Пристаништето Советска Гавањ во Хабаровск. Извор: РИА Новости
Иднината на рускиот Далечен Исто е едно од болните прашања за руската влада. Во мај 2012 година дури беше основано и посебно Министерство за развој на Далечниот Исток, чија задача е оживување на овој регион. Но, раководството на новиот ресор не се покажа успешно во решавање на задачата. Кремљ на почетокот на есента реши да ги смени највисоките чиновници на овој проблематичен регион. За нов ополномоштен претставник во далекуисточниот Федерален округ именуван е Јуриј Трутнев, а на чело на Министерството за развој на Далечниот Исток беше поставен Александар Галушка.
Пазарот на рускиот Далечен Исток е вреден 90 милијарди долари, што е помалку од 5% од бруто домашниот производ на Русија, вели Александар Галушка. „на толку мал пазар не е можно да се осигури забрзан развој. Но, од друга страна, Далечниот Исток се наоѓа во новото жариште на економски развој, односно во азиско-тихоокеанскиот регион, чиј бруто домашен производ изнесува 50 милијарди долари, Што е повеќе од две третини од светскиот бруто домашен производ“, додава министерот. Годишниот извоз во седумте најголеми земји од регионот изнесува околу 6 милијарди долари, или 4.9 милијарди долари, ако се изземе извозот на суровина. „Извозот кој веќе се остварува во азиско-тихоокеанскиот регион и кој ќе станува сè поголем претставува голем потенцијал за извоз на стока која може да се произведува на Далечниот Исток. Според рамковните пресметки, доколку 2% од извозот во земјите од азиско-тихоокеанскиот регион би се извезувал од Далечниот Исток, бруто регионалниот производ би се зголемил најмалку за двапати, а всушност би бил многу поголем“, изјави Галушка. Планот првенствено опфаќа извоз на прехранбени производи, хемиски производи и електрична енергија.
Три револуции
Новото Министерство за развој на Далечниот Исток предлага три „револуции“ кои би требало да овозможат функционирање на „кинескиот“ модел.
Првата револуција е формирање посебни територии на развој (индустриски и технолошки паркови, посебни економски зони и друго). Треба да се стартува од пробни проекти во далекуисточниот регион, а потоа да се создаде мрежа на територии за забрзан развој, ориентирани на извоз, што ќе изискува и основање на институции за развој, изјави Галушка.
Втората револуција е промена на форматот на работа на постоечките институции за развој. Една од нив е Фондот за развој на Далечниот Исток. Тој ќе мора да почне да работи според нов модел. „На една рубља која ја вложува фондот треба да има 5 до 10 рубли приватни инвестиции. Таквиот фонд би функционирал како 'фонд на фондовите' и би се фокусирал на работа со меѓународните фондови“, додава министерот за развој на Далечниот Исток. Затоа се предлага докапитализација на фондот до 100 милијарди рубли и промена на неговата организациско-правна структура, односно трансформација во акционерско друштво или во невладина организација.
Третата револуција е однесува на промената на механизмот на работата на самото Министерство за развој на Далечниот Исток. Веќе сега се прецизираат овластувањата на овој ресор, изјавува министерот. На ова министерство од Министерството за регионален развој ќе бидат пренесени овластувањата поврзани за развојот на Далечниот Исток, а од Министерството за економски развој овластувањата за управување со Посебните економски зони.
Освен тоа, ќе бидат формирани три нови структури. Една од нив ќе биде новата агенција за привлекување инвестиции и за поддршка на извозот. Другите две се корпорацијата за развој на Далекуисточниот федерален округ („за координација на реализацијата на обврските поврзани со инфраструктурата“) и агенцијата за развој на човечкиот капитал („за соработка во подготовката и во вработувањето на работна сила“).
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче