До неодамна селото Нижезолотилово во Архангељската област „изумираше“, како и поголемиот број села од руската провинција. Во него живееја само четири постари лица, со тоа што двајца од нив назима живееја во град, а другите двајца остануваа да презимат во селото. Намирници купувале во најблиската населба до која стигнувале одејќи неколку километри на скии.
Сега ова село не може да се препознаа. Се доселија млади семејства, на големо се градат нови куќи. Назима тука постојано живеат 16 лица, а секоја година бројот на жители расте. Налето, пак, во селото доаѓаат гости од градовите. Една од причините за нивното доаѓање е бербата и подготовката на локалниот чај.
Новиот живот на ова село му го донесе бизнисменот Михаил Бронски. Пред десет години Михаил започнал да се занимава со производство на локалниот чај, кој во Русија е познат како „иван-чај“, а се добива од билката Epilobium anguistifolium. Со текот на времето хобито на Михаил прераснало во организиран бизнис.
„Решив да го спојам убавото со корисното, пред сè зашто сакав да отворам работни места за членовите на моето семејство. Моите родители и сестра ми со своето семејство имаа голема желба да живеат на село, но таму немаше работа“, вели за „Руска реч на македонски“ Бронски. „Ова село изумираше“.
Фотографија од лична архива
Михаил успеал да го спаси селото и за само две години во него да отвори околу 60 работни места. Тој ја основал компанијата „Bronsky & Co“ која се занимава со берење и производство „иван-чај“. Чајот се продава под брендовите „Чудни чај“ и „Bronsky чај“.
Работата на берењето и на подготовката на чајот е сезонска, па затоа Бронски планира поактивен развој на локалниот занает и туризам, со цел да обезбеди стабилна вработеност за време на зимскиот период. „Северот е автентичен чувар на руската култура. Тука многу работи се уникатни. Уверен сум дека со заеднички сили можеме да ги зачуваме нашите села, да ги обновиме локалните занаетчиски вештини и на сите да им обезбедиме работа“, вели бизнисменот.
„Bronsky & Co“ е пример на социјално претприемништво зашто оваа фирма ги решава социјалните проблеми. Во овој случај цел на компанијата е да создаде што повеќе работни места во селата од Архангељската област, каде често нема никаква работа, поради што жителите се принудени да се отселат во некој град.
Според процените на Агенцијата за стратешки иницијативи, во Русија со определен вид социјално претприемништво се занимава 1% од компаниите. Социјалниот бизнис почна да се развива кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, но најинтензивните процеси почнаа да се одвиваат во текот на последниве 8 години. Во странство социјално ориентираните претпријатија имаат дополнителни даночни олеснувања и добиваат субвенции. Во Русија и самиот поим социјално претприемништво сè уште не е дефиниран со закон, но се работи на тоа. Засега овие претпријатија можат да сметаат на помош од државата во рамките на поддршката на „малиот бизнис“.
Социјално ориентираниот бизнис во Русија има уште една особеност – проблемите кои се решаваат благодарение на претпријатијата.
„За нас актуелен проблем се децата без родители и поради тоа имаме проекти кои се насочени кон социјализација на питомците од домовите за деца без родители“, вели Наталија Зверева, директор на фондот „Наша иднина“, основан во 2007 година на иницијатива на претседателот на нафтената компанија Лукоил. „Исто така постојат проекти кои го решаваат проблемот со недостиг на детски градинки, или проблемот на недостапни услуги на оддалечените територии“, додава Зверева.
За осум години работа фондот „Наша иднина“ финансиски има поддржано 150 проекти. „Треба да се има предвид дека добивме десет пати повеќе молби за давање финансиска помош“, вели Наталија Зверева. „Со сигурност може да се каже дека во Русија постојат илјадници социјално ориентирани претпријатија. Тие функционираат и годишно произведуваат стока или вршат услуги во вредност која се мери со милијарди рубли“.
Според истражувањата на Центарот за социјално претприемништво при Вишата школа за економија, околу една третина од социјалните претпријатија е сконцентрирана во Москва и во Санкт Петербург, додека сите останати се раштркани низ сите региони. Истото истражување покажа дека активните социјални претпријатија главно обрнуваат внимание на луѓето со ограничени можности и на децата од предучилишна возраст.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче