5 древни артефакти пронајдени во Русија

Russia Beyond (Photo: Ермитаж; Историски музеј)
Мочуришен тотем постар од египетските пирамиди, тепих со крупен бод на кој се фрлале зарови, камена жена чија уста ја мачкале со крв, златен елен и елегантни сфинги - сите овие артефакти зборуваат многу за древните луѓе кои некогаш живееле на територијата на Русија. За вас ги одбравме најинтересните меѓу нив.

1. Тотем од Горбуновското тресетиште (IV-III милениум п.н.е.)

Една од најстарите дрвени фигури во Сибир е откриена во 1930-тите во Свердловската област. На брегот на плитко езеро се пронајдени остатоци од древна населба. Меѓу предметите за домаќинство имало и пет фигури од борово дрво, високи 1-1,5 метри, вкопани во дното на езерото. Тие ги претставувале духовите-чувари на мочуриштето на кои им се принесувале жртви.

2. Стела со ликот на божеството Сонце (прва половина на II милениум п.н.е.)

Овој редок артефакт е пронајден во близина на Црното езеро на југот на руската република Хакасија. На стелата е прикажано божеството Сонце, кое се поврзува со култот на плодноста. Древното население на Јужен Сибир го обожувало: му принесувале жртви и му ја мачкале устата со животинска крв или маст. А ако „камената жена“ не помагала во ловот, била казнувана со камшикување.

3. Костромски елен (VII век п.н.е.)

Крупен златен украс во вид на фигура на елен го красел „горитот“, т.е. футролата со лак и стрела на скитски воин. Овој артефакт е класичен примерок на скитскиот анимален стил. Пронајден е во 1897 година за време на ископувањата на територијата на левиот брег на реката Кубање, во близина на населбата Костромскаја (денешн Краснодарски крај), на околу 77 километри од Мајкоп (руска република Адигеја). Костромскиот елен е еден од симболите на Ермитаж.

4. Пазирички бушав тепих (V-IV век п.н.е.)

Најстариот зачуван тепих со крупен бод во целиот свет е пронајден во 1949 година во руската република Алтај при ископувањето на Петтиот Пазирички курган, на местото каде што бил погребан водач на номадските народи. Историчарите полемизираат за потеклото на артефактот. Тоа може да биде ран туркменски, праерменски, персиски или асирски. А според намената можел да претставува подлога за игра со фрлање зарови.

5. Нараквица со протома (биста) на сфинга (IV век п.н.е.)

На полуостровот Крим, во близина на Керч, во 1830 година случајно била откриена скитска гробница на курганот Кул-Оба. Керч некогаш бил грчкиот град Пантикапеј, главен град на Босфорското кралство кое постоело од V век п.н.е. до VI век од нашата ера. На полуостровот живееле и Скитите и имале блиски односи со ова кралство. Нараквицата очигледно била направена од грчки златари.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња