5 факти за Елизавета Петровна, последната владетелка на Русија која била Романова „по крв“

Портрет на Елизавета Петровна, дело на Шарл Андре Ван Ло

Портрет на Елизавета Петровна, дело на Шарл Андре Ван Ло

Ќерката на првиот руски император владеела со земјата 20 години во текот на еден од најтешките периоди од нејзината историја. Но, тука ќе зборуваме пред сѐ за цртите на нејзиниот карактер.

На 6 декември 1741 година Елизавета на чело на гренадирот на Преображенскиот полк се упатила во Зимскиот дворец. Откако излегла од санката на Адмиралтејскиот плоштад, одвај се движела низ длабокиот снег. Тогаш припадниците на гардата ја кренале принцезата на рамена и ја внеле во дворецот. Така започнало нејзиното владеење.

1. Како и Петар, Елизавета сакала да биде Европејка

Елизавета Петровна

„Принцезата Елизабет Петровна повеќе зборува германски, одошто руски“, ова сестрата на Петар Велики и тетката на Елизавета Наталија Алексеевна го запишала во 1713 година. Малата Елизавета, која ја научила германската азбука на 3 години, на четири му се обраќала на германски на семејството, на гостите и на слугите. На дванаесет години добро зборувала француски, а на шеснаесет го владеела како мајчин. Елизавета, како и нејзиниот татко, била мошне отворена кон сѐ што е странско и сакала самата да разговара со странските амбасадори и со гостите.

Како и нејзиниот татко, Елизавета Петровна многу внимание обрнувала на развојот на образованието во Русија. Токму за време на нејзиното владеење обновен е статутот и правилникот на Академијата на науките, отворен е Московскиот универзитет (1755) и Императорската академија на уметностите (1757). Комплетната реформа на руското образование, која веќе била предмет на завршни разгледувања на царицата и на високопоставени лица, ја спречила смртта на Елизавета Петровна во 1761 година.

2. Понекогаш имала „народски“ манири

Ана Петровна и Елизавета Петровна

Во триесеттите години од 18 век Елизавета, кога имала 21 година, според тестаментот на својата мајка требала да го наследи престолот по смртта на Петар Втори. Но, престолот го зазела Ана Ивановна, нејзината братучетка. Елизавета на почетокот од триесеттите години заминала во Москва, каде што живеела во царското село Покровское-Рупцово, покрај денешната метро-станица „Електрозаводскаја“, на брегот на реката Јауза. Тука до денес се наоѓа дрвениот дворец обновен по нејзин налог во 1733 година. Додека Елизавета престојувала таму, многу време минувала со дворските селани, дури и играла со нив народни танци и пеела песни.

Во Москва исто така се навикнала на стариот обичај на московските принцези, на „чешкање на петите“ (старинска масажа на стапалата) пред спиење. Кога веќе станала царица, и понатаму сакала угледните дами од петербуршката елита пред спиење да ѝ ги „чешкаат петите“.

Освен тоа, според сеќавањата на современиците, Елизавета Петровна била сентиментална и побожна, но во исто време страдала од настапи на гнев. Историчарот Казимир Валишевски ја пренесува оваа легенда: „Една Лопухина (Наталија Фјодоровна Лопухина 1699-1762, дворската дама на царицата), позната по својата убавина, поради што царицата ѝ била љубоморна, наумила, од лекомисленост или како некој вид предизвик, да се појави со ружа во косата кога царицата во косата носела иста таква ружа. Среде балот Елизавета ја натерала да клекне, наредила да ѝ донесат ножици, ѝ ја отсекла проклетата ружа задно со праменот коса за која била прицврстена и, откако ѝ удрила на престапничката две шлаканици, продолжила да танцува. Кога ѝ рекле дека кутрата Лопухина се онесвестила, ги кренала рамената и рекла: Така ѝ треба на глупачката!

3. Елизавета си ветила дека за време на нејзиното владеење нема да има погубувања

Елизавета Петровна

Според една легенда, Елизавета пред да оди во касарната на Преображенскиот полк, му се помолила на Бога и се заколнала дека, ако дојде на тронот, за време на нејзиното владеење нема да биде донесена ниту една смртна пресуда. Формално било така, но тоа не значи дека нејзините казни биле милостиви. Споменатата Лопухина, на пример, во 1743 година поради учество во завера против царицата била камшикувана, откинат ѝ бил јазикот и прогонета е на Сибир.

Освен тоа, токму во времето на Елизавета обновен е работниот логор во заливот Рогервик, во кој се сместувале оние на кои според законот им следувала смртна казна. Тука, работејќи во нечовечки услови, поголемиот дел затвореници умирале за само неколку месеци.

4. Обожавала да се кити и да се дотерува

Фустан на Елизавета

Елизавета Петровна, како и нејзиниот татко, ја диктирала модата во високото општество. Строго водела сметка за тоа на официјалните балови при дворот угледните дами да се појавуваат секогаш во нови фустани, што за дворот значело огромни издатоци. Според процените, во нејзината гардероба имало од 8 до 15 илјади фустани, и таа заземала цела огромна сала во Зимскиот дворец. По смртта на царицата овие фустани им биле подарени на манастирите и на црквите.

Кочијата на Елизавета

Од доаѓањето на Елизавета на власт па до 1750 година во дворот вообичаени биле „метаморфозите“, кога мажи се појавувале во дамски фустани, а дамите во машки одори. Самата царица се преправала во холандски морнар, во мускетар, во козак. Исто така смислувала костими за трупата на својот дворски театар кој бил нејзина страст во педесеттите години на 18 век. Трупата на Фјодор Волков, кој се стекнал со театарско образование под покровителство на Елизавета Петровна, во 1756 година станал прв официјален театар во земјата.

5. Била побожна и пеш одела на аџилак

Императорката во Царкое село

Елизавета Петровна била мошне побожна и сметала дека е нејзина должност да оди на аџилак во древните манастири во старата престолнина: Савино-Сторожевски, Новоерусалимски манастир, Троица-Сергиева лавра. Казимир Вишневски запишал: „Одејќи пеш на патувања, вложуваше недели, а понекогаш и месеци во тоа да мине шеесет врсти кои го делеа познатиот манастир од Москва. Се случуваше, кога ќе се измореше, да не може пеш да ги мине последните три-четири врсти до станицата, каде е наредено да се изгради куќа и каде одмораше по неколку дена. Таа во тој случај до станицата одеше со кочија, но следниот ден кочијата ќе ја вратеше на местото каде што го прекинала пешачењето“.

Елизавета Петровна многу се занимавала со црковни работи. Токму за нејзиното владеење завршен е преводот на Библијата на руски јазик, започнат уште во времето на нејзиниот татко. „Елизаветината Библија“ од 1751 година и денес со незначителни измени се користи во богослужбите на Руската православна црква.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња