Крупна трансакција и покрај санкциите

Владимир Путин и Игор Сечин.

Владимир Путин и Игор Сечин.

Алексеј Дружинин / РИА Новости
Руските власти ненадејно продадоа пакет акции од компанијата „Роснефт“ на странци. Станува збор за 19.5% од акциите, а купувач е конзорциум на швајцарската корпорација Glencore и на катарскиот фонд Qatar Investment Authority. Најголемата нафтена компанија на Русија и по оваа трансакција останува под контрола на државата.

Руските власти одлучија да продадат 19.5% од акциите на компанијата „Роснефт“ која е најголема нафтена компанија во сопственост на државата. Купувач е конзорциум на швајцарската корпорација Glencore и на катарскиот фонд Qatar Investment Authority. Акциите се продадени за 10.5 милијарди евра. Ова во средбата со шефот на компанијата Игор Сечин го соопшти рускиот претседател Владимир Путин, а пренесува службата за односи со јавноста на Кремљ.

Овој договор е големо изненадување за учесниците на пазарот. Се сметаше дека потенцијални купувачи на овој пакет акции се кинеските и индиските инвеститори, но тие бараа учество во управувањето со компанијата „Роснефт“. Згора на тоа, самата компанија беше подготвена да ги откупи сопствените акции, односно да изврши таканаречен бај-бек. На ваквата шема се противеше поранешниот министер за економски развој Алексеј Уљукаев кој во ноември 2016 година беше уапсен поради изнудување мито од компанијата „Роснефт“.

„И самиот факт дека е направена толку голема зделка зборува за големата заинтересираност на меѓународните инвеститори за руските нафтени и гасни активи. Тоа исто така сведочи и за инвестициската привлечност на рускиот пазар на хартии од вредност во целина, и за стратешката заинтересираност на најголемите странски инвеститори за него“, вели Дмитриј Беденков, началник на аналитичкото одделение на инвестициската компанија „Рус-Инвест“.

Новите акционери

По склучувањето на договорот на државата ѝ остануваат 50% плус три акции во компанијата „Роснефт“. Главен европски партнер на компанијата е британската „Бритиш петролеум“ со 19.5% од акциите, додека по 9.75% ќе имаат Qatar Investment Authority и Glencore, а останатите акции на „Роснефт“ се понудени на берза.

„Во новонастанатата ситуација раководството на 'Роснефт' успеа да го постигне она што е речиси невозможно – да привлече надворешни инвестиции кои никој повеќе не ги очекуваше. И што е најважно, испочитувани се сите посебни услови“, вели експертскиот аналитичар на групацијата „Финам“ Алексеј Калачов.

Според него, цената на акциите не е пониска од бараната. Акциите се продадени по цена која е за околу 200 милиони евра пониска од пазарната, но истовремено се испочитувани претходно фиксираните показатели на минималната вредност, вели авторизираниот партнер на инвестициската групација „Кириков груп“ Данил Кириков. Освен тоа „Роснефт“ добива портфолио на акционери кои нема да се мешаат во управувањето со компанијата.

Изборот на купувачот е оптимален за раководството на компанијата, се сложува Константин Бушуев, началник на одделот за анализа на пазарот во брокерската компанија „Откритие брокер“. Според него, корпорацијата Glencore веќе има искуство во работата со руските извозници на нафта и е заинтересирана „Роснефт“ да извезува што повеќе нафта. Суверениот фонд на Катар инаку е познат како крупен портфолио-инвеститор кој не претендира на управување со компаниите чии акции ги купува. „За разлика од нив, кинеските и индиските компании за време на купувањето на активи тежнеат да добијат учество во управувањето. За раководството на компанијата 'Роснефт' ваквите купувачи се помалку пожелни“, вели Бушуев.

Влијание врз пазарот

Благодарение на оваа трансакција, рускиот буџет ќе се задржи на дефицит од 3% од бруто домашниот производ. Во спротивно дефицитот би морало да биде зголемен. „Вложувањето на странски инвеститори во руските акции е секогаш добра вест. Во конкретниов случај станува збор за западни пари, што е особено индикативно во контекст на актуелните санкции“, вели Георгиј Вашченко, началник на управата за операции на рускиот пазар на хартии од вредност на инвестициската компанија „Фридом финанс“.

Уште пред една година Кремљ сметаше дека од продажбата на акциите ќе добие само 500 милијарди рубли (7.9 милијарди американски долари), вели Данил Кириков. Згора на тоа, според него, конзорциумот како дополнителна поволна околност ѝ понуди на руската страна потпишување петгодишен договор за испорака на нафта, така што вкупната вредност на трансакцијата може да изнесува 20 милијарди американски долари.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња