5 книги за магија кои биле забранети во Русија

Russia Beyond (Третјаковска галерија; Нижегородски државeн музеј на уметностa; Wikipedia / Shakko)
Тие книги на времето биле користени за предвидување на иднината. Православната црква, се разбира, ги третирала како демонска литература.

Првиот таков ракопис во Русија бил преведен од грчки и се појавил во составн на Свјатославовиот изборник од 1073 година. Содржел имиња на 29 апокрифни текстови, т.е. „тајни“ текстови на христијански теми во кои се извртуваат и „дополнуваат“ разни делови од Библијата. Тие текстови не биле користени за гатачки и магични цели.

Почнувајќи од XIV век, во Русија се појавиле книги со кои се предвидувала иднината на народите и судбината на одредени луѓе. Сите тие биле забранети на Стоглавиот собор на Руската православна црква во 1551 година. Повеќето од тие книги не се зачувани, бидејќи штом ќе се нашла некоја од, веднаш се палела како еретичка литература. Но, нивната содржина ни е позната од одредени пасуси.

„Рафли“

Страница на Раѕивиловскиот летопис. Во долниот десен агол можат да се видат геомантички фигури нацртани при прорекувањето на иднината со помош на „Рафли“.

Најпознатата книга за гатање била „Рафли“. Името потекнува од арапскиот збор „raml“ кој значи прорекување на иднината според знаци настанати кога ќе се фрли шака земја или песок. За гатањето требало без гледање да се направат 16 редови точки, а потоа да се спојат по формулата наведена во книгата. Така се добиваат различни „цртежи“, односно фигури од кои секоја имала свое име, на пример: „Пат“, „Храм“, „Збор“, „Младич“, „Завивање“, „Црвен“, „Глава“, „Сурла“.

Таквата шема за гатење се викала „суд“. Тоа може да се види на страната на Раѕивиловскиот ракопис. Препишувачот, изгледа, во одреден момент се уморил и решил малку да ја „испита“ иднината.

Значењето на конкретните „цртежи“ е објаснето во „Рафли“ во зависност од тоа во која „куќа“ се наоѓале тие цртежи во рамките на шемата. „Куќите“ се поврзувале со сфери или појави од животот: „Душа“, „Стока, пари, слуги“, „Брат, сестра“, „Татко“, „Син, ќерка“, „Немоќ“ и други.

Табела од книгата „Рафли“.

Така според „Рафлите“ се гатало до XVIII век и покрај сите забрани. Во XVIII-XIX век овој комплициран начин на гатање излегол од мода, па „Рефлите“ продолжиле да се шират како голем текст со квадратчиња во кои требало да се фрлат семки или зарови. Заедно со квадратчињата на кои се фрлал зарот имало објаснување: најпрво текст од псалмте или сцена од Евангелието и соодветното толкување.

„Шестокрил“

Шаховски фигури и коцки од XVI и почетокот на XVII век. Експонати на Московскиот музеј за историја и реконструкција.

Оригиналот на оваа книга го направил во 1356 година еврејскиот учен Имануел Бен Јакоб Бонфилс (1300-1377), кој живеел во францускиот град Тараскон. Книгата се викала „Орелски крилја“ или „Шестокрил“ (асоцијација со шесткрилите серафими). Имала шест дела. Тоа биле астрономски табели со чија помош можеле да се претскажат помрачувања. 

Во Русија, оваа книга се појавила во текот на 1470-тите. Ја превел и адаптирал еврејскиот учен Захарија Скарија, кој во Новгород дошол од Киев. Во Русија се пронела неговата мрачна слава низ приказната дека „тој беше орудие ѓаволско, научен да твори секакви злосторнички изуми: вражбини и магии, гатање според ѕвездите и астрологијата“, како што го карактеризирал теологот Јосиф Волоцки во книгата „Просветител“. Скарија ги преведувал на руски делата на еврејскиот научник Мојсеј Мајмонид и ги ширел, така што станал основач на таканаречената „ерес на жидовствујушчите“.

Поддржувачите на таа ерес влевале страв токму со тоа што со помош на „Шестокрилиот“ за точно да кажат кога ќе има полна месечина, млада месечина или следно помрачување на Сонцето или Месечината. Некои современици сфаќале дека „Шестокрилот“ се состои од обични астрономски табели и воопшто не станува збор за некаков трактат за магија. Новгородскиот архиепископ Генадиј го напишал следново: „Шестокрилот... е земен од астрономијата како што се зема капка од морето“ и бил наменет „за прелеста на гатањето со помош на ѕвездите“.

Но, книгата сепак била забранета, бидејќи суеверните и слабо образованите луѓе мислеле дека со такво нешто може да се повика ѓаволот. Тие се плашеле од „маговите“, внимавале на нивното делување и им дојавувале кнезовите, им ги одземале книгите и ги палеле, а „волшебниците“ ги осудувале на смрт.

„Волховник“ (волшебник)

„Походот на кнезот Игор“, 1942, Николај Рерих

Не е зачуван целосен примерок од книгата „Волховник“. Познато е само дека постоела голема збирка толкувања за секоја пригода. „Волховник“ бил поделен на поглавја кои понекогаш биле препишувани во вид на посебни книги. Во главите „Вранограј“, „Куроклик“ и „Птичник“ имало гатање засновано на повиците на враните, кокошките и петлите, и по летот на разни птици. „Сносудец“ бил соновник. „Патник“ содржел толкувања на одредени моменти при случајни средби. „Зелејник“ имал поглавја „Травник“, „Цветник“ и „Лечебник“ и содржел гатања по билки и начини на лекување со нив.

Многу познат дел од „Волховник“ бил „Трепетник. Во него било објаснето што значи кога окото игра или некој дел од телото чеша. Зачувани се делови од тој текст: „Ако на темето почувствуваш трепет, тогаш тоа значи добивка“. „Ако се почувствува треперење во близина на левото око, ќе се случи нешто тажно“. Во таква форма биле толкувани слични појави поврзани со сите делови на телото. Пиштењето во левото уво значело дека доаѓа „мисловна жал“, а грчењето во левото рамо било знак дека ќе има „лутина и кавга со своите, или кавга со туѓинец во разговор или на пат“ и така натаму.

Токму од „Трепетник“ дошол до наше време еден „лош знак“: ако чувствуваш дека ти горат ушите, значи дека некој те озборува.

„Громник“

„Громници“ или „Громовници“ биле списоци на значења на појави поврзани со невреме - објаснувале што би се случило доколку одреден месец од годината биде „заокружен“ со бури, т.е. доколку има силни врнежи со грмежи на самиот почеток и на самиот крај на месецот. „Громниците“ објаснувале како од тоа може да зависи однесувањето на добитокот или жетвата, како и големите неволји како епидемии, урагани, војни и суша.

Еве фрагмент од еден „Громобник“: „Месецот март е опкружен, значи дека ќе има многу вода, месецот април е опкружен - ќе има војна, мај - ќе има голема војна, септември - ќе има суша, октомври - ќе има многу жито, ноември - ќе настапи глад, декември - ќе има многу снег, јануари опкружен - ќе има големи мразови, февруари – ќе завојуваат моќни цареви и кнезови од исток до запад“.

„Чаровник“

„Во близина на Савино-Сторожевскиот манастир“, 1880-ти, Исак Левитан.

Најмистериозната забранета книга била „Чаровникот“. Зачуван е само нејзиниот опис. Во книгата имало 12 поглавја во кои се опишуваат 12 „претворени“ ликови на ѕверови и птици. „Претворник“ е оној кој може да се претвори во нешто друго, на пример, како врколак. Еден „водич“ низ забранетите книги го содржи почетокот на описот на првиот „претворник“: „Тој телото свое го чува мртво, лета во вид на орел, и јастреб, и гавран, и клукајдрвец и був, а трча во вид на лут ѕвер, и дива свиња и волк, лета во вид на змеј и трча во вид на рис и мечка“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња