Путин: ММФ би можел да ѝ даде на Украина уште 3 милијарди долари за исплата на долгот спрема Русија

Русија не бараше од Киев предвремено враќање на долгот од три милијарди долари за да не ги доведе украинските колеги во незгодна ситуација, но тие пари мора да бидат вратени, рече претседателот на РФ Владимир Путин.

„Да ве потсетам, ние одамна имаме право да бараме исплата на овој долг пред декември. Мислам на тоа дека стапија на сила условите во согласност со нашиот договор за давање на овој кредит. Меѓутоа, ние тоа не го правевме за да не ги доведеме нашите украински колеги во тешка положба и да не им ја отежнеме и онака тешката ситуација во економијата. Но, парите се наши и нека ни ги вратат“, рече Путин на состанокот со членовите на руската влада.

Претседателот Путин му наложи на министерот за финансии Антон Силуанов да разговара со ММФ за давање дополнителна помош од страна на фондот за Украина, со цел Киев да може да ги исплати еврообврзниците што ги купи Русија во износ од 3 милијарди долари, пренесува РИА „Новости“.

„Зошто ММФ да не ѝ ги позајми на Украина тие три милијарди долари за да може таа да го исплати долгот? Зошто да се менуваат своите правила за некоја земја, кршејќи го самиот систем и правилата на функционирање на ММФ? Разговарајте со колегите. Ми се чини дека е полесно да се оди по тој пат – да ѝ се додадат на Украина три милијарди долари за да може таа да го врати долгот и да бидат сите задоволни и да работат нормално“, рече Путин.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња