Извор: Press Photo
Гаспром е подготвен да ја продолжи изградбата на Јужен тек без надворешно финансирање, изјави на прес-конференцијата во Москва заменикот-претседател на управата на компанијата Александар Медведев. Според него, ваквиот механизам на рускиот монопол беше веќе искористен при изградбата на Северен тек на дното на Балтичкото море. Вкупниот буџет на проектот се проценува на 16 милијарди евра, од кои 10 милијарди се наменети за морскиот дел. „Гаспром ќе изгради две линии на подводниот дел од Јужен тек и ќе ги соедини со Трансбалканскиот гасовод, преку кој сега рускиот гас доаѓа до Романија, Бугарија, Турција, Грција и Македонија. Ова ќе овозможи да се намали украинскиот транзит за околу 20 милијарди кубни метри годишно“, објаснува претседателот на консултантската компанија East European Gas Analysis Михаил Корчемкин. Како резултат на тоа, според водечкиот експерт на УК „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов, Јужен тек ќе овозможи да се диверзификува испораката на рускиот природен гас Во Европа, и да се намали зависноста на доставувачот и на купувачите од земјите-транзитери, особено од Украина“.
Сепак, сопственото финансирање на проектот му наметнува мошне сериозни ограничувања на Гаспром, особено во контекст на потпишаните спогодби за испорака на гас во Кина, сметаат експертите. Во врска со тоа во блиска иднина руската компанија треба сериозно да инвестира во создавањето на новиот гасовод „Силата на Сибир“. Досега со Кина нема постигнато спогодба за авансно плаќање, според која оваа земја би ја финансирала изградбата, а чии првични трошоци се проценуваат на 25 милијарди евра.
„Гаспром нема да може да издржи истовремено финансирање на два мегапроекти како што се Јужен тек и Силата на Сибир. Единствен извор на средства може да биде покачувањето на цената на гасот за руските корисници, но тоа можат да не го издржат руските претпријатија“, вели Михаил Корчемкин. Затоа најверојатно рускиот гасен монопол сепак ќе се договара со банки за финансирање на Јужен тек, а меѓу нив можат да се најдат и руските кредитни претпријатија. „Инаку расходите можат да ја зголемат инвестициската програма на Гаспром за 15-20% и тоа да се одрази на должничкиот товар“, вели Вадим Ведерников, заменик-директор на одделот за аналитика и за менаџмент на ризик на UFS IC. Без оглед на тоа, првите испораки низ гасоводот се планирани веќе за почетокот на 2016 година и, земајќи ја предвид ситуацијата во Украина, одложувањето на роковите за реализација на проектот на концернот може да му донесе уште поголеми ризици, забележува експертот.
Притисок врз партнерите
На почетокот средствата за изведување на првите две линии од гасоводот требаше да бидат обезбедени годинава, а испораката да започне во декември 2015 година. Целосната моќност од 63 милијарди кубни метри годишно, гасоводот требаше да ја постигне во 2018 година. Гасоводот ќе поминува по дното на Црното море во Бугарија, а понатаму низ Србија, Унгарија и Словенија до североистокот на Италија. Гасоводот треба да изврши силно влијание на економијата на земјите-учеснички. На пример, во Македонија Јужен тек ќе создаде услови за гасификација на земјата и со тоа ќе се стави почеток на гасната електрогенерација. Се претпоставуваше дека поддршка на проектот ќе дадат европските учесници. Всушност, на морскиот дел од проектот Јужен тек само 50% се од Гаспром, 20% има италијанската Eni, а по 15% германската компанија Wintershall Holding и француската EDF.
Финансиските проблеми на проектот се појавија со притисокот од страна на Европската Унија врз земјите-учеснички во проектот. Согласно изјавата на Европската комисија, проектот не е во согласност со Третиот енергетски пакет, кој предвидува разделување на бизнисот на транспорт и на распределување на гасот. Во врска со тоа Европската комисија ја повика Бугарија да ја прекине изградбата на гасоводот, а исто така се посомнева и во исправноста на првиот тендер за поставување на цевките. Според резултатите од него, првиот дел од гасоводот ќе го градат заеднички руската компанија Стројтрансгас и бугарската Gasproekt Jug. Конзорциумот треба да го изгради делот од Црното море до границата со Србија (541 километар) и сета дополнителна инфраструктура. Според изјавата на претставникот на Европската комисија Антоан Коломбани, Бугарија не го објавила соопштението за тендерот во официјалниот магазин на Европската Унија, а освен тоа, руските и бугарските учесници имале и привилегии.
„Многу работи зависат од степенот на цврстината на позициите на оние земји, низ чии територии ќе поминува земниот пат на гасоводот, а имено Бугарија, Србија, Унгарија и Словенија“, забележува Вадим Ведерников. Засега партнерите ја покажуваат ветената цврстина. Од своја страна, владата на Бугарија веќе изјави дека спроведениот тендер, како и самиот проект се во согласност со нормите на Европската Унија, а привилегиите за руските и за бугарските компании биле пропишани во меѓувладината спогодба од 2008 година.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче