Десет ремек-дела на советската архитектура во Москва

Legion Media
По револуцијата во 1917 година од корен се промени не само животот во земјата, туку и нејзиниот изглед. Се менуваше и Москва, на која ѝ беше вратен статусот на главен град. Во текстот што следи ве запознаваме со достигнувањата на советската архитектура.

1. Шуховата кула

Инженерот Владимир Шухов ги патентираше своите хиперболоидни мрежести конструкции уште во царско време и ги прикажуваше на серуските изложби. Првата кула беше изградена во 1898 година. Најпозната е токму оваа, висока 160 метри Шухова кула на Шаболовка (1919-1922). Изградена е за инсталација на радио, а подоцна на и телевизиски предавател. Проектот беше одобрен лично од Ленин.

2. Мавзолејот на Ленин

Првиот дрвен мавзолеј беше изграден покрај ѕидините на Московскиот кремљ во 1924 година, веднаш по смртта на Владимир Ленин. Потоа беше распишан конкурс за проектот за постојана гробница на водачот на револуцијата. Од над стотина пристигнати трудови победи проектот на познатиот архитект Алексеј Шчусев. Неговиот гранитен мавзолеј беше завршен во 1930 година. Според авторот, скалестиот споменик го симболизира фактот дека делото на Ленин живее. Денес, мавзолејот е една од главните знаменитости на Црвениот плоштад и главна трибина во Русија.

3. Домот на Народниот комесаријат за финансии

Советската власт ја поттикнуваше новата авангардна архитектура која се откажуваше од декорациите и се свртуваше кон функционализмот. Конструкциите од стакло и бетон и панорамски стакла кои можеа да одат по речиси целиот периметар на зградите, се типични за конструктивистичкиот стил. Еден од истакнатите споменици од таа ера е станбената зграда за вработените во Народниот комесаријат за финансии (министерство) на Советскиот Сојуз на булеварот „Новински“, изградена во периодот од 1928 до 1930 година. Проектот на советските архитекти Мојсеј Гинзбург, Игнатиј Милинис и Сергеј Прохоров ја претпоставуваше утописката идеја за социјализација на секојдневниот живот, заедничките ходници и становите-ќелии.

4. Московскиот Планетариум

Првиот планетариум во земјата (и до ден-денес еден од најголемите во светот) е изграден на крајот на дваесеттите години на минатиот век во Москва. Советската влада беше сериозно фокусирана на нови откритија и достигнувања. И иако летот на Гагарин во вселената ќе се случи неколку децении подоцна, интересот за астрономијата беше широко присутен и многу луѓе сакаа да ги набљудуваат ѕвездите.

Зградата е изградена според проектот на архитектите Михаил Баршч и Михаил Сињавски. Во планетариумот јавно е достапен моќен телескоп, а под куполата со пречник од 27 метри се наоѓа своевиден научен оптички театар.

5. Московското метро

Во советско време беше изграден цел подземен град со уникатна архитектура и декорација. Првата линија, која се состоеше од 13 станици, беше отворена во 1935 година. Бројните станици проектирани од најдобрите архитекти во тоа време, со гипсените дела, скулптурите, мозаиците и оригиналните светилки потсетуваат на луксузни замоци.

Станицата „Комсомолскаја“

Архитектонски споменици се и надземните павилјони на влезот во станиците подигнати низ градот. Така, на пример, влезот во станицата „Арбатскаја“ потсетува на ѕвезда, а на павилјонот на станицата „Комсомолскаја“ со столбовите има и купола со шилец, додека влезот во метро-станицата „Динамо“ е украсен со скулптури на спортисти.

6. Руската државна библиотека (Библиотеката „Ленин“)

Најголемата библиотека во земјата пред изградбата на новата зграда беше стеснета во необарокната зграда на Домот на Пашков спроти Кремљ. Изградбата од импресивни размери според проектот на Владимир Гелфрејх и Владимир Шчуко, започна во 1928 година. Главниот дел, магацинот за книги, беше завршен кон крајот на триесеттите години, а целиот библиотечен комплекс, со сите прекини за време на Втората светска војна, беше граден до педесеттите години на минатиот век. Зградата е изградена во стилот на постконструктивизмот, советската варијанта на Арт-деко. Декорацијата содржи карактеристични елементи на сталинистичката архитектура како што се столбови, пиластри, украси во вид на грбови, барелјефи и скулптури.

7. Театарот на Црвената армија

Театарот на Црвената армија започна со работа во раните 1930-ти. Се даваа драмски претстави на патриотска и воена тематика и беа одржувани концерти со пеење и танци, а имаше и посети на воени единици. Импресивната зграда во вид на ѕвезда-петокрака во која се наоѓа театарот е изградена во 1940 година. Проектот на Каро Алабјан и Василиј Симбирцев ги има карактеристичните црти на сталинистичката архитектура наклонета кон класиката, како што се столбови во антички стил на периметарот и горниот дел од зградите и огромни мозаици на плафонот.

8. Државниот Кремљовски дворец

Веднаш по револуцијата болшевиците го запоседнаа Кремљ и го направија официјална резиденција на советската влада. Новата власт безобѕирно се однесуваше во древната тврдина, уништувајќи неколку архитектонски споменици и цркви. Новата зграда во Кремљ е изградена специјално за одржување партиски конгреси. Отворена е во 1961 година на 22-от конгрес на КПСС, на кој беше донесена одлука за борба против култот на личноста.

Зградата на конгресната палата е споменик на советскиот модернизам и затоплувањето. Иницијатор на изградбата беше Никита Хрушчов, кој прокламираше напуштање на сите претерувања во декорацијата и проектирањето на зградите и преминот кон строги, бруталистички форми. Раководител на изградбата беше главниот архитект на Москва, Михаил Посохин. За да може зградата што подобро да се вклопи во ансамблот на Кремљ, мораше да се закопаат приземјето и предворјето.

9. Домот на авијатичарот

По смртта на Сталин, главна задача на советското раководство беше да го реши станбениот проблем, па тогаш започна масовната изградба на типски станбени згради, таканаречените „хрушчовки“. И во седумдесеттите години на минатиот век, кога имаше повеќе пари и можности, властите сакаа повторно да ја демонстрираат моќта на советската земја. На тој начин никнаа монолитни бетонски згради без никаква декорација кои оставаа впечаток со своите огромни димензии и нетипичната форма.

Таква, на пример, беше оваа тринаесеткатница зграда изградена според проектот на архитектот Андреј Мејерсон во 1978 година. Планот беше да се сместат и импресионираат гостите на Олимпијадата одржана во Москва во 1980 година, но на крајот таа стана станбена зграда за вработените во фабриката за авиони. Меѓу народот е позната исклучиво како Зградата на ноџиња.

Приземјето беше подигнато на ниво на четвртиот кат. Освен практичните причини, како заштита од студ и влага, имаше уште една, симболична. Зградата буквално лебдеше над земјата, а 40-те потпори-нозе изгледаат како потпори на вселенски брод.

10. Сталиновите облакодери

Главната зграда на Московскиот државен универзитет (МГУ)

По Втората светска војна, советската архитектура се одликуваше со триумфализам. Земјата која го победи фашизмот градеше објекти во стилот што сега се нарекува „сталински ампир“. Идејата за изградба на облакодери во Москва беше на Сталин лично, а заедничко им е што изградбата на секоја зграда поединечно започна во 1947 година, по повод 800-годишнината на руската престолнина. Се доградуваа подоцна, независно една од друга, во различни периоди, а некои дури и по смртта на Сталин.

Една од овие згради е Московскиот државен универзитет, друга  Министерството за надворешни работи, а останатите се хотели и станбени згради. Проектирани се од различни архитекти, а заеднички им е надворешниот изглед со карактеристичните шилци кои се насочени нагоре и истакнат централен дел. Денес облакодерите се една од главните знаменитости на Москва.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња