10 најпознати театри во Санкт Петербург

Михајловски театар

Михајловски театар

Stas Levshin (CC BY-SA 4.0)
Да се биде во северната престолнина, а да не се посети некој од нејзините театри речиси се граничи со невозможното. Ве запознаваме со најпознатите театарски сцени.

1. Мариински театар

Овој театар годинава слави 240 години постоење. Театарот е основан со указ на Екатерина Велика во 1783 година. Камената зграда (тогаш се нарекувал Бољшој театар) е подигната на Театралниот плоштад. Во тоа време бил најголемиот театарски простор во Европа во кој дворската трупа изведувала оперски, балетски и драмски претстави. Токму тука е одржана и премиерата на „Иван Сусанин“ на Катерино Кавос, една од првите руски опери, како и делата на Глинка „Живот за царот“ и „Руслан и Људмила“, а Мариус Петипа дебитирал како кореограф. Во театарот настанале ремек-дела како што се „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ на музика на Чајковски. А, во 1862 година изведена е „Моќта на судбината“- опера на Џузепе Верди напишана за овој театар.

Во 1866 година театарот е преселен во нова зграда и станал „Мариински“, во чест на императорката Марија Александровна, сопруга на Александар Втори. На сцената на овој театар брилирале Ана Павлова и Матилда Кшешинскаја, Вацлав Нижински, Михаил Баришников и Рудолф Нуреев. Со балетската сцена денес суверено господарат Дијана Вишњова, Екатерина Кондаурова, Викторија Терјошкина, а меѓу оперските ѕвезди неизоставни се Ана Нетребко, Хибла Герзмава, Василиј Герело и Илдар Абдразаков.

2. Големиот драмски театар (Большой драматический театр)

Еден од првите советски театри отворен е во 1919 година на предлог на Максим Горки и на актерката Марија Андреева. Првата премиера била „Дон Карлос“ на Шилер. На почетокот на претставите работеле поетот Александар Блок и ликовните уметници Мстислав Добужински, Борис Кустодиев и Александар Тишлер.

Повеќе од триесет години на чело на театарот беше Георгиј Товстоногов. Освен што на театарот му даде нов живот, публиката мошне необично го засака овој театар. Рамо до рамо со класиците како „Варвара“ на Максим Горки на репертоарот беа и „лирските „Вечери“ на Александар Володин или „Езоп“, заедно со „Идиот“ на Достоевски.

3. Михајловски театар

Зградата на театарот е вистинско олицетворение на храм на уметноста. Однадвор е сведена и строга, додека ентериерот плени со царски луксуз. Не е случајно изградена во близина на Михајловскиот замок, резиденција на великиот кнез Михаил Павлович. Во театарот настапувале Јохан Штраус, Лусијен Гитри, Фјодор Шаљапин и Сара Бернар. По револуцијата наместо оперети на репертоарот се најдоа опери, па тука се одржани премиерите на „Лејди Магбег од Мценскиот округ“ и „Војна и мир“.

Денес во театарот се изведуваат класични балети и кореографии на Начи Дуато и Михаил Месерер, опери во режија на Ерик Вижје и на други автори.

4. Балетскиот театар на Борис Ејфман

Основачот на овој театар го карактеризира театарот како длабоко религиозна уметност. Специфичниот јазик на Борис Ејфман му донесе на театарот меѓународна препознатливост и углед. Тој создаде театар на спојот на руската класична школа и балетската авангарда, нарекувајќи го „танц на емоциите“.

Актерите на овој театар со својата игра не доловуваат само импресивни слики, туку и промислуваат најдлабоки прашања на универзумот. Репертоарот е базиран на литературната класика, па тука можат да се видат или да се даваат „Ана Каренина“, „Руски Хамлет“, „Пигмалионов ефект“, „Галеб“.

5. Александрински театар

Прв директор на првиот јавен театар во Русија за „прикажување трагедии и комедии“ што го основала императорката Елизавета Петровна во 1756 година бил драмскиот писател Александар Сумароков, а уметнички раководител познатиот актер Фјодор Волков. Токму тука е одржана премиерата „Од умот си страдаме“ на Грибоедов и „Борис Годунов“ на Пушкин, а во февруари 1917 година на сцената на театарот е прикажана „Маскарада“ во режија на Всеволод Мејерхољд и Александар Головин.

Денес на репертоарот има руска класика, документарни парчиња за Александринскиот театар за време на блокадата на Ленинград или за блажена Ксенија Петроградскаја, како и аудио-визуелни и звучни проекти.

6. Мал драмски театар – Театарот на Европа

Историјата на овој театар е поврзана пред сѐ со името на Лев Додин кој стана главен режисер во 1983 година и уметнички раководител во 2003 година. Меѓународен углед на театарот му донесе специфичниот авторски јазик.

Од 1988 година паралелно со миланскиот театар Пиколо и со парискиот Одеон има статус на Театар на Европа. На репертоарот се наоѓаат Шекспир, Чехов, Тургенев, Достоевски, Окуџава и други големи имиња.

7. Драмски театар „Комисаржевскаја“

Основан е за време на блокадата на Ленинград, во октомври 1942 година. Градскиот театар или како што тогаш се нарекувал „Блокаден“, поради опсадата на Ленинград, без оглед на страшните услови кај своите гледачи ја крепел силата на духот. Повеќе од педесет години го носи името на актерката Вера Комисаржевскаја.

Денес репертоарот се засновува на различни режисерски пристапи, авторско читање на класиците и драматургија на новиот бран.

8. Театар на музичката комедија

Еден од највеселите петербуршки театри започнал со оперети и со комични опери. Во триесеттите години од минатиот век тука создавале композиторот Исак Дунаевски и кореографот Касјан Голејзовски. А, во годините на блокадата Музичката комедија била единствениот театар кој не бил затворен и кој работел сите 900 дена.

На репертоарот се класични и современи руски и западни оперети и мјузикли, од „Склупца“ според Агата Кристи до „Петар Први“.

9. Балетски театар „Леонид Јакобсон“

Во Советскиот Сојуз неговото основање во 1966 година беше нешто дотогаш невидено, со оглед на тоа што на репертоарот имаше исклучиво балет. Основачот Леонид Јакобсон играше на сцените на Мариински и на Бољшој тетар. Останувајќи во рамките на класичниот балет, создаде свој карактеристичен стил.

Денес тука можат да се видат класични и современи претстави од на сите омилената „Оревокршачка“ до изведби во авторска кореографија на Јакобсон.

10. Санктпетербуршки театар „Ленсовет“

Историјата на театарот на најдобар можен начин ја илустрира бурната историја на земјата во дваесеттиот век. Со работа започнал во 1933 година, успевајќи да ја преживее борбата против мејерхољдштината (прв уметнички директор бил неговиот ученик Исак Крол), создавачка потрага по нова форма и создавање репертоар што е составен од парчиња современи советски и странски драмски писатели.

На чело на театарот на почетокот од веков дојде режисерот Јуриј Бутусов, заслужен за препознатливото лице на театарот свртено кон дијалог со гледачот за местото на човекот во светот. Во широкиот дијапазон претстави, можат да се видат постановки на „Ревизор“ од Гогољ до „Господинот од високото општество“ на Џулио Скарничи и Ренцо Тарабузи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња