ЕУ е одговорна за разбивањето на Украина

Извор: Getty Images/Fotobank

Извор: Getty Images/Fotobank

Голем дел, ако не клучен, во одговорноста за кризата во Украина носи ЕУ, затоа што многу добро ја знае историската, политичката и економската поврзаност на Украина со Русија, но и покрај тоа ја исправи Украина пред „судбински“ избор.

На Брисел му се добро познати длабоките и непремостиви културолошки поделби во Украина. Второ, секому му е јасно дека, последниве години, земјата поминува низ тешка економска криза и прашањето беше кога а не дали ќе дојде до банкрот. Тоа, секако, Украина ја правеше уште поранлива. Трето, одамна се евидентни не само тоталната енергетската туку и големата економска зависност на Киев од Москва. За украинскиот извоз во Русија, кој е скоро 30% од вкупниот, нема алтернатива. Четврто, скоро три милиони Украинци лебот го вадат на привремена работа во Русија и испраќаат, според некои извори, до 30 милијарди долари годишно во земјата. Петто, околу осум милиони Руси во земјата (скоро 20% од населението) се длабоко емотивно врзани со Русија и голем дел од нив не можат да се помират со пропаста на СССР. Шесто, макар дел од бројните Украинци, кои не го говорот украинскиот јазик, туку рускиот, веројатно се со измешани чувство во однос на Москва. Корените на срамното долгогодишно игнорирање на украинскиот јазик, се добро познати и со ништо не можат да се оправдаат. Арно ама, последиците се такви какви што се и на нив мора да се смета. 

Постојат најмалку пет-шест аспекти од односите на Русија – Украина, кои ЕУ ги знаеше, а не сакаше да ги земе предвид при кроењето на политиките кон Украина.

И, во такви услови, ултимативно да ја ставиш Украина пред судбински избор – или асоцијација со ЕУ, или царинска унија со Русија е, во најмала мерка, политички неодговорно, крајно опасно и, како што се гледа – со катастрофални последици. Резултатите, меѓутоа, не се конечни. Главното ќе следи. Силеџиски, со директна вмешаност на, и поддршка од Запад (Вестервеле, Нуланд...), беа срушени и легитимно избраната власт, и балансот кој Украина грижливо и упорно, со тешки маки, долго го градеше и одржуваше. Многу работи таму не беа на задоволително (демократско) ниво, имаше многу корупција, ама...

Благодарејќи на недокваканоста на бриселските бирократи, Европа доживува тежок земјотрес со несогледиви последици. Отворено е кризно жариште кое, без никакви дилеми, долго ќе трае. Тешко е да се претпоставува, камоли верува дека ваквите, погрешни, потези на Унијата беа автохтони и без притисок од преку океанот. Објективно, ова што се случува во Украина е интерес само на САД и на никој друг. Иако агресивниот СССР отиде во историјата, иако Руската Федерација не покажува никаков експанзионизам, САД се спремни со сите сили да ја бранат униполарноста на светот, бидејќи таа им нуди максимална доминација. Свесни се, исто така, дека единствен конкурент на тој план им е токму – Русија. Затоа, оваа криза треба да ја конфронтира со соседите (Грузија, Украина...), да ја оддалечи од ЕУ (пред се’ од Германија) и да ја инхибира со внатрешни проблеми (Чеченија...). Се’ заедно, да се елиминира како ривал. За реализација на таа цел, преку Украина, се враќа и Студената војна која, повторно, му одговара само на – Вашингтон. Европа станува уште позависна од Вујко Сем, и тоа на долгорочна основа.

Во овој стратешки превид на ЕУ, единствен добитник може да биде униполарната доминантност на САД, со што Европа само уште посилно станува зависна од Вујко Сем.

Решителноста сето тоа да се случи, и тоа што побргу, е просто застрашувачка. ЕУ не почека макар малку да се стабилизира состојбата, па дури потоа да се потпише договорот за асоцијација. Барем да се одржеа едни избори, за да се добие барем некаква легитимност на власта. Не! Додека се’ уште не беше измиена крвта, која токму тие ја предизвикаа на плоштадот Мајдан - на пучистите им ги подметнаа документите на потпис! Очигледно, се плашеа да не се случат нови промени. Самиот овој чин ги открива сите елементи на операцијата “Украина“: и кој? и зошто? и како?...

Така, со еден потег, стариот континент доживеа тевтонски промени кои на (скоро!) сите земји ќе им носат само - штети. Новите конфронтации ќе имаат широки негативни рефлексии: безбедносни, политички, економски...

Причините за распад на Украина, иницирани од Брисел, ќе беа невозможни доколку Унијата имаше сопствена заедничка надворешна и безбедносна политика. Немањето услови истата да се формулира е еден од главните хендикепи на Брисел. Како што покажа и случајот со Украина, тоа неизбежно ќе имплицира  постојана и зголемена не само безбедносна туку и политичка зависност од Вашингтон. САД, пак, од своја страна, тоа максимално (ве)ќе го искористуваат наметнувајќи приоритетна реализација на сопствените интереси.

Распадот на Југославија и војните кои следеа беа кристален доказ за неспособноста и нефункционалноста на Унијата. Украина само го потврдува истото. На ЕУ му е најмалку потребна конфронтација со Русија. Нестабилноста на Украина, која може да води дури и до распад на земјата е развој кој во добар дел ќе го имобилизира и маневарскиот простор на Брисел. Може слободно да се заклучи дека во овој случај, Унијата работи во корист на сопствена штета.

Без дилеми можеме да тврдиме дека обединувањето на Европа е епохален и историски чин. Истата квалификација, целосно важи и за воведувањето на еврото, и покрај сите недоследности, непринципиелности и други грешки направени во реализацијата на овие два мега проекти. Ако сака да задржи макар мал дел од својата улога која со векови ја играла на светската сцена, Европа мора да се обединува. Тоа е универзален процес, кој не смее да се игнорира. Никој не може да опстане сам, колку и да е голем или развиен. Случајот со Кина, во минатото, е најдобар доказ за тоа.

Неспорно е дека ЕУ и еврото се цивилизациски дострел. Истовремено, меѓутоа, може да се констатира дека моделот на обединување не е ниту сосема целесообразен, камоли оптимален. Европа не може да биде обединета ако тоа не е од Урал до Атлантикот, ако не е вклучена и Русија. Паралелно, начинот, на кој функционира Унијата, по многу што е несоодветен на реалните потреби. Често, место да се решаваат проблемите, Брисел додатно ги комплицира. Примерот со Македонија, не е единствен.

На крајот, да се обидеме да направиме и компарација на настаните во Украина со политиките на Запад кон Македонија.

Во украинското сценарио, многу лесно може да се прочита и нашата, македонската приказна, иако навидум немаат никакви сличности. Сепак, многу јасно може да се согледа дека се работи за исто сценарио.

Начелно, сличности нема. Генералните рамки се сосема различни. Проектите се неспоредливи. Арно ама, ако се копа малку подлабоко, вчудовидувачки ќе се согледа дека многу слично сценарио, ако не и истото, се спроведува и во Македонија. Откако, во 2001-та, не успееја обидите со оружје да се растури земјата, се игра на картата на внатрешната поделеност. Сега, сите сили се концентрирани - целта да се постигне од внатре. Реализатор на проектот повторно е ЕУ, иако, и овде, главни се интересите на САД, кои стојат зад сите блокади, уцени и ултиматуми, со кои е соочена земјата. Исто како и во Украина. За членство во ЕУ, земјата се присилува на судбоносни одлуки, со многу понепристоен услов, отколку во случајот на Киев. Цената е прекрстување и разнебитување на Македонците. За да се постигне тоа, се мобилизираат истите лидери на Албанците, кои во 2001-та се обидоа со војна да наметнат неприфатливи и за целиот регион опасни решенија. Демек тие (малцинството), сакаат да влезат во НАТО и ЕУ ама другиот дел (мнозинството) треба да плати неразумна цена. Единствена суштинска разлика е што во Украина постои и трет, исклучително важен играч, Русија, а Македонија е оставена сама.

Украина ја растурија. Во Македонија не смеат да одат толку далеку, иако нема трет играч. Стравот ќе ги спаси Македонците од разнебитувањето. Ако продолжат со далинско манипулирање на Албанците, за растурање на земјата, тоа неизбежно ќе води во нова балканска војна. Таков залак би бил преголем за сите и тоа ја чува Македонија. Основна задача на македонската политика и дипломатија е што поскоро свеста за тоа да се промовира кај сите важни западни фактори. И не само кај нив. По Украина, нема никакви пречки Русија повторно да ја игра улогата на Балканот која со векови ја имала. Нема веќе потреба  да се избегнува регионот каде, по распадот на Југославија, доминираат САД. Конфронтацијата започна. Да се надеваме дека, овој пат, Москва ќе води сметка и за интересите на Македонија и на Македонците, што не беше баш често случај во минатото.

На потег се, сепак, Македонците. Не треба да седат со скрстени раце туку максимално да се ангажираат за да успеат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња