Москва во последниве 4 години ја субвенционираше економијата на Украина за сметка на намалената цена на гасот и ѝ даваше други повластици во вредност од 35.4 милијарди долари. Извор: АР.
На 10 април Путин им испрати писмо на 18 европски земји кои купуваат поголем дел од рускиот гас што се испорачува во Европа. Претседателот го конкретизираше претходно објавениот став за тоа дека неспособноста на Украина да го плати гасот ја тера Русија да ја ограничи неговата испорака. Ова може да биде закана по транзитот кон Европа, па спречувањето на кризата изискува итни преговори помеѓу Русија и европските партнери.
Според мислењето на Путин, можен е само еден излез – објавување итни консултации на ниво на министри за економија, финансии и енергетика „за преземање на усогласени активности со цел стабилизација на економијата на Украина и за обезбедување испорака и транзит на рускиот гас“. Станува збор за преговори со секоја европска земја одделно, а не со нивниот претставник во лицето на Европската комисија. „Бидејќи секоја од овие земји е купувач на гас, секоја од нив е преговарачка страна. Водењето преговори исклучиво со Европската комисија не е можно, зашто таа не е купувач“, изјави портпаролот на претседателот Дмитриј Песков.
Ситуацијата со исплатата на украинскиот гасен долг секако ја загрижува Москва – Киев не го плаќа гасот, а ЕУ, која вети помош, останува само на ветувања. „Нашите партнери во Европа го признаваат легитимитетот на моменталната киевска власт, но не прават ништо за да ѝ дадат помош на Украина, немаат дадено ниту еден долар, ниту едно евро“, рече Путин. Русија, притоа, не го признава легитимитетот на властите во Киев, но продолжува да ѝ дава помош и да ја субвенционира украинската економија, додаде претседателот.
Да потсетиме дека руските власти тргнуваат од фактот дека Москва во последниве 4 години ја субвенционираше економијата на Украина за сметка на намалената цена на гасот и ѝ даваше други повластици во вредност од 35.4 милијарди долари.
Според мислењето на некои руски медиуми, потегот на Кремљ би требало да ја зајакне позицијата на Москва на преговорите за регулирање на украинското прашање во формат „3+1“, кои се закажани за 17 април. Неговата цел е да ја отежне консолидацијата на Западот и да ја префрли дискусијата околу Украина од геополитичка во практична сфера.
Гасниот долг како инструмент за притисок
Според мислењето на експертите, Русија не очекува дека Киев ќе се откаже од жалбите во врска со Крим во замена за гасниот долг, ниту дека Западот ќе го признае полуостровот како дел од Русија. „Ниту една влада не се одрекува од својата територија туку-така. Како пример можеме да го земеме Нагорно-Карабах, кој Азербејџан до денешен ден го смета како свој дел. Затоа нема да има формално признавање и откажување од жалбите“, смета првиот потпретседател на Центарот за политички технологии Алексеј Макаркин. Сепак, тој смета дека би можело да бидат постигнати неформални договори. На пример, ако во замена за откажувањето на Русија од заострувањето во врска со ситуацијата со гасниот долг Украина гарантира дека нема да организира економска блокада на Крим.
![]() |
Москва повикува на притисок врз киевските власти Постојаниот претставник на Русија во ОН Виталиј Чуркин го повика Советот за безбедност да не допушти крвопролевање на истокот на Украина. |
Во исто време, на Запад се слушаат предупредувања за ранливоста на европските земји во гасната сфера. Тим Берсма, експерт за енергетика на Бруклинскиот институт (САД), за порталот vz.ru изјави дека „американските повици за изолација на Русија можат да изгледаат како привлечна идеја, но таа скапо ќе чини, и тоа токму Европа, а не САД“. Тој европскиот оптимизам го нарече „неумесен и глупав, зашто потенцијално би можел да им нанесе штета на долгорочните и стабилни трговски односи“.
Може ли Украина да докаже дека цената на гасот е премногу висока?
Јуриј Продан, дефакто министер за енергетика и рударство на Украина, во петокот на 11 април изјави дека неговиот ресор веќе се занимава со подготовка на документи за обраќање до Арбитражниот суд во Стокхолм за ревизија на гасниот договор со РФ. Руските експерти не се едногласни во оценката на конечниот резултат на моќната судска расправа. Сергеј Абигалов, директор на секторот на економскиот оддел на Институтот за енергетика и финансии, во интервју за „Газета.Ru“ изјави дека перспективата за победа на Украина на Арбитражниот суд во Стокхолм е прилично сомнителна: „Украина може да се повика на фактот дека цената од 485 долари за илјада кубици е значително повисока од цената за европската контрахента на „Гаспром“, но дури и да издејствува намалување на цената на европско ниво, таа сепак ќе изнесува околу 400 долари“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче