите и не се одобрени од страна на владата.

Во таква ситуација задачата поставена од претседателот Владимир Путин, до 2020 година да се постигнат стапки на пораст на економијата кои го надминуваат порастот на светската економија, се чини премногу амбициозна. Дури и волшебното стапче, какво што е светските цени на нафтата, тешко дека ќе може да одигра клучна улога, бидејќи нивното зголемување од 12 американски долари за барел може да додаде речиси 1% од стапките на пораст на руската економија, а ниту еден експерт не е подготвен да предвиди враќање на нафтените цени на ниво од 100 американски долари за барел.

Денес надежите на руската влада за заживување на економскиот раст се поврзани со програмата за структурни реформи, подготвувана од групата на Алексеј Кудрин. Се очекува во мај оваа програма да биде претставена на политичкото раководство на земјата, а потоа и да биде објавена. Ќе успее ли поранешниот министер за финансии да го формулира рецептот за економскиот скок - наскоро ќе дознаеме.

* Авторот е виш научен соработник во Институтот „Брукингс“ (Вашингтон) (Senior fellow, The Brookings Institution). Во 1993-1998 година беше заменик-министер за финансии и заменик-претседател на Руската централна банка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.