ГМО стасува и во Русија

Владиниот указ би можел да го стимулира производството на домашните генетски модифицирани семиња. Извор: Shutterstock.

Владиниот указ би можел да го стимулира производството на домашните генетски модифицирани семиња. Извор: Shutterstock.

Русија наскоро ќе се најде на списокот земји во кои е дозволено одгледување генетски модифицирана храна (ГМО). Од 1 јуни 2014 година на сила стапува указот со кој се дозволува регистрација на генетски модифицирани култури житарки. Со ова во легалните текови ќе се воведе досега нелегалниот увоз на генетски модифицирани семиња и веројатно ќе го поттикне развојот на домашните генетски модифицирани култури. Разни невладини организации на суд се обидуваат да ја оспорат одлуката на Владата.

Од каде доаѓа нелегалната ГМО во Русија?

Указ од 2013 година 

Премиерот Дмитриј Медведев го потпиша указот во септември 2013 година. Со овој документ од 1 јуни 2014 година се воведува регистрација на производи кои содржат генетски модифицирани организми. Со указот се пропишува процесот на регистрација и се отвора можност за спроведување стручни истражувања кои докажуваат дека генетски модифицираните сорти не се штетни.

Во Русија официјално сè уште е забранет увозот на генетски модифицираните (ГМ) сорти житарки. Но, во практика генетски модифицираните организми (ГМО) веќе се употребуваат. „Без лабораториски стручни анализи практично е невозможно да се одреди дали семето е генетски модифицирано или не“, објаснува претседателот на компанијата „Амбика-Агро“ Михаил Орлов и додава: „Затоа земјоделците го купуваат она што им дава најдобар принос“. Според податоците на претседателот на Рускиот сојуз за житарки (РЗС) Аркадиј Злочевски, во Русија само генетски модифицирана соја и пченка во одгледува на над 400 илјади хектари.

Еколошката организација „Гринпис“ („Greenpeace“), која жестоко се бори против користењето ГМО, откри постоење ГМО во производите на многу руски компании. Според податоците на еколозите, ГМО во своето производство користат 16 руски производители. Освен тоа, ГМО стасува на рускиот пазар и во состав на странските прехранбени производи и во сточната храна. Во светот има над 130 милиони хектари засеани со трансгенетски видови билки.

Во Русија многу земјоделски производители се подготвени да преминат на одгледување отпорни сорти (што е една од главните предности на ГМО). Така, главниот агроном на мордовската земјоделска компанија „Талина“ Олег Букин не гледа разлог за страв кај луѓето од новите генетски модифицирани сорти. „Воведувањето генетски модифицирани култури на земјоделците им овозможува зголемено производство со истите трошоци. Се намалува употребата на пестициди, се зголемува контролата на пирејот, на болестите и на штетниците“, објаснува Букин. Стручњакот истакнува дека самите генетски модифицирани сорти ретко даваат зголемен род, но оти нивната отпорност на болести и штетници овозможува поголем број билки да преживеат, а со тоа на производителот се осигурува од неочекувани загуби.

Зависност од увоз 

Според мислењето на експертите, најперспективни генетски модифицирани сорти се оние на сојата, на пченката и на шеќерната репа. Семето е 1.5 пат поскапо од обичното, но притоа цената на крајниот производ може да биде пониска за 20%. Но, дури и по дозволата за одгледување генетски модифицирани култури, Русија сепак е остане зависна од увозот. Увозниците на генетски модифицирани семиња во Русија веројатно ќе бидат компаниите „Syngenta“, „Monsanto“, KWS, „Pioneer“.

Указот на Владата може да го стимулира производството на домашните генетски модифицирани семиња. Денес истражувањата поврзани со создавање на генетски модифицирани сорти житарки се водат во многу руски научни организации, на пример во центарот „Биоинженерија“, во Институтот за биологија на развојот а генот, во Институтот за земјоделска биотехнологија и во многу други. Но, овие напори имаат пред сè експериментален карактер, бидејќи до денес овие сорти не можеа официјално да бидат одгледувани во Русија. Сега може да се почне со нивно производство, но стручњаците не сакаат да се занимаваат со предвидувања за тоа како руските сорти ќе се котираат на пазарот.

Треба ли да се спротивставуваме? 

Многу руски невладини организации кои остро го осудуваат генетски модифицираното производство веќе се обратија до Врховниот суд со барање за укинување на указот на Владата. Нивната загриженост е поврзана со здравствените прашања. Тие се грижат дека со доаѓањето на генетски модифицираните семиња домашниот пазар ќе биде преплавен со странски дополнителни производи – различни средства за заштита на билките. „Производителите се осудени секоја година да купуваат семиња и хемиски препарати од истите странски компании за вкрстување и за селекција на билките. Приносот од овие сорти зависи од третирањето со определени препарати. Секоја година, со оглед на тоа што паразитите постепено се навикнуваат на овие отровни супстанции, ќе треба да се користат во сè поголеми количества“, го објаснува економскиот аспект на прашањето директорот за меѓународна соработка на Сојузот за органско земјоделство Ана Љубоведска.

Време на органско земјоделство
Популарноста на здравиот начин на живот во Русија создаде услови за развој на земјоделски имоти на кои се одгледуваат еколошки чисти производи. Дури 99% од денешните руски земјоделци се поранешни жители од градовите, кои дошле на село за да обработуваат земја.

Но, граѓанските организации тешко дека ќе успеат во своите настојувања. Во оваа работа би можеле да се вмешаат и правилата на Светската трговска организација (СТО), во која Русија стапи минатата година. Обидот да се блокира увозот на генетски модифицирани производи потпаѓа под пунктот „неправедно блокирање на трговија“. На пример, кога во август 2001 година кога Боливија објави дека ќе ги забрани ГМО со закон, САД и Аргентина ѝ се заканија со судот на СТО, така што Боливија се откажа од своите планови. Истата година Кина (само еден месец по стапувањето во СТО) се соочи со закана за судски процес поради задолжителното обележување на ГМО и беше принудена да се откаже од своите планови. Една година подоцна Канада под закана за трговски санкции од страна на СТО исто така го укина задолжителното обележување на храната. На крајот, во 2006 година СТО го прогласи мораториумот на Европската Унија за увоз на нови генетски модифицирани сорти за незаконски. 

Стапувањето на сила на указот на Владата единствено може да се стопира со указ на претседателот. Во август 2013 година Владимир Путин наложи да се зајакне контролата над трговијата со генетски модифицираните производи, што се однесува на усложнување на процесот на нивна регистрација. Тоа значи дека, иако од 1 јуни регистрацијата на генетски модифицираните семиња на житарките ќе биде дозволена, во практика процесот може да потрае и до неколку години. „Засега не е јасен механизмот за проверка на биолошката безбедност на генетски модифицираните производи. Затоа појавата на првите посеви може да се очекува најрано во 2017-2018 година“, заклучува Сергеј Гончаров, портфолио-менаџер за житарки на компанијата „Сингента“(Syngenta AG).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња