Зошто Русија одбива давање финансиска помош на Украина?

Ројтерс
Руските власти се обидоа да ја бојкотираат одлуката за одделување средства од ММФ за украинската влада зашто Украина сè уште одбива да ѝ го врати на Русија долгот од 3 милијарди американски долари.

На седницата на советот на директори на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одржана на 14 септември Русија гласаше против исплатата на третата транша од кредитот за Украина. Програмата на ММФ предвидува овој фонд до 2019 година да ѝ позајми на Украина 17.5 милијарди долари. Киев веќе има добиено вкупно 6.7 милијарди долари со претходните две транши, а сега ја очекува третата.

Претходно министерот за финансии на Русија Антон Силуанов објасни дека финансирањето на Украина се коси со правилата на ММФ. Имено, Украина сè уште ѝ го нема вратено на Русија долгот. Во декември 2013 година руското министерство за финансии ги откупи украинските обврзници во вредност од 3 милијарди долари, но по паѓањето на режимот на претседателот Виктор Јанукович новите украински власти одбија да го вратат овој долг.

Правилата на фондот

ММФ во декември 2015 година внесе измени во сопствениот статут за да може да ги уплати средствата на Украина, објаснува за „Руска реч на македонски“ Леонид Григорјев, главен советник на раководителот на Аналитичкиот центар при Владата на Русија. Според него, сега ММФ може да кредитира држави кои ги немаат вратено своите долгови во предвидениот рок, што е во спротивност со традиционалниот став на Фондот.

За одлуката за исплата на нова транша за Украина доволно е просто мнозинство гласови во советот на директори на ММФ. Секоја земја добива број гласови во согласност со сумата што ја уплатува во буџетот на оваа организација. Затоа во донесувањето на одлуките доминираат САД со 16.54% од гласовите. За споредба, Русија има само 2.6%, вели за “Руска реч на македонски“ Сергеј Хестанов, доцент на катедрата за финансиски пазари и финансиски инженеринг при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. „Дури и доколку против траншата гласаа сите земји од БРИКС, тоа немаше да биде доволно да се блокира донесувањето на одлуката“, смета Леонид Григорјев.

Претходно и раководството на ММФ се обидуваше да спроведе реформа со цел да се зголеми квотата на гласови на земјите во развој на сметка на развиените земји. Ваков договор постигнаа лидерите на Г-20 на самитот во Сеул 2010 година. Но, Конгресот на САД во 2013 година ја блокираше оваа реформа. Русија нема функционални средства за блокирање на одлуките на ММФ, вели Хестанов.

Како Украина ќе ги потроши парите?

ММФ им дава кредит на државите под услов тие задолжително да спроведат определени реформи и либерализација на економијата. Според Хестанов, овој фонд во текот на изминативе дваесет години бараше од Украина да ја либерализира гривната и да ја зголеми цената на нафтата и на гасот на внатрешниот пазар. „Украинската власт со години фактички ги дотираше претпријатијата и граѓаните со ниски цени на електрична енергија и на греење. Ова во голема мера придонесе за зголемување на државниот долг“, објаснува Хестанов. Згора на тоа, според Леонид Григорјев, парите што ММФ ги издвои ќе бидат искористени за финансирање на украинската влада, а не за санација на украинската економија. „Тоа не е многу голема сума. Ќе се потроши за оперативни трошоци на владата, можеби ќе биде насочена и за купување гас, со цел Украина да може да ја преживее оваа зима“, смета тој.

Руските власти сега се обидуваат по судски пат да го наплатат долгот од Украина. Поднесена е тужба до Вишиот суд во Лондон, за која е закажана расправа за 17-20 јануари 2017 година. Но, не треба да се очекува брзо решавање на ова прашање. „Како што покажува искуството, ваквите конфликти се решаваат мошне бавно, така што не треба да се очекува некој напредок во следниве пет години“, уверен е Сергеј Хестанов.

Во историјата имало случаи држава да одбие да врати долг. На пример, Советскиот Сојуз не сакаше да им ги врати на Англија, Франција и Белгија долговите на Руската империја, па тоа го направи современа Русија во 1997 година. Хестанов повлекува паралела со актуелните украински власти, зашто тие одбиваат да го вратат заемот што Украина го има добиено за време на претходната власт.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња