Што е сталински ампир во архитектурата?

Legion Media
Тоа беше прилично еклектичен стил кој комбинираше елементи и влијанија на различни уметнички правци. Но, неговите основни карактеристики беа монументалноста и помпезноста.

За време на владеењето на Сталин, раните советски архитектонски експерименти во стилот на конструктивизмот и арт деко беа заменети со строг неокласицизам. А по Втората светска војна, во втората половина на четириесеттите, овој стил прерасна во хипермонументализам, кој денес се нарекува „сталински ампир“. Земјата што го победи нацизмот ја преосмислуваше класичната уметност и се занимаваше со величење на минатото – и тоа не само во архитектурата, туку и во ентериерот, дизајнот на мебел и применетата уметност. Новиот стил требаше да ја демонстрира големината и моќта на советската земја.

Во советската ера (а особено во времето на Сталин) овој стил беше наречен едноставно „советска архитектура“. Подоцна почнаа да го нарекуваат со името на Сталин, а терминот „сталински ампир“ долго време неофицијално се користеше меѓу стручњаците. Еден од првите што го предложи беше историчарот на уметност Селим Хан-Магомедов.

Сталинскиот ампир инкорпорираше елементи од повеќето архитектонски стилови. Во него може да се најдат карактеристиките на ренесансата и класицизмот со бескрајните низи столбови, пронаос, скулптури и идеална симетрија. Свиоци и претераната декоративност на рококото и барокот, бројните бронзени детали на ампирот. Евидентно беше и влијанието на американските облакодери во стилот на арт деко. Како декоративни елементи често се користеа грбот на СССР или ѕвездата-петокрака.

Првите навестувања за нова архитектура се појавија уште во триесеттите години, а првиот проект во овој стил беше, иако нереализиран, Дворецот на Советите, кој требаше да биде изграден на местото на уништениот храм „Христос Спасител“. На конкурсот учествуваа многу угледни архитекти, но беше прифатен проектот на Борис Иофан.

Се веруваше дека иницијатор и идеен творец на повеќето згради беше лично Сталин, кој ги одобруваше сите проекти. А значајни архитекти кои можеа да насетат што се очекува од новите градби беа Лав Руднев, Аркадиј Мордвинов, Модест Шепилевски, Владимир Шчуко и многу други.

Главниот павилјон на ВДНХ

Целиот Саем на достигнувањата на националната економија (ВДНХ) беше изграден во овој помпезен стил. Секоја советска република имаше свој павилјон во кој сталинистичката архитектура беше комбинирана со национални мотиви. Таму беа изградени и џиновски фонтани. На пример, фонтаната „Пријателство меѓу народите“ се состои од скулптури покриени со злато што ги претставуваат федералните републики - јасен потсетник на царската резиденција во Петерхоф.

Фонтаната „Пријателство меѓу народите“ на ВДНХ

Во истиот стил е изградена и архитектонската група на влезот во московскиот парк „Горки“.

Главниот влез во паркот „Горки“

Зградата на Северното речно пристаниште е исто така споменик на сталинскиот ампир. Имаше посебно симболично значење, бидејќи е изградена по повод отворањето на каналот Москва-Волга, еден од најважните проекти на Сталин.

Северното речно пристаниште во Москва

Главниот симбол на овој стил го претставуваат седумте московски облакодери - проект надгледуван од Сталин лично.

Облакодерот на кејот „Котељнически“

Монументалните облакодери со шилци станаа вистински споменици на ерата на Сталин. На нивната изградба и декорација не се штедеше.

Главната зграда на Московскиот универзитет

Советските архитекти интензивно користеа орнаменти од западноевропскиот стил ампир, потекнат од Франција на Наполеон. Во СССР овој стил беше ослободен од претераната барокна накитеност, но сепак злато, гипсени орнаменти, резбано дрво и барелјефи можеа да се најдат и на фасадата и во внатрешноста на сталинските згради.

Ентериерот на хотелот „Украина“

Покрај облакодери, во центарот на Москва се градеа и станбени згради, таканаречени „сталинки“, во кои живееше советската елита. Нивните фасади се исто така беа украсувани со столбови, испакнати балкони и фигуративни венци. За вистинско ремек-дело на сталинскиот ампир  се смета, на пример, оваа станбена зграда изградена во втората половина на 1940-тите за вработените во Министерството за државна безбедност на СССР. Архитектот Евгениј Рибицки за неа доби Сталинова награда за тоа.

Москва, Земљаној вал 46

Свечениот влез во центарот на Москва го сочинуваа две полукружни згради на плоштадот „Гагарин“, завршени до 1950 година.

Плоштадот „Гагарин“

Многу станици на московското метро, ​​кои денес се нарекуваат подземни дворци, се изградени токму во овој стил. Нивните специфични црти се столбовите, барелјефите, изобилството на мозаици, како и огромните раскошни лустери.

Метро-станицата „Комсомолскаја“

Сталинскиот ампир се прошири и надвор од Москва, која, се разбира, беше неговиот главен „излог“. Во многу градови и обласни центри беа изградени станбени згради „сталинки“.

Сталинка од 1953 година во Казан

Во Сталинград, градот на воената слава, каде советската армија ја извојува една од своите најголеми победи, во центарот на градот во стилот ампир беа комплетно изградени Плоштадот на паднатите борци и околните згради: хотелот, поштата, театарот и железничката станица.

Плоштадот на паднатите борци во Волгоград (Сталинград)

Стилот ампир Сталин го избра и за свои лични потреби. Ентериерите на неговите кабинети и летниковци ги имаат сите карактеристики, иако воздржани, на помпезност: кадифени завеси со реси, мозаик во дрво, големи впечатливи лампи и многу други нешта.

Резиденцијата на Сталин во Сочи
Резиденцијата на Сталин во Сочи

Стилот „победник“, сталинскиот ампир, опстана до средината на 1950-тите и исчезна истовремено со смртта на Сталин. Во 1955 година беше донесена одлуката „За отстранување на сè што е излишно во проектирањето и градежништвото“. Архитектонските „вишоци“ во декорирањето на сталинската епоха беа подложени на критика и беше објавена нова ориентација на партијата: кон едноставноста и строгите форми. Така, монументалниот класицизам во проектирањето беше заменет со типска изградба со минимум декорација. Во средината на педесеттите наместо „сталинки“ почнаа да се градат првите „хрушчовки“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња