Кон Втора Студена војна?

Фотографија од слободни извори

Фотографија од слободни извори

Дебатата во меѓународните политички, економски, ама и академски кругови не започна со кризата во Украина. Таа веќе извесно време е присутна, кога поинтензивно, кога помалку интензивно.

Но, последниов период е исполнет со страв: „сеништето на Втората Студена војна лебди над Европа“, да го парафразираме Маркс. Клучната претпоставката во ваквата теза е онаа дека крајот на (сега можеме да ја начереме Првата) Студена војна е проверлив факт. Четврт век подоцна за младата популација тоа е некое дамнешно време, времето на нивните родители и баби и дедовци, кои сега гласно евоцираат спомени, кои за нив немаат некоја поголема конкретна вредност. Неодамна помлада колешка која предава Меѓународни односи ми се пожали на резултатите од усмениот испит и слабото знаење на студентите. Беше на работ на очај, ама сепак низ смеа која не можеше да ја задржи, ми раскажа анегдота: еден неподготвен студент добил прашање за карактеристиките на Студената војна, а таа сакајќи да му помогне, му поставувала потпрашања со кои сакала да го наведе да се сети. На прашањето „кога се случила Студената војна“, момчето си ја пробало среќата и „испукало“ одговор „во студениот период од годината“.

Студената војна II доживува ренесанса таму каде што, всушност, и беше нејзиниот епицентар - во Европа, а се шири со посредство на меѓународните медиуми и предизвикува бранувања, од кои некои профитираат, а некои - не.

Повозрасните, а и пообразованите, сепак нема да направат таква грешка: едноставно се како започна Студената војна и како таа заврши, се „знае“ дека крајот настапи кога светот излезе од биполаризмот, кога судирот помеѓу двата идеолошки и воено-политички блокови се оконча со уривањето на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија и дисолуцијата на поранешниот Советски сојуз. Мнозина ќе признаат дека оптимизмот беше претеран, дека ниту се искористи т.н. мировна дивиденда, ниту настана „крајот на историјата“, како што очекуваше Фукујама. Но, малкумина ќе признаат дека крајот на Студената војна настана повеќе во умовите, во парадигмите кои истражувачите побрзаа да ги исковаат, отколку во реалноста. Синтија Енло, умна професорка и теоретичарка на феминизмот, уште одамна изјави дека Студената војна немала еден крај, туку повеќе (и тоа различни) завршетоци, зависно од тогашната позиција на актерите во светот. Импликациите од Студената војна, дури и во нејзиниот зенит, се чувствуваа различно на различни меридијани. Суштинските прашања, се чини, беа ретко и поставувани: дали наследството на Студената војна е надминато, односно колку навистина се променија односите во меѓународната сфера? Дали периодот од 1989 година до денес може да се означи како меѓу(студено)воен период, дали беше само увертира во еден мултиполарен свет, кој веќе нема да биде поделен помеѓу две суперсили, туку ќе има повеќе центри на економска, политичка, културна и воена моќ? „Униполарниот момент на САД“ почна да бледнее - иако, приказната за тоа дека САД се економски најмоќната држава на светот одамна е заснована на мит, а не на факти. Растегнувањето на воените сили со зголемувањето на воено-империјалните интервенции под превез на либерален интервенционизам, се враќа како бумеранг и ги погодува најниските социјални слоеви во оваа голема земја. Русија се оправи од шок-терапијата во транзициониот период (вклучително, јакнењето на чувството на национална гордост, воениот комплекс и економската моќ, особено во енергетиката). Но, заедно со растот на Русија како моќна светска сила, до промени дојде и на други континенти (земјите на БРИКС).  

Ситуацијата во Украина е исклучително сложена, а тоа за нас, со нашето југословенско искуство, е повеќе од јасно и застрашувачко од аспект на можните последици по однос на можните цивилни жртви и деструкција. 

Наводниот крај на Студената војна го виде распуштањето на Варшавскиот пакт и распаѓањето на СССР. Но, политиката на сила (сега надополнета со лажен морален кредибилитет на „победникот“) и нуклеарната пролиферација (и постоечкиот потенцијал да се уништи светот, за што порано се користеше кратенката МАД - Mutual Assured Destruction - што во англиското буквално значење има дополнителна порака. Глобалната милитаризација и битката за задржување на сфери на интерес останаа речиси недопрени. Она што стана новина се огледува во масовното производство и трговија со мало и лесно оружје, кое доби третман на средство за масовно уништување по бројот на цивилни жртви. „Пазарот“ едноставно беше создаден и цвета(ше) со зголемувањето на бројот на внатре-државни конфликти. Штом има пазар, има и профит, за кој се погрижија приватни воени и безбедносни компании (т.е. приватизација на безбедноста). Патем, една од најозлогласените американски првитани фирми, веќе доби бизнис понуда од новата украинска влада. Нештата добија нови имиња, новата терминологија ја истурка старата. Така, претседателот Буш побрза да каже дека војната во Авганистан беше првата војна на 21 век, и со тоа сакаше да испрати порака за изменетиот карактер на војните, кои веќе не се водат само со фрлање бомби, туку и со фрлање леб од воздух. Претседателите на САД и Русија почнаа да се дружат, да си намигнуваат, па и дошепнуваат на светските самити. Почнаа да зборуваат за глобални теми и транснационални закани за кои се потребни мултилатерални потфати, а интервенцијата на ООН во Првата Заливска војна - иронично, ама - беше своевиден „меден месец“ на поранешните ривали, особено во рамките на Советот за безбедност. Како и секој меден месец, и овој беше премногу кус, а и презашеќерен за да ја открие вистинската слика за одржливоста на врската меѓу партнерите. 

Демони и ангели
Македонија живее во црно-бел свет, односно свет во кој постојат само демони и ангели, и тоа не само во контекст на домашната политичка сцена. Ваквата призма доминира и во контекст на меѓународните односи и на кризните жаришта.

Ситуацијата во Украина е исклучително сложена, а тоа за нас, со нашето југословенско искуство, е повеќе од јасно и застрашувачко од аспект на можните последици по однос на можните цивилни жртви и деструкција. Југославија беше можна само во услови на Студена војна, а се чини и Украина е можна само доколку престане битката околу нејзиното интегрирање по цена на дезинтегрирање. Тој проблем ќе го оставиме за друга дебата, бидејќи овде фокусот е повеќе на она што (не) се случува на глобален план, во вид на Втора Студена војна. Интересно е дека медиумите, и генерално реториката во јавниот дискурс, се вратија на биполарното мислење, во исклучивоста и поедноставување на нештата за да бидат поедноставни за да се „проголтаат“ од пошироката јавност која треба да даде поддршка за потезите кои следуваат. Комуникацијата помеѓу ривалите околу украинскиот случај се одвива преку „имиџот на непријателот“, па така во карикатурите се враќаат ликовите на Големата мечка (Русија) и Чичко Сем кои се обидуваат да го заграбат светот. Секој се обидува да го прикаже другиот како лош, недостоен и неспособен за цивилизирано однесување. Дехуманизацијата на другиот е најлесен начин за обезбедување масовна поддршка за милитантна политика и за опресија. Потребата од непријател е заедничка кај елитите, кои на таков начин обезбедуваат и внатрешна хомогенизација и потиснување на секој обид од поинакво гледање на нештата: кога силниот непријател чука на врата, домашните кавги треба да замолкнат! Леснотијата со која се возобнови ваквиот дискурс (вклучително и во македонското општество, кое официјално молчи, ама неофицијално по кафеани жестоко се дискутира кој е во право - Путин или Обама), укажува на тоа дека наследството на Студената војна било само малку потиснато, но секогаш присутно. Или како што тоа убаво во едно интервју го опишува уметникот Евгениј Фикс: најголемата погрешна претстава за Студената војна е дека таа завршила и дека живееме во нова епоха! Овој уметник е еден од иницијаторите на проектот „Споменик за победата во Студената војна“, кој не е обид за откривање на тоа кој бил победник, а кој поразен, туку претставува обид да се разговара за минатото и да се тестира тезата за културниот и политичкиот статус на наследството од Студената војна. Проектот отпочнат пред неколку години беше во вид на меѓународен натпревар за комеморативни уметнички дела. Појдовната премиса е дека повеќе од две децении Берлинскиот ѕид се одржува како обележје на студеновоената ера, а како споменик настана во моментот на сопствената деструкција. Неговото одржување како споменик, според авторот на овој проект кој две децении живее и твори во Њујорк, е дека Ѕидот ја симболизира одржливата геополитичка имагинација за конфликтот како линеарен, бинарен и како нешто што има почеток и крај, а самиот Ѕид ја замрзнува во времето кулминацијата на (сега веќе историзираниот) наратив за спротивставените империи на Истокот и Западот.

Синтија Енло, умна професорка и теоретичарка на феминизмот, уште одамна изјави дека Студената војна немала еден крај, туку повеќе (и тоа различни) завршетоци, зависно од тогашната позиција на актерите во светот.

Светот е многу посложен од црно-белата и поедноставена слика за подеми и падови, за смена на епохи, па така и за Студената војна. Во овој меѓупериод, до појавата на јасниот дискурс за Втората Студена војна, таа и натаму егзистираше со многу помал профил, во обландата на низа „нови“ концепти, и тоа почнувајќи од блиско-источната географија на држење до наративната структура на холивудските приказни за добрите и лошите момци и за доброто кое секогаш победува  „точно на пладне“. Студената војна никогаш вистински не заврши за Куба и многу делови на Латинска Америка, а веста за нејзиниот крај едвај и да допре до Пјонгјанг и Сеул. За мнозинството од светската популација, кое се уште умира од глад, нечиста вода, излечиви болести и сл. - таа вест е тотално бесмислена. Студената војна II доживува ренесанса таму каде што, всушност, и беше нејзиниот епицентар - во Европа, а се шири со посредство на меѓународните медиуми и предизвикува бранувања, од кои некои профитираат, а некои - не. Пред да се донесе дефинитивен заклучок за тоа дали навистина се наоѓаме пред нова војна, пред Студена војна II, добро е да се потсетиме дека и Студената војна со сиот нејзин категриијален апарат беше само смоквин лист зад кој се криеја многу постари поделби и конфликти.        

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња